Марио Драги / Фото: ЕПА

Маргинализиран и игнориран предлог-планот на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, за зголемување на конкурентноста на ЕУ, поднесен пред точно две години

  • Извештајот на Марио Драги требаше да биде повик за структурен пресврт во европската економска политика, но досегашната бавна
    реализација покажува дека најголемата пречка за конкурентноста на ЕУ е судирот меѓу НАДнационалните цели на бриселските ЕУ-елити
    од една страна и националните интереси од друга, покрај застарените практики и политики на Брисел
  • Драги и другите европски извештаи за конкурентноста и единствениот пазар на ЕУ одамна ги идентификуваа слабостите, но прашање е дали националните влади на земјите членки се подготвени да се откажат од дел од своите национални интереси заради поширок европски интерес и дали институциите на ЕУ се способни доволно брзо да ги претворат договорените цели во конкретни политики

Две години по предупредувањето на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги, дека Европа ризикува да западне во бавна агонија доколку итно не ја врати својата конкурентност, Европската Унија сè уште се соочува со истиот проблем како и тогаш – има јасна дијагноза и понуден лек, но нема доволно политичка волја и механизми за да го спроведе тој рецепт. Извештајот на Драги требаше да биде повик за структурен пресврт во европската економска политика, но досегашната реализација покажува дека најголемата пречка за конкурентноста на ЕУ е судирот меѓу актуелното бриселско мејнстрим-видување за тоа како треба да се развива Унијата од едната страна и од другата политичкиот антипод што става тежиште на националните интереси, а од актуелен Брисел е етикетиран како антиевропски, па и екстремистички.
За издвојување е фактот што само 15,7 проценти од 383-те препораки во извештајот на Марио Драги биле целосно имплементирани до јули, според следењето на аналитичкиот центар Совет за иновации на европските политики, додека дополнителни 41,3 процент се сосема малку или делумно спроведени.
Друга, пак, анализа, на институтот „Монтењ“, користејќи различна методологија, дава пооптимистичка слика и проценува дека се реализирани околу 30 проценти од препораките. Но без оглед на разликата во методологијата, двете процени укажуваат на ист заклучок, а тоа е дека најтешките и политички најчувствителните реформи за ЕУ сѐ уште се далеку од реализација.

Ветувањата на Фон дер Лајен остануваат неисполнети

Ограничениот напредок доаѓа и покрај повторуваните ветувања на лидерите на ЕУ и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, економското заживување да биде во средиштето на европската агенда. Поддржани од Фон дер Лајен како план за нејзиниот втор мандат, предлозите на Драги во меѓувреме беа маргинализирани поради ангажманите на Брисел во војната во Украина, миграцијата и политичката битка околу следниот седумгодишен буџет на Унијата.
Во суштина, европскиот проблем е судирот меѓу потребата од заедничка стратегија и настојувањето на националните влади да ја задржат контролата врз сопствените приоритети. А големата амбиција за зголемување на конкурентноста во предлог-планот на Марио Драги се судира со застарената законодавна машина на ЕУ, долгите преговори и потребата од усогласување на интересите на 27 држави.

Спорадичен и недоволен напредок за препораките на Драги

Главната препорака на Драги беше средствата што досега се насочуваат кон земјоделството и регионалните плаќања постепено да се пренасочат кон конкурентност и иновации. Европската комисија го следеше тој пристап во својот предлог за буџетот за 2028-2034 година, предлагајќи нов Европски фонд за конкурентност вреден 410 милијарди евра. Во буџетските преговори националните влади отстапија од оваа логика и природно преовладаа националните интереси околу распределбата на средствата.
Слична е состојбата и со другите клучни препораки. Централата ги наруши и ги фрагментира енергетските пазари. Иако постои релативно висок степен на согласност за тоа каде треба да се движи Европа, сè уште нема договор како да се стигне дотаму.
Токму тука се гледа најголемиот јаз меѓу европската декларативна политика и нејзината бавна практична реализација. Последиците за оваа бавност стануваат сè посериозни бидејќи глобалната економска трка не ја чека Европа. САД и Кина го зголемуваат своето водство во вештачката интелигенција, дата-центрите, напредните полуспроводници и другите стратешки технологии. Од јули 2024 година, САД постојано ја надминуваат ЕУ во растот на БДП, а американските инвестиции во новите технологии дополнително ја продлабочуваат разликата.
Драги и другите европски извештаи за конкурентноста и единствениот пазар одамна ги идентификуваа слабостите, но прашање е дали националните влади се подготвени да се откажат од дел од своите национални интереси заради некаков европски надинтерес, од којшто бенефиции гледаат само бриселските елити со конформистичката политика.
Се поставува прашањето дали институциите на ЕУ воопшто се способни да ги претворат дијагностицираните цели во конкретни политики. За надминување на меѓуинституционалните препирки, Европската комисија, Европскиот парламент и земјите членки претходно годинава договорија конкретни рокови за спроведување на агендата за конкурентност. Поранешниот италијански премиер Енрико Лета, автор на посебен извештај за интегрирањето на единствениот пазар, поради тоа неодамна изрази поголем оптимизам, оценувајќи дека јасните планови и рокови можат да помогнат Европа да ги исполни преземените обврски.

Истекува времето за акција, расте незадоволството во Европа

Уште еден поранешен италијански премиер, Марио Монти, кој е автор на извештај за единствениот пазар на ЕУ, предупредува дека предлозите на Драги би можеле да ја доживеат истата судбина како и претходните европски реформски иницијативи. Најзначајните препораки бараат од владите да се откажат од дел од своите овластувања или да прифатат подлабока економска интеграција – чекори што остануваат политички чувствителни.
Не случајно, една година откако Драги изрази незадоволство од бавната реализација на неговиот план, неговата фрустрација станува сè поочигледна. Основaњето на експертската група „Рајн“, која Драги неодамна ја кооснова со шефот на „Страјп“, Патрик Колисон, со учество на бизнис-лидери, економисти и поранешни креатори на политики, може да се сфати и како знак дека европските институции не се движат со брзината што ја бара новата глобална економска реалност, бидејќи зборот „неспособни ЕУ-институции“ веројатно е политички пресилен, но многу поблизок до реалноста. Групата оценува дека Европа денес е „во потешка положба“ отколку во септември 2024 година и предупредува дека падот ќе биде неизбежен доколку владите не дејствуваат итно.
Две години по објавувањето на извештајот на Драги, јазот меѓу амбицијата и имплементацијата едвај е намален, а времето за европскиот блок истекува. Додека Брисел се обидува да постигне компромис меѓу националните интереси, неговите глобални конкуренти веќе инвестираат, произведуваат и освојуваат нови пазари. Токму затоа прашањето за европската конкурентност прераснува во прашање за политичката способност на Унијата да дејствува како заедничка сила во светот во кој брзината на одлучување станува еднакво важна со самата одлука. Р.С.