Македонска Пандоро, не кревај го капакот!

Зошто ни сервирате катаклизмични сценарија доколку не се фатиме на вашето оро? Та, толку други ора има на светов! Ако вие сакате да нѐ обезличите, ќе заигра шамичето на некоја друга музика, ништо страшно. Не сте во Библијата запишани (а Македонија е, замислете)

На почеток – да расчистиме некои работи. Не мразам ниту една светска нација, можам само да почитувам одредени нејзини претставници или не – секому според заслугите. Немам предрасуди и не генерализирам дека цели народи се „расипани“, но дефинитивно тврдам дека мувлата доаѓа од оние на кои (се покажа, сосема незаслужено) им се дава врвно право да решаваат за судбината на човештвото. Не сум националист, но сакам да го негувам здравото патриотско чувство во мене, оти ако јас самата не го направам тоа – никој нема да го направи за мене. Не верувам во даден збор доколку доаѓа од докажан лажливец, но сакам да верувам на реките луѓе што течат низ градов, ослободени од партиски и манипулаторски притисоци и влијанија. Да, на таквите им верувам, зашто ги споделуваат моето претчувство и страв дека ова ситно парче земја што се вика татковина ќе ни се стопи пред очи, проголтано од маглата на туѓите геополитички интереси. Не повикувам на војни и крвишта, во основа сум верен космополит и пацифист, но не сум ни аморфна маса, па не љубам кога водат заткулисни војни против мене и ме множат со нула, под превезот на некоиси таму современи квазивредности.

Не сум најумната на светот, но доволно сум умна да препознаам обиди за комплетна, стравотна бугаризација на мојот народ и ширење дефетизам во стилот „…леле, леле, ќе пропаднеме без Европа, ништо од нас нема да биде, од нив зависиме, само тие ни се спасот, ако ни се налутат, ако нè заборават… бла, бла, бла!)“. А дефетизмот во овој момент значи токму тоа – да си го прифатиме пиштолот што ни го буткаат во рака – добронамерно, нели – и послушно да одиграме руски рулет. Каква посрана среќа имаме, единствениот куршум ќе се погоди баш онаму каде што не треба да биде. А сè е толку едноставно – нејќам да бидам нешто што не сум. Нејќам! Оти, освен стомакот, и душата сака да биде нахранета. Оти она прекрасно чувство дека знаеш кај припаѓаш е лековито за оваа наша кутра, напатена македонска душа.

Оти најтешките психосоматски болести се производ на гладна и празна душа. Оти душевниот немир и секирација се тивки убијци, многу пострашни од телесниот глад и немаштијата – кои и онака ни се бетонски загарантирани, со или без нашата „не – премногу – искрена“ спасителка, која се одѕива на името Европа.

Во овој момент ми падна на ум митот за Пандорината кутија. И ми доаѓа да викнам, да тропам најгласно што можам, да кренам најголема врева – само да ја предупредам македонската Пандора да не чепка, да ја фрли таа опасна, гнасна кутија, која ги крие сите светски зла и несреќи, а сега некој ја ставил во нашата татковина и злобно ги трие рацете во исчекување на нетрпеливоста и наивноста на нашата убава девојка. Пандоро, воздржи се, биди храбра, покажи интегритет, ум и решителност! Ако ја отвориш кутијата (нагалено викана „француски предлог“), ќе излезат, ќе скокнат надвор, ќе се разлетаат околу тебе сите зла – во овој случај понижувања, ропски менталитет, пораз од фашизмот, рушење на историските и божји вистини, идентитетски геноцид на цел еден народ – со децении смислувани и „крчкани“ специјално за тебе во ’рѓосаниот лонец на моќните готвачи и нивните подопашести муви. А внатре, на дното, ќе остане вечно заробена само надежта, таа најважна инјекција за менталното здравје на секој од нас; надежта, која ни дава сила да станеме наутро од креветот и да ја продолжиме секојдневната борба за опстанок. А таа борба за опстанок ја водат сите наши граѓани, независно од тоа што се по националност и на кој Бог му се молат.

Немој, македонска Пандоро, сите радости, убавини и сласти ти се лажно ветувани со години! Немој, убавице, ќе ти го свенат лицето и слугинка ќе бидеш! Немој, умнице наша, само еднаш живееме, чуму и тој еден живот на друг да му го подариме! Немој, ќе колнат гробовите на децата од Ваташа, ќе залелекаат повторно мајките на војводите, ќе се плукне врз сè и секој што сонувал да биде свој на своето! Кому ќе му ја дадеш својата едра личнотија, гордост македонска? Зарем не гледаш каков тројански коњ ти стои пред врата? Заборави ли дека на Данајците не смееш да им веруваш, дури ни кога дарови ти носат? Исправи се и кажи им на побогатите и понекадарни од тебе – нека те прифатат онаква каква што си или нека си бркаат работа. Ти, навидум толку мала и неважна, сепак си премногу важна за лекувањето на нивниот комплекс. Со тебе сакаат да ги исперат дамките од сопствената неспособност и немоќ за носење издржани одлуки. Демек, ако го решиме овој (нерешлив) спор, многу сме јакиии! Функционираме! Браво за нас!

Зошто ни сервирате катаклизмични сценарија доколку не се фатиме на вашето оро? Та, толку други ора има на светов! Ако вие сакате да нѐ обезличите, ќе заигра шамичето на некоја друга музика, ништо страшно. Не сте во Библијата запишани (а Македонија е, замислете). Но страшно е нешто друго: толку агресивно се инфилтриравте во главите на некои нашинци, што и тие тргнаа по вашиот ум. Тие ќе бидат, се плашам, јаготката врз вашиот шлаг на успешно завршената мисија за наше покорување. Натаму сме тргнати, на патеката поплочена со добри намери, која води директно кон пеколот. Ама јас, во целата своја несовршеност, сепак сакам да те предупредам за последен пат: македонска Пандоро, не кревај го капакот, остави го злото во кутијата да спие!

(Авторката е долгогодишна соработничка на „Нова Македонија“)