Македонија високо ја цени помошта од Холандија, а сите критики што ги спомна Јан Коп, се точни! Факт е дека – немаме реформи; има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот; имало притисок и при изборот на обвинители и на Судскиот совет; ништо не се презема по наодите на антикорупциската комисија и на државниот ревизор… Навистина е така, ама тоа и сите нас длабоко нѐ револтира
Самоуверено, во емисијата „360 степени“ на МТВ, на 2.12.2023, (пренесе и „Нова Македонија“, на 6.12.2023) холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп ни плесна во лице многу наши мани, злоупотреби, криминали… И, што е крајно навредливо, сето тоа го стави во контекст на нивната помош – „влогот на Холандија е огромен, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници“? Овој негов испад, кој не му е ниту прв, е целосно надвор од однесувањето на еден дипломат и заслужува целосна осуда.
Македонија високо ја цени помошта од Холандија, а сите критики што ги спомна Јан Коп, се точни! Факт е дека – немаме реформи; има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот; имало притисок и при изборот на обвинители и на Судскиот совет; ништо не се презема по наодите на антикорупциската комисија и на државниот ревизор… Карактеристични се – случајот со ИРЛ; со изборот на контролори за летање; сомнителните процедури околу коридорот 8; амандманите на Кривичниот законик… Навистина е така, ама тоа и сите нас длабоко нѐ револтира.
Меѓутоа, нашите мани не се негова работа. Особено, не во комуникација со јавноста, иако намерите му се секако позитивни. Како добронамерен амбасадор на пријателска земја, би било во ред за тоа да разговара со власта. Да ја изрази својата загриженост, или на својата земја, ако за тоа има инструкција. Кога е веќе во недозволени води, во јавноста, тој морал да го стави проблемот макар во поширок контекст. Да побара и некакви причини, или корени, за таквите состојби. Такви има безброј, иако оправдувања – нема.
Во прашање е неверојатно еднострано и, затоа, крајно неточно видување на нашата земја. Претходно оценил дека ние сме ја оставале Унијата премногу да нѐ чека! Зарем е можно такво нешто, кога е општо познато дека Брисел – одамна нѐ заборавил во чекалницата! Сите овие 30 години на независност, ЕУ, и не само таа, на екстремно нецивилизиран начин – ја (мал)третира Македонија. Точно така. Цело време ни поставуваат блокади, ултиматуми, нови и нови услови… Најчесто го бараат невозможното, заедно со празни ветувања за членство. Сетете се само на Охридскиот рамковен договор.
На Јан Коп мора да му е познато дека во сите години на независност, Македонија нема поминато ниту еден месец без да биде непризнаена, под притисок, уценета, блокирана, под ултиматум… И сето тоа било НЕЛЕГАЛНО! На пример, грубо беше игнорирана дури и Повелбата (Уставот) на ООН, кога на силеџиски начин ни беше суспендирано историското и уставно име, за да се обезличи земјата. Името ни го суспендира и безимени нѐ прими Светската организација, која е симбол на демократијата! Таков парадокс никогаш немало, ниту ќе има. Долго не ни ја признаваа државата, иако бевме единствена од југословенските републики што се одвои без војна. А доколку и Македонија тргнеше во воена разврска, а беше оставена ограбена, без девизни резерви… многу веројатно тоа ќе значеше почеток на трета балканска војна, која никој не ќе можеше да ја контролира. И, што доби Македонија за возврат? Празни ветувања и просјачка помош. Ништо друго.
И Холандија не ни го признаваше името на државата, а универзално право е самиот да си го одбираш. Со тоа се игнорираше и идентитетот на македонскиот народ. И Хаг бесрамно стоеше зад ултиматумот – прво името, потоа членство, во НАТО и ЕУ. Значи, сите овие години, Холандија ем нѐ помага ем стои зад блокадите, уцените, агресијата (на НАТО) од Косово, обезличувањето во Нивици… И, како може да се очекува овде сѐ да биде нормално? Тоа е чиста илузија! Впрочем, што направи Хаг кога нашата јужна граница беше над две години нелегално блокирана? Ништо. А, поради санкциите врз СР Југославија, ни беше блокирана и северната граница. Дали Холандија би преживеела една двегодишна и друга многугодишна блокада на своите граници? Многу тешко, и со страшни последици. Такви беа и кај нас. И, никому ништо.
Сета помош што сме ја добиле досега, ОД СИТЕ, не ги покрива ниту штетите од овие две блокади. Затоа, практично, даночните обврзници на Јан Коп само компензираат, бидејќи и нивната држава ги поддржуваше нелегалните политики против Македонија. Може да се постави дури и прашањето – дали најголем дел од парите ни ги праќаа за да си ја намалат грижата на совеста, поради сите ујдурми на кои нѐ изложија? Со помошта, пак, и нас нѐ залажуваа дека, ете, не сме оставени само на немилост од блокади и уцени.
Помошта, секако, е значајна за нас. Меѓутоа, 10 пати повеќе од парите, нам ни е попотребна поддршката на Холандија за нашите универзални аспирации да останеме тоа што сме, како народ и држава. Да ги зачуваме нашиот вековен национален идентитет, нашиот јазик, нашата историја и традиција. Сите тие ни се загрозени со користење сила, која е надвор од сите меѓународни норми. Холандија е дел од тие неправди.
Јан Коп бара и уставни промени. Зарем не му е јасно дека, официјално, според пописот, во Македонија има 3.504 Бугари, а во Бугарија има стотици илјади Македонци без никакви права? Тие се жртви на долга и постојана асимилација и класичен геноцид. Иста е ситуацијата и со Македонците во Грција. Имаат ли ЕУ, Холандија и Јан Коп некакви принципи кога едно бараат од нас, и тоа без никаква основа, а истото тоа го игнорираат кај нивните членки, кои практикуваат геноцид? Или, двојните стандарди се нивна трајна определба? Можат ли да ѝ објаснат на македонската јавност според кои критериуми, начела, документи…, Македонија мора да го менува Уставот за да стави грст Бугари во него, без реципроцитет од Софија?
Точно е дека обврската да го менуваме Уставот е договорена со Бугарија, ама тоа не е направено доброволно. На тоа бевме присилени, со уцена и ултиматум од Брисел. И Јан Коп сигурно чул за т.н. „француски предлог“? За жал, зад сето тоа застана и Хаг. Ова е само нова потврда дека правда – нема.
Помошта, секако, е значајна за нас. Меѓутоа, 10 пати повеќе од парите, нам ни е попотребна поддршката на Холандија за нашите универзални аспирации да останеме тоа што сме, како народ и држава. Да ги зачуваме нашиот вековен национален идентитет, нашиот јазик, нашата историја и традиција. Сите тие ни се загрозени со користење сила, која е надвор од сите меѓународни норми. Холандија е дел од тие неправди
Ултиматумот за промена на Уставот е најновата агресија врз Македонија, која не е случајна. Целта е забрзување на процесот за бришење на националниот идентитет на Македонците и спроведување нивна бугаризација. Тоа е очигледен интерес на главната светска сила, ама сите други молчат. На Јан Коп, веројатно, не му е тоа докрај јасно, ама така е. Треба да се распраша кај тие што знаат. Не кај власта.
Амбасадорот наброја наши слабости, злоупотреби и тешки криминали, и отворено се праша – „Каква врска има ова со Грција, со Бугарија или со ЕУ?“ Веднаш и оцени – „Одговорот е – никаква“. Просто е неверојатно да не му е јасно дека ако на теренот пуштиш вода, не е можно да се игра фудбал. Под блокади и уцени нема реформи туку, пред сѐ – злоупотреби. Толку е едноставно. Теоретски е невозможно која било држава нормално да функционира и да се развива, во условите низ кои врви Македонија, веќе над четврт век. Економски уништена, политички игнорирана, блокирана, понижена… Тоа е идеална атмосфера за секакви девијации.
Впрочем, што ќе прават тие во Холандија, ако им започнат меѓународно оркестрирана кампања дека не се тоа што се, туку се Фламанци, а нивниот јазик е дијалект на фламанскиот? Дали ќе бидат во состојба нормално да се организираат и да работат? Или, ќе се посветат на решавање на овој нецивилизациски и безобразен предизвик? Одговорот е – да, сигурно ќе се посветат. И, сѐ друго ќе биде жртва на тоа.
Јан Коп ни префрла и за менталитетот. Зарем никој не му кажал дека во ваквите (не)прилики менталитетот не се менува туку се цементира, за да се издржи теророт што ни го приредуваат нашите „западни сојузници“. И, нека не се заборава дека во нашиот менталитет има и прекрасни традиции, кои се мислени именки за голем дел од Европа.
За нашите грешки нема никакво оправдување и тие мора итно да се искоренат и прекинат. Меѓутоа, не смее да се заборава дека на ова дереџе сме дотерани во голем дел благодарејќи на надворешни блокади, уцени и ултиматуми. И бегла анализа на политиките на ЕУ кон Македонија, во текот на сите 30 години, го потврдува тоа. Затоа, лесно е да се критикуваат другите. Треба да се има доблест и за самокритика.
Моментално, процесот на нашето национално однародување е во рацете на Брисел. Преговарачката рамка, која ни е безобѕирно наметната, нема никогаш да овозможи наше членство, ако не се согласиме на бугаризација. Замислете, рамката се повикува на досегашни, ама и на идни записници (протоколи!), под уцена потпишани со Софија!? Таква рамка досега немало, ниту ќе има во иднина. Македонците мора да се избришат како народ, а Јан Коп го поддржува тоа. И тоа е доказ дека ЕУ и САД нѐ третираат како недоветни. Вината е, сепак, наша бидејќи постојано потклекнуваме на нивните небулози, кои се пострашни од сите наши малверзации. Нивните безобразни диктати се историски срам и за Брисел и за Вашингтон, ама тоа не е никаква утеха за нас. Во основата, тоа е вид меѓународен тероризам.
Добро е што и самиот Јан Коп се уверил дека последниве четири-пет години се вртиме во круг и – назадуваме. Така е бидејќи сегашната власт ја донесоа неговите сојузници, со класичен државен удар. Сличен на Украина. И, со конкретна задача – да го разнебитат македонскиот народ, што маестрално го прават. Тие се носители и на спомнатите махинации, ама и на многу други. Одговорни за тоа се властодршците. Тоа што крадат и максимално ја злоупотребуваат власта, треба ним да им се удри од глава. Но, Унијата – молчи. Зошто? Секако имаат причини?
Јан Коп е апсолутно во право кога вели – „Дојдено е конечно време за Македонија да си ја оформи својата иднина“. Тоа е клучна порака за новата власт. За тоа да го постигне, таа ќе мора веднаш да ги откаже договорот со Бугарија и двата капитулантски протокола. Со тоа, автоматски, паѓа во вода и неприфатливата преговарачка рамка, која се базира на нив, како и обврската да се менува Уставот. Само така Македонија ќе тргне напред.
И една поука. Кога се критикува земјата на акредитација, ред е да се каже и нешто добро, и кога нејзините проблеми се огромни. Античка приказна зборува за пцовисано куче на улица, кое ширело одвратна реа. Сите се згрозувале. Поминал човек што рекол – да, ама има убави заби!