Прилеп ќе го одбележува 11 Октомври со богата програма

Со богата едномесечна програма, до 3 ноември, Прилеп, градот херој, ја одбележува 85-годишнината од 11 Октомври, денот на почетокот на народното востание од 1941 година. Богатата програма започна на први месецов, со јубилејниот 15. Џез-викенд во Прилеп. Џез-музичари од земјава до сабота, 3 ноември, ќе ја претставуваат својата музика пред прилепската публика во киното при центарот за култура „Марко Цепенков“. Во големата сала од центарот за култура се одигра монодрамата на Тијана Дапчевиќ. Во музејот „11 Октомври“ се одвиваа интерактивните работилници „Бегство од музеј“ и „Детективи на минатото“. Во градската библиотека „Борка Талески“ се одржаа трибината „Јавното здравје кај младите“ и поетската вечер „Во пресрет на 11 Октомври“. Во центарот за култура е премиерата на претставата на прилепскиот театар „Животинска фарма“, како и драмската претстава за Душко Наумоски – „Херојот е мојот дедо“.
Во галеријата од центарот за култура „Марко Цепенков“ своите дела во заедничка изложба ги претставува Друштвото на ликовните уметници на Битола, а во музејот „11 Октомври“ е драмската претстава за академскиот ликовен уметник Борко Лазески, насловена „Студент е, прилепско дете“.
Од 8 до 10 октомври во центарот на Прилеп се одржува „Фестивалот на медот“, а на 9 октомври ќе се одржи училишниот перформанс „Формирање на македонското знаме“ на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“. Во градската библиотека е промоцијата на книгата на д-р Славчо Ковилоски „Спомени на прилепските револуционери“, а во киното „Мис Стон“ е проекцијата на филмот „До балчак“.
Денеска во Участакот, по повод 85-годишнината од Народното востание, ќе биде промовиран каталогот на Завод и музеј, посветен на меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участак. Вечерта во центарот за култура, во киното „Мис Стон“ е „Слем-полуфиналето“.
Во пресрет на празникот, на 10 октомври ќе има голем број настани, кои вечерта ќе се заокружат со импровизиран напад на градот, како и со краток филм за нападот на 11 октомври 1941, како потсетување на историските настани на 11 октомври 1941 година и почетокот на народното востание.
Во текот на денот ќе се одржат и меѓународниот традиционален турнир во џудо, изложба на дела на прилепските уметници во ликовната галерија од центарот за култура „Марко Цепенков“ и посета на меморијалниот музеј „11 Октомври“.
На празникот, 11 октомври, почит ќе им биде оддадена на револуционерните дејци, на загинатите борци и на народните херои во Паркот на револуцијата, на Могилата на непобедените и во Алејата на народните херои. На 11 октомври ќе се одржат и крводарителска акција, меморијален турнир во шах и автомобилско шоу во центарот на Прилеп. На 12 октомври на булеварот во центарот на Прилеп ќе се одржи техничко-тактички збор на АРМ – изложба на воена опрема и оружје и показни боречки вештини на специјалните единици. Од 15 октомври до 3 ноември, кога е и денот на ослободувањето на Прилеп, се предвидени повеќе културни и спортски настани. В.Д.