Британија со децении нема да ѝ се приклучи повторно на ЕУ

Разумен пристап за Обединетото Кралство е да бара поблиски и
покооперативни односи со Брисел

Во два наврата во изминатиот месец континенталните Европејци ме прашаа дали Обединетото Кралство повторно ќе ѝ се приклучи на ЕУ. Не, за многу децении, ако некогаш воопшто се приклучи, одговорив. Тоа е така и покрај промената на британското мислење околу мудроста на брегзит. Да го знаеше електоратот во 2016 година она што го знае денес, ќе гласаше да остане. Но не го знаеше тоа. Резултатот беше скок во темнина. Но тој скок се случи. Како што рекол античкиот филозоф Хераклит, „не можеш двапати да стапнеш во иста река“: ниту ти, ниту реката нема да бидете исти. Тоа важи и за ЕУ и за ОК. Одлуката за повторно аплицирање нема да ја промени одлуката за напуштање: и ОК и ЕУ се сменија.
Очигледно е дека британското јавно мислење силно се промени. Според Националниот центар за социјални истражувања, просекот од шест неодамнешни анкети покажува дека 56 отсто од испитаниците се за повторно приклучување (или приклучување), иако поединечните анкети варираат од 60 до 49 отсто „за“. Дополнителен показател е извештајот за Обединетото Кралство во „Променлива Европа“ и „Јавноста прва“ (каде што мојата ќерка е основачка партнерка), објавен во септември. Таму е објавено дека 22 отсто од оние што гласале за напуштање мислат дека брегзит излегол лошо или многу лошо наспроти само 18 отсто што мисла дека излегол добро или многу добро. „Брегрет“ тогаш е раширен. Фактот дека гласачите за напуштање се чувствуваат толку разочарано не е изненадувачки. Но тоа не е добро и за угледот на нашата демократија.
Па, зошто, со оглед на ова будење на (целосно предвидлива) реалност, не треба да се вложи напор за повторно приклучување? Постојат три одлучувачки причини: прво, тоа би создало мноштво нови и штетни несигурности; второ, тоа би ги распарчило британските политики токму додека тие се смируваат; трето, договорот што би го добило Обединетото Кралство би бил сосема поинаков од оној што го имаше, и тоа не само затоа што, како што Мишел Барние, поранешниот преговарач со ЕУ, изјави за „Фајненшл тајмс“,„ЕУ денес повеќе не е ЕУ што ја напушти Обединетото Кралство. Почнавме да ги црпиме лекциите од брегзит“.

Неизвесноста што би ја создала апликацијата за приклучување е сосема јасна. Битката за повторно аплицирање сама би потрошила голем дел од парламентот. Ќе треба да има нов референдум – според мене два, еден за започнување на преговорите и друг за оценување на неговите услови. Помеѓу нив ќе има уште едно преговарање, со непредвидливи исходи. Обединетото Кралство би изгледало нарушено кога би го направила тоа толку брзо. За бизнисот, тоа би било кошмар.
Згора на тоа, повторното отворање на прашањето би предизвикало горчливи поделби. Да, резултатот од референдумот овој пат може да оди на друг начин. Но тоа е далеку од извесно. Она што сигурно би го направил е да ја подели земјата повторно, при што оние што се за напуштање го гледаат тоа како предавство, а оние што се за останување како шанса за одмазда. Лабуристите, ако навистина беа во владата, би биле луди да преземат ваков проект, кој предизвикува толку поделби. Уште полошо, тоа би ги одвлекло вниманието и енергијата од справување со многу други економски и социјални предизвици. Сер Кир Стармер го знае това.
Што е најважно, исходот нема да биде на ОК да одлучува. ЕУ би сакала да биде доста уверена дека новата членка ќе биде покооперативна и попосветена од старата. Со оглед на многуте предизвици со кои се соочува ЕУ, не може да си дозволи да се соочи со голема и потенцијално непријателска членка. Кој може да ја заборави навредливата сцена во која Најџел Фараж и неговите колеги од партијата Брегзит застанаа со грб на подиумот додека се свиреше химната на отворањето на парламентот на ЕУ во 2019 година?

Би било разумно, тогаш, ЕУ да инсистира дека нема да има ниту отстапувања, ниту попусти. Тоа е веќе историја. Велика Британија исто така сигурно ќе мора да ѝ се приклучи на еврозоната. Тоа не само што ќе биде тест за нејзината посветеност, туку и ќе го отежне заминувањето, како што покажа кризата во еврозоната. Исто така, би било здрав разум, пред да се отворат преговорите, да се бара гласањето „за“ на ОК на референдум да биде најмалку 60 отсто. Дури и повисоките нивоа би имале смисла. Во 1975 година, 67 отсто од гласачите беа „за“. Знаеме дека ни тоа не се покажа трајно.
Самата ЕУ се промени. Тоа е најочигледно точно со „Следната генерација на ЕУ“, пакетот договорен како одговор на ковид во 2020 година, што создаде заедничко задолжување. Исто така важна е одлуката да се координира одговорот на војната во Украина. Повторното приклучување сигурно мора да вклучува заложба за создавање поинтегрирана ЕУ. Тоа сè уште не е она што се чини дека го сака повеќе од мало малцинство Британци.
Засега, пристапот на Стармер е единствениот разумен – да го замени идеолошкото држење со прагматични чекори кон поблиски и покооперативни односи. Може ли нешто веродостојно да го замени тоа? Да. Ако Трамп ги повлече САД од НАТО, сè може да се промени. Но тоа не може да биде решение што здраворазумно лице навистина би го посакало.

Мартин Волф