Стотици демонстранти се собраа на улиците на Њујорк откако агент на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ИЦЕ) застрела и рани маж, јави Франс прес.
Инцидентот предизвика судир меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, член на Демократската партија. Мамдани ја осуди операцијата и побара запирање на активностите на ИЦЕ во Њујорк.
– Да ја укинеме ИЦЕ – напиша Мамдани на социјалната мрежа „Икс“.
„Без омраза, без страв. Имигрантите се добредојдени тука“ и „Не за ИЦЕ“, скандираа демонстрантите собрани на протестот во Менхетен.
Дваесет и осумгодишниот Оскар Белгал бил ранет во вратот за време на операција на ИЦЕ во Марбл Хил, најсеверната населба на Менхетен, која е физички поврзана со Бронкс. Во автомобилот со него се наоѓало и петгодишно дете, кое не било повредено.
Американскиот министер за внатрешна безбедност Марквејн Малин остро го критикуваше градоначалникот, оценувајќи дека неговите изјави се „опасни и поттикнуваат непријателство“.
– Ако ја укинете ИЦЕ, кој ќе ги отстранува криминалците од улиците на вашиот град? Кој ќе се справува со убијците, крадците и членовите на бандите? – праша Малин.
Според него, Белгал има криминално досие и се обидел да го избегне апсењето. Малин тврди дека мажот со автомобилот удрил во две службени возила, а потоа тргнал кон агентите, по што најмалку еден од нив отворил оган.
– Тој нелегално влегол во земјата пред неколку години и оттогаш извршувал кривично дело по кривично дело – рече Малин.
Министерот изјави и дека агентите на ИЦЕ не знаеле дека во автомобилот има петгодишно дете кога отвориле оган.
Мамдани, пак, оцени дека ИЦЕ „сее хаос и страв“ и ја загрозува јавната безбедност. Тој соопшти дека разговарал со Трамп и со Малин во обид да издејствува ослободување на ранетиот маж, но разговорите не дале резултат.
Њујорк има затегнати односи со федералните имиграциски служби и ја ограничува соработката на градските институции со нив. Неколку операции на федералните агенти годинава предизвикаа негодување во јавноста, особено по смртоносните престрелки во кои беа убиени двајца американски државјани во Минеаполис.
































