Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија му го честитаа 74. роденден на рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Кремљ. Путин во средата наполни 74 години.
Трамп му посакал успех и благосостојба на рускиот лидер во текот на синоќешниот телефонски разговор и му ги пренел честитките од сопругата Меланија, изјави советникот на Путин за надворешнополитички прашања Јуриј Ушаков, пренесе ТАСС. Путин му се заблагодарил на американскиот претседател за честитките.
Разговорот, кој бил шести меѓу двајцата претседатели годинава, траел околу час и половина и поминал во пријателска атмосфера, изјави Ушаков. Според него, ниту еден од двајцата лидери не сакал прв да го заврши разговорот.
Ушаков соопшти дека Путин и Трамп разговарале и за војната во Украина, при што рускиот претседател нагласил дека целите на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ остануваат непроменети. Путин, исто така, позитивно го оценил фокусот на Трамп и на неговата администрација врз дијалогот со Русија.
По разговорот Трамп објави дека Русија се согласила да испорачува дизел-гориво на американскиот и на светскиот пазар, со цел да придонесе за намалување на цените. Најавата предизвика остри критики од Украина.
Според Трамп, Русија веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони дизел-гориво, дополнителни 500.000 тони во текот на ноември и уште еден милион тони непосредно потоа. Во зависност од состојбата и капацитетите на руските рафинерии, во краток рок би можеле да бидат пласирани дополнителни три милиони тони.
Москва потврди дека е подготвена да испорачува нафта и нафтени деривати на американскиот и на светскиот пазар, но засега нема независна потврда за реализацијата на договорот, ниту се објавени детали за цената, начинот на испорака и примената на санкциите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше договорот, оценувајќи дека дозволувањето Русија да продава нафтени деривати претставува „инвестиција во војната што треба да заврши, а не да се продолжува“.
Путин и Трамп би можеле да се сретнат на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што ќе се одржи на 18 и 19 ноември во кинескиот град Шенжен. Засега нема конкретен договор за билатерална средба.
Русија неделава соопшти дека е заинтересирана и за можна трилатерална средба на Путин, Трамп и кинескиот претседател Си Џјинпинг на маргините на форумот, но подготовките за таква средба сè уште не почнале.
































