ОДБОЈКА – СУПЕРКУП „БРАНКО ХАЏИИЉОСКИ-ЧАЈКА“
Одбојкарките на Работнички Скопје и одбојкарите на Штип УГД се освојувачи на јубилејно 50. издание на еден од најстарите и најконстантни турнири во календарот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој од оваа година добива ново значење, Суперкуп на Македонија, и кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона. Финалните дуели во двете конкуренции се одржаа во салата на ДСЕУ „8 Септември“ во Тетово, а во организација на семејството на Хаџииљоски и ОФМ.
Одбојкарките на актуелниот шампион Работнички Скопје до првиот трофеј во ова натпреварување дојдоа откако го совладаа скопски Вардар ЕМ со 3-0 во сетови (25-16, 25-23, 25-21). Актуелниот шампион, предводен од најкорисната одбојкарка (МВП) на финалето Тамара Атанасова, стигна до првиот суперкуп-трофеј во својата клупска историја.
И одбојкарите на Штип УГД, актуелниот македонски шампион и освојувач на Купот на Македонија од минатата сезона, го освоија победничкиот трофеј во годинашниот Суперкуп „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, откако со 3-0 во сетови (25-15, 25-16, 25-15) го надиграа Борец од Велес. Александар Љафтов од тимот на Штип УГД беше прогласен за најкорисен играч на финалниот меч во Суперкупот. Г.И.



































