Научниците развија специјално мастило за тетоважи што може да се активира со ултравиолетова светлина, а потоа да стане речиси невидливо при изложување на силна сончева светлина. Технологијата би можела да овозможи промена на изгледот на тетоважите, но и да најде примена во медицината.
Истражувачи развија нов вид мастило што овозможува тетоважите привремено да се појавуваат, да ја менуваат бојата или да стануваат невидливи, без класично отстранување со ласер. Системот, наречен „Фото Тат“(PhotoTat), се базира на специјални пигменти чувствителни на светлина, објави „Лајв Сајанс“ (Live Science).
Мастилото содржи три основни бои – сина, магента и жолта. Пигментите се направени од фотохромни бои, односно соединенија чија молекуларна структура се менува кога се изложени на одредени бранови должини на светлината. Тие се сместени во наночестички од полиметилметакрилат, материјал што се користи и во одредени медицински примени.
Како функционира технологијата?
Според истражувачите, пигментите може да се активираат со ултравиолетова ЛЕД-светлина со бранова должина од 365 нанометри. Промената се случува за околу две до три секунди, а активираните бои може да останат видливи со часови, па и со денови, при вообичаено внатрешно осветлување.
Кога кожата ќе се изложи на силна сончева светлина на отворено, боите може да исчезнат за неколку секунди. Пигментот останува во кожата, но неговиот изглед се менува.
Технологијата овозможува и различни делови од тетоважата да се активираат со различни бранови должини на светлината. Така, во иднина би можеле да се менуваат боите и изгледот на една иста тетоважа, во зависност од осветлувањето.
Во тестирањата, својството на пигментите да се активираат и деактивираат било зачувано во кожата во период од 1,4 до 2,2 години.
Потенцијална примена и во медицината
Освен за естетски цели, истражувачите сметаат дека технологијата би можела да биде корисна и во медицината. На пример, пациентите што примаат радиотерапија понекогаш добиваат мали трајни тетоважи што им помагаат на лекарите прецизно да го насочат зрачењето.
Со вакво мастило, ознаките би можеле да бидат видливи кога се потребни за медицинската постапка, а потоа да се сокријат.
Истражувањето е објавено на 9 октомври 2026 година во научното списание „Matter & Light“. Еден од авторите, Карсон Брунс, вонреден професор по биомедицинско инженерство на Универзитетот во Колорадо Болдер, работи на развојот на технологијата.
Засега, на пазарот е достапно само виолетовото мастило „Фото Тат“, откако поминало независни медицински тестирања. За поширока комерцијална употреба и за достапност на повеќе бои ќе бидат потребни дополнителни истражувања и развој.
































