Екипата на Газели Волеј по дебитантскиот настап во Првата сениорска лига, со големи амбиции се подготвува за новата сезона. Како што најавуваат, задоволни од постигнатото досега, продолжуваат со работа, пред сè со целосна верба во системот што чекор по чекор ги донесе до фазата во која се наоѓаат. Иако се релативно нови во елитното натпреварување, сепак со своите игри се наметнаа како екипа која заслужува респект. Па така, иако во наредниот период останаа без Емилија Попjордановска, која воедно е капитен на сениорската репрезентација на Македонија, но и без Теодора Ракочевиќ, средниот блокер од Црна Гора, од клубот најавуваат дека годинава очекуваат уште подобри игри и подобар пласман на табелата.
Ваквите амбиции Газелите ги градат пред се на широката база одбојкарки кои потекнуваат од нивните мошне успешни школи за одбојка. Токму затоа, челните луѓе на клубот со посебна гордост и огромно задоволство ги потенцираат имињата на девојките кои веќе го свртеа на себе вниманието на одбојкарската јавност кај нас и за кои се очекува токму годинава да бидат основата на сениорскиот тим на Газели Волеј: Јована Каленикова, Ева Горбок, Сара Горбок, Данијела Горбок, Матеа Сотировска, Зофиа Георгиевска, Викторија Пренк и Неда Зврлеска.
Кога на оваа низа млади и перспективни одбојкарки ќе се додаде искуството и стабилноста кои го носат репрезентативките Мила Дикова, Теа Терзиевска, Надица Антеска и Марија Крстеска, се комплетира домашниот ростер на екипата за сезоната 2026/2027.
Од екипата потенцираат дека овиe девојки, иако сè уште млади, зад себе имаат бројни тимски и лични достигнувања, искуство кое ќе им помогне да играат одбојка на највисоко ниво.
Истовремено, за сезоната 2026/27 екипата презеде сериозни чекори за засилување на екипата. Пред се, тука е Надица Антеска, која во новата сезона ќе настапува на позицијата либеро. На само 22-годишна возраст, Надица зад себе веќе носи богато искуство и шампионски менталитет – зад неа се четири години во сениорската репрезентација на Македонија, како и претходни настапи за младинските категории.

Покрај неа, екипата на Газели Волеј донесе две квалитетни странски одбојкарки за новата сезона. Ѕвездата на египетската репрезентација Сохила Вафек, техничар, родена во 2000 година, доаѓа од Унгарија каде настапуваше за Нирегихаза со која играше осминафинале на ЦЕВ Челинџ Купот. Има искуство и во Ал-Ахли од Египет, додека во САД играше за Универзитетот Илиноис Чикаго и за Њу Мексико.

Второто странско засилување е Американката Николета Капици, родена 2001 година, која игра на позицијата среден блокер и е висока 189 см. Во Европа има настапувано за фински Полки Кусамо и португалски Лешоеш, а во САД играла во повеќе универзитетски екипи.

































