Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Виена и учеството во извршната програма за обука „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црно Море/Јужен Кавказ 2026“, одржа предавање и оствари средба со студентите на Виенската дипломатска академија.
Како што информираат од нејзиниот кабинет, Божиновска во отворена дискусија со идните дипломати ги презентирала состојбите и приоритетите во енергетскиот сектор во Македонија, стратешките проекти за диверзификација на изворите на енергија и модернизација на инфраструктурата, како и активностите за зајакнување на енергетската независност и сигурноста во снабдувањето.

Студентите имале можност да поставуваат прашања и непосредно да се запознаат со предизвиците во креирањето и спроведувањето на енергетските политики, како и со нивната поврзаност со економскиот развој и меѓународната соработка.
Во рамки на програмата, министерката учествувала и на сесијата „Дигитална дипломатија“, посветена на примената на дигиталните алатки во современите дипломатски односи и меѓународната комуникација.
За време на престојот во Виена, Божиновска остварила и средба во Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија, со цел одржување на институционалниот дијалог и унапредување на билатералната соработка.
































