Толку енергија и пари за на крајот фразата „кучиња на војната“ да стане „кучиња и кучки на војната“. Па, што не кажавте одма? Бришете ги Роза и Клара од историјата и учебниците, тие изгледа глупости зборувале, всушност борбата била сите жени да можат да бидат Екатерина Велика…
Се јавувам од прекрасна дивина среде планина, каде што пеперутките прекуден, а навечер илјадниците светулки ми ја раскажуваат приказната за недопрената совршеност, која ми дава мир, тишина и инспирација за да можам да го завршам мојот нов роман, но за ова место, локација каде што можете и вие да дојдете, подетално во следната колумна. Сакам само да ви кажам дека покрај душевниот мир и возбуда од поривот да се твори и создава, во мене се насобрал восхит поради присуството на љубов и почит што ги добивам од луѓе, а не сум ги заслужил, па ако на тоа се додаде дека единствената бучава доаѓа трипати во денот, кога на телевизорот оди Европското првенство во фудбал, но и паузите кога одморам од пишување за да седнам во сенка и да ги читам Достоевски (романот „Демони“) и Гарт Енис (стрипот „Момците“), можам да заклучам дека јас сум среќен и благодарен на Бога, човек кој…
…кој размислува за третата светска војна.
What the fuck??? Зошто, по ѓаволите, ми треба ова? На сета совршеност што ме опкружува и задоволство да тихувам и пишувам, зошто размислувам за совршена безумност како трета светска војна? Затоа што е факинг во најава. Ене ги сите од, „меѓународната“ заедница на западната „цивилизација“, тераат фарса од мировен самит за завршување на војната меѓу НАТО и Русија во Украина, ама без присуство на Русите. Фарса што одеднаш може филмот како илузија на реалноста да ни го направи стварност што не се преживува, а пејзажот околу нас да стане поднослив само за лудиот Макс. Срцки они, загрижени биле од војната што сами ја инспирираа, а сега со сите сили и оружја ја спроведуваат на дело со намера до последен Украинец да ја натераат на мир Русија. Знам, звучи бесмислено и кретенски, ама тоа е стилот на „меѓународната“ заедница откако јас знам за неа. А не сум воопшто млад. Прават мировна конференција без Русија за да договорат продолжување на војната, демек поддршка за Украина.
Им ги слушате ли муабетите? По онаа Лиз Трас од Британија, која тврдеше дека само што не ја фрлиле Русија на колена, преку Германката Урсула фон дер Лејен, која ни објаснуваше дека Русите вадат чипови од миксери и војуваат со лопати, еве го и Мусолини во ф’станче, мадам Мелони од Италија, ни соопшти дека ако Русија не се повлечела, тие воено ќе ја поразеле. Стварно ли, бе, Џорџија? Така ли е, Урси? Да не ви шепотат Бенито и Адолф во соништата прекрасни идеи повторно да ги заакате Германците и Италијанците накај Русија? А ха, вашите сограѓани ама ептен сакаат да осетат руска зима на сопствена кожа, цел живот сонуваат да видат бели ноќи и да сркаат кавијар во некој ров околу Санкт Петербург. Баталете ја вие Британија, тие пак ќе ве насанкаат и во последен момент ќе извадат некој нов Черчил што ќе ја смени плочата. Само вие одете по паметот на администрацијата на Бајден и наративот на Макрон, кој веројатно ја заврши својата политичка приказна.
Патем, за оние што не знаат, во Втората светска војна повеќе француски доброволци имало во нацистичката војска при обид за окупација на Русија отколку во движењето на отпорот.
Лиз, Урси, Џорџија, па добро, мајку му стара, што им е на девојчињава? Изгледа јас нешто погрешно сум разбрал околу муабетот за рамноправноста. Мислев зборуваме за рамноправност меѓу двата пола во сите нивоа на битисувањето, ама изгледа станува збор само за правото на жената да биде моќна, глупа, девијантна, агресивна и воинствена исто како мажот. Толку енергија и пари за на крајот фразата „кучиња на војната“ да стане „кучиња и кучки на војната“. Па, што не кажавте одма? Бришете ги Роза и Клара од историјата и учебниците, тие изгледа глупости зборувале, всушност борбата била сите жени да можат да бидат Екатерина Велика… не, таа е император на Русија, значи политички е некоректно… сите жени да можат да бидат Крвавата Мери, не коктелот, туку кралица Мери Тудор. Хорор!
Се надевам дека нашата претседателка, ако веќе мора(???) да биде дел од овие фарсични настани на „меѓународната“ заедница, каде што вообичаениот западен варваризам се маскира во цивилизациски вредности, нема да ги прифати машките воено деструктивни наративи на Лиз, Урси или Џорџија (кои очигледно штом добија пет минути слава, веднаш две минути искористија за омраза), затоа што е доволно умна и возрасна да не потпадне под влијание на женска воинствена хистерија, која мене, искрено, ми личи на забеган деструктивен мачоизам поради отсуство на творечка енергија. А ако веќе мораме(???) да се топориме кај што не ни е местото (наместо неутрално да си го гледаме нашето запустено буниште), затоа што сме НАТО, а САД и ЕУ ни се партнери (боже ме прости, ние сме кулминација на мазохизмот, зашто изгледа уживаме да нè силуваат партнерите, идентитетски де), тогаш претседателката и новата власт барем нека се угледаат на Данците. А ха, данската влада веќе ги советува своите граѓани како да се подготват за нуклеарна војна во најава. Се сеќавате на оние Американци на кои им се смеевме кога во 2012 година, поради календарот на Маите и најавата за крај на светот, почнаа да градат подземни скривници и да складираат храна, вода и оружје? Е па, изгледа тие ќе излезат најпаметните.
Уф, не ми остана простор за мојата кутра Македонија, под притисок на нашите партнери и нивните домашни миленици тука, ребрендирана во зомбито Нордистан преку нацистичкиот Преспански договор, ама па „Слава, нацизму!“ е веќе нова нормалност. Ете, и Заев отиде во Атина да го слави тој наци-договор и да исправа криви дрини, додека Грците му исправаат придавки, ама Зоќе „много је шетао и тумарао најмного напоље од здравога разума“, pardon my French. А кога сме веќе кај наци-Преспа, излезе многу интересна колумна на британскиот новинар Кит Кларенберг. Да не ви ја прераскажувам, сами прочитајте, ја преведоа неколку наши портали. Не дека она што ќе го прочитате не го знаете или ние, неколкумина, не сме го пишувале, ама добро е да видите како и странци пишуваат за агентот на МИ6, Чарлс Гарет (јас ќе додадам и Бејли), кој директно учествувал во рушење (не само на власта), туку и на Македонија и тоа преку тони кеш, шарена револуција, СЈО, нелегални прислушувани разговори, „балкански“ методи, полициско-политички монтирани судски случаи, уцени, притисоци, насилство, сè со цел да се стигне до криминалниот Преспански договор и промена на името. Ако ништо друго, ете му можност на Јавното обвинителство и она за организиран криминал, преку допрен глас (Кларенберг), да отвори истрага. Само треба да ги провери наводите што британскиот новинар ги става на ачик пред сите. Не треба човек да е Шерлок Холмс за да сфати дека има сериозно кривично дело, односно злосторничко здружување што довело до велепредавство и идентитетски геноцид на цела една нација.