Јапонски истражувачи утврдиле дека тажната музика може да предизвика позитивни емоции. Дали тоа значи дека тагата доживеана преку уметничките жанрови може лесно да се справи со негативните емоции од секојдневието? Се разбира дека е можно, но сѐ зависи од емотивната кројка на поединецот. Тагата се смета за негативна емоција, но се чини не секогаш. Оти ако е така, тогаш зошто понекогаш посакуваме со задоволство да слушаме тажни ноти? Се чини дека на некој чудесен начин таа музика со својата притаена моќ би можела да нѐ поведе во светот на мечтите поврзан со нашите сеќавања. Веројатно дека кога ќе посакаме да слушнеме тажна музика, ја чувствуваме како мелем за душата. И тогаш ѝ се предаваме со сиот свој емоционален свет. Ефектот од постапката? Тагата може да предизвика романтична емоција што влијае позитивно врз нашето расположение. Исто така, тажната музика буди емоции во нас и ја поттикнува носталгијата како аршин за минливост на времето и состојбите низ кои минуваме. На тој начин влијае смирувачки и предизвикува нежни чувства и емоционална исполнетост. Можеби е апсурдно, но тоа е величествена прошетка низ коридорите на времето. Изненадувачки, тагата тогаш се претвора во чудесна енергија што нѐ ослободува од состојба на стресови на секојдневието. Едноставно, тагата и тажната музика, во еден миг дејствуваат позитивно и како за чудо, ги бркаат нашите негативни емоции. Се разбира, нивното место веднаш ќе го заземат романтичните бранови, кои ја омекнуваат напнатоста во нас. Сепак, како кому како и во сѐ.
Сигурно ќе се запрашате чуму ваков вовед? Па ете, ако сте тажни и ако нешто ве измачува уривајќи го вашиот спокој, обидете се да слушате тажни ноти. Тие како со магично стапче ќе ги испревртат работите во вашата глава и ќе ве насочат кон спокојна емотивна шир. Особено во полноќните часови, таа има моќ да влијае позитивно. Начин како да се дојде до нова енергија во море од тага. Почитуваниот читател сигурно ќе дојде до заклучок дека на човеков од колумната тагата му се обесила на грбот и сега дели совети за спас на сите оние што се соочуваат со сличен проблем. Но не е така. Кога го пишував текстот, јас бев опкружен со амбиент што може само да се сонува. Но по низа години апстиненција, пропаднати системи и општества, државност што уште виси во воздухот иако исчезна од нашите животи, нови државни творби изникнати на темелите на изумрената, јас се најдов повторно на „нашиот“ и „вашиот“ Јадран. Него сите заедно го славевме и градевме со помалку и повеќе вложувања за да го претвориме во земски рај приличен за периферно море на азурниот Медитеран. Кој како сака, така нека го толкува овој заклучок. Со чувство на тага, посегнав по некогашни популарни шлагери да допрам до романтична емоција што ќе ме врати назад низ времето. Знаете, сеќавањата се капитал што треба постојано да се плоди бидејќи е бесценет. Едноставно, неизбежно е да се направи споредба со нашето море, нашиот Охрид, како и со другите наши гордости.
Котор беше мојата септемвриска дестинација. А на патот до таму, мигови на сеќавања, романтични емоции и споредби. Мразам граници, мразам административна пречка за проток на стока и луѓето. Да, така е. Особено протокот на ЛУЃЕ, оти стоката е потреба и профит и таа полесно ќе се протурка до потрошувачот. Секако дека ја разбирам потребата да се биде свој на свое и со своите.
Но убеден сум дека ние сите ѝ припаѓаме на заедницата на народите, дека светот и неговите убавини ни припаѓаат на сите со аманет да ги зачуваме за сите нас. Не можам ништо против меморијата ниту против бранот романтични емоции што ме заплисна под карпестите чувари на тој древен јадрански град. Гледам, се изградило и се гради агресивно. Голем капитал е „истурен“ на овие простори, кои некогаш зрачеа со спокојна морска бонаца (мир или маина). Хотели со белези за респект, помали угостителски објекти што не заостануваат со своите раскошни понуди, цели туристички населби, светски брендови, банки и храмови за комар. Значи ли тоа дека стандардот е кренат високо и дека народот располага? Тоа ни посочува дека народот живее среќно и бериќетно ама и должнички. Од друга страна, голема грешка е што социјализмот не го роголисавме порано. Едноставно, сите ние посакуваме да бидеме газди. За зелени површини, мал простор. Нигде ѕирка ниту проѕирка. Пожари? Па тие се европски тренд. Државите се чувствуваат инфериорни ако не го следат трендот „пожар“. Гугл-пораката гласи дека овој пат е затворен поради пожар, одберете си друг. На тој другиот, уште шест нови пожари. Искрено, летував, шетав ама на времето немаше никакви огнени стихии. Можеби се лажам иако помнам. Граници, граници небаре сме во котари. Некаде минувате со колај, некаде зорт – се чека со часови. Тоа ти се вели слободен проток на луѓе и стока. Ајде да не бидам кусурџија. Сетики нешто ми фали. Е па, ми фали. Некој пуштил голем прилив на капитал во држави чија економија не може долго време да го создаде. Внатре, иницијатива на луѓе што го прифаќаат со две раце бидејќи луѓето сметаат дека се дадени од Господ брзо да го оплодат. Веројатно тоа се случува и на јадранскиот брег. Глетката изгледа импресивно, но и тажно во исто време. Ајде да речеме дека станува збор за романтична емоција што се вселува во душата иако тие таму се свои на своето. Како емотивец, принуден сум да повлечам паралела. Сакам да си го зачуваме Охрид од една слична авантура. Не би сакал крајбрежјето, а потоа и утробата на прекрасното езеро да се претворат во „блескава“ депонија на нашата неодговорност. Водата во Котор не беше за пиење. Во Тиват се креваат црвени знаменца за забрана за пливање. Противник и закана е ешерихија коли, фекално-орална трансмисија на патогени бактерии, кои се закануваат со болест. Ова лето и хрватското приморје имаше проблеми со бактерии и со забрани за капење. Ова ме потсети на Гостивар каде што изминатово лето имаше и „побогати“ содржини во пивката вода. Зборот ми е дека треба да се однесуваме одговорно како ќе го потрошиме капиталот што го прифаќаме однадвор иако постојат и одредени диктати и условувања, нели? Оти животот не е само профитот, туку и некои одамна изгубени содржини што облагородуваат и го прават да биде прекрасен. Во минатото и Охрид и Јадран беа чисти како солза. Си мислам, како сега да бидат такви кога без милост ги полниме контејнерите со кои комуналците сѐ потешко се справуваат. Турците имаат мошне убав израз за сево ова – аздислак. Плажите се слични на окупациони зони. Се чини дека и двајца се малку за парче место – ако го пронајдете меѓу лежалките.
Имате градежен терор, немате пивка вода. За водоводни мрежи, никој од парајлиите нема да потроши ниту денар. Сите се потпираат на државата. А таа кутрата, крава молзница. Нема да кажам ништо ново ако потсетам на старата добра процедура. Најпрвин инфраструктура, потоа градба. За да побегнам од мачнината на моментот, пуштам музика. Ја слушам „Еј момчиња млади“ на Д. Краљиќ и „Обриши ги солзите драга“ на Боба Стефановиќ. Како некогаш. А како круна, сетната мелодија на Автовски, „Кажи зошто ме остави“. Не, не сум југоносталгичар ама сакам да помнам и да споредувам. Сонувам за ново поквалитетно ниво на општествена надградба.
Авторот е писател
Љубомир Јованоски
































