Избори 2024: Да се помине Рубикон

Изборите претставуваат демократија, демократијата подразбира слободни избори. Токму со овој силогизам може да се опишат воопштено целите на изборите што ќе се одржат во мај во Република Северна Македонија (поранешна Република Македонија). Овие избори се можеби последната можност Македонија да застане на вистинската страна на демократијата и слободата и да се испере од валканиците што ја следат повеќе од триесет години. Без оглед кој ќе победи и ќе ја води власта во наредните четири години, ако не ги фрли во отпад слабостите што ги следеа демократските процеси во минатото, не може да се надева на успех и на доверба меѓу граѓаните.
По изборите во 2016 година, кога беа злоупотребени лагите на Шарената револуција, и по изборите во 2020 година, кои поминаа во сенката на тешката пандемија на ковид-19, изборите во 2024 година би требало да се одвиваат во нормална атмосфера, без здравствени неволји и револуционерни притисоци. Тие може да бидат граничникот, Рубиконот по чиј премин Република Македонија ќе може да каже дека го завршува периодот на лутање, транзиција и консолидација од осамостојувањето до денес и да го почне циклусот на функционирање како нормална, пристојна, демократска проевропска држава. Се разбира, ако тој Рубикон се премине и се сфати важноста на тој пресврт.
Кои се и како да се постигнат тие цели?
Секако дека продолжувањето на патот кон евроинтеграцијата е меѓу приоритетите. Нема потреба да се докажува дека безмалку сите партии во своите програми ја имаат таа определба. И трите најважни и најмногубројни – СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Разликата не е во определбата, волјата и желбата за ЕУ, разликата е во начинот како да се реализира таа цел. Додека првите две партии го сакаат тоа под понижувачки услови, третата смета дека наметнатите услови може да се ублажат, ако веќе не може да се елиминираат.
Еден нормален, рационален, културен и добронамерен постизборен дијалог меѓу неколкуте клучни партиски фактори, вклучувајќи го и претседателот на државата, сигурно би придонел да се најде солуција од сегашното статус кво, особено во врска со предвидената промена на Уставот на државата и запишувањето на Бугарите во него.
Лесно е да се рече дека изборите треба да бидат чесни и фер кога се знае дека Македонија не може да се кити со такви фигуративни пердуви. Слично на минатите избори, би било нереално да не се очекува пожестоко од обично да се изразуваат различните гледишта, како што истовремено ќе се шират дезинформации и лажни вести. Таквите „поткасти“ се неизбежен фолклор во сите изборни игри. Не може да се исклучат вербални инциденти, подметнувања и обиди за фалсификати, има Македонија доволно искуство и институции нив да ги минимизира и да ги сведе на прифатлива мера.
Речиси сигурно и на овие избори кај гласачите нема да победуваат фактите што во кампањата ќе ги изложуваат партиите и нивните лидери. Ниту ќе бидат на врвот на ценетоста голите флоскули за НАТО и ЕУ. Нема да бидат од помош ветувањата за големи плати, пензии и слично, бидејќи тие ветувања одамна се изневерени. Ќе победува перцепцијата на мнозинството, перцепција што, по правило, е главно на штета на владејачките партии.
Што ни вели, какви препораки ни дава и што ни налага таа мнозинска перцепција?
Прво: Во идната власт (Собрание и Влада) да нема место за корумпирани политичари, нив да ги нема ниту на кандидатските листи. Да не бидат избирани лица што се поврзувани со финансиски и други афери, со криминали со државни пари, со местење тендери и со други криминогени дејства и активности.
Второ: Идната власт конечно да се ослободи од лица со окрвавени раце. Од оние што учествувале во војна, каде било и кога било, што имале командна или друга одговорност и што учествувале во воени дејства во кои имало воени злосторства и мртви. Останувањето или влегувањето на таквите лица во новата власт ќе биде продолжување на милитаризацијата и голем пораз за демократијата, за нормалниот цивилен развој на државата.
Трето: Во идната власт не смее да има лица што учествувале во уривање на уставниот поредок на државата, што биле судени за тероризам, што учествувале во насилствата во Собранието, оние што биле процесирани низ специјалното јавно обвинителство и што биле судени во врска со прислушуваните разговори во 2014- 2015 година. Сите што беа „бомбардирани со бомбите“.
Четврто: На овие избори дефинитивно треба да бидат надминати и колку што може избришани остатоците на политиките на Зоран Заев и на Никола Груевски. Станува збор за нивните штетни политики, низ сито треба да поминат и одредени личности поврзани со нив. Последиците од владеењето на пребеганиот Никола Груевски и амнестираниот Зоран Заев покажуваат дека секој таков избор не може да донесе нешто добро.
Петто: Да се напушти доктрината „едно општество за сите“, доктрина што се потроши уште пред да заживее. Да се замени со доктрината „една држава за сите“. Државата, а не општеството, е таа што се грижи за граѓаните, државните институции се оние што ја спроведуваат власта, што ги спроведуваат законите и се грижат за социјалата. Општеството нема такви институции. Општествените организации беа карактеристични за комунизмот, тие не се особеност на сегашниот капитализам.
Шесто: Одговорноста паѓа на големите партии и на нивните лидери. Би требало да се свесни дека Република Северна Македонија навистина е на пресвртна точка, на клучен крстопат пред предизвикот дали и натаму ќе тоне, ќе се раздробува и ќе се парчи или ќе тргне кон „најсветлата иднина“. Се разбира дека остварувањето на сите цели најпрво зависи од и изборот на граѓаните, а потоа од изборот на политичарите.
И за крај: Не е тешко на оваа тема да се нафрлаат празни фрази дека во кандидатските изборни листи треба да има застапеност на мажи, жени, млади, стари, да има вакви или онакви квоти. Тие заложби се само маска, смоквин лист, да се покријат оние што вистински владеат.