Има ли во Северно Море пингвини и електрични јагули?

Година 1995. Регрутација. Спортска медицина. Прегледи. Моите очи. Моите страшно слаби очи. Воена болница. Доктор специјалист. Преглед. Мислење. Назад во Спортска медицина. На воената книшка ми удираат нааа токлав печат… НЕСПОСОБЕН ЗА ВОЈСКА. Ич не ми е срам, ама сега излегува дека сум издал воена тајна. Сиот државен и судски систем ќе се вклучи во мојот прогон додека не завршам в затвор. Секако ќе им успее, за тоа се спремни, ама за катастрофата наречена трета светска војна, чија страшна реа веќе се крева, тешко дека се подготвени. Знам, полесно е да се занимаваме со бесмислени „воени“ скандали на власта способна само за корупција и велепредавства, полесно е да сме окупирани со опозицијата изгубена во борбата во сопствени редови, отколку да се соочиме со фактот дека веќе утре треба да се справиме со глад, недостиг од енергија и трета светска војна во сериозна најава. Оти не е само Русија во војна со НАТО и Украина. Џо им порача на американските војници да се подготвуваат за војна. Истото тоа им го порача и Кси на своите.

Русјаков, не шири паника! Украинската офанзива ќе оди до Москва, а НАТО ќе ја фрли на колена и ќе ја распарчи Русија.
Украинска офанзива. Нордистанските медиумски петли кукуригаат. Радост и катарза. Воспевање на Зеленски. Да помисли човек дека веќе утре ќе ја мажат ќерката за пенис-мајсторот на пијано и сопственикот на луксузен апартман во Тоскана, кој одвреме-навреме им го рента на Руси. Ама Зеленски е женет. Или можеби се надеваат дека е осамен оти Володимирица се допишува со Роџер Вотерс. Лошиот Роџер Вотерс. Бара слобода за Асанж. За сето срање што се случува, прво ги обвинува САД и НАТО, а дури потоа Путин и Русија. Го истреска од земја новинарот на Си-ен-ен, му покажа колку е неписмен и го испрати во библиотека. И затоа сега, Роџер Вотерс, кој ја кажува вистината, е непријател на демократијата.

Русјаков, ќе те изеде темницата, само ти шири руско влијание.
По десет дена се вратив од пат. Веднаш ѝ се нафрлив. Уста, очи, врат… надолу… Застани, вели, сакам, ама ме боли стомак, добив. Што, викнав како некој да ми подметнал шчи во подварокот, па и минатиот месец доби. Ме гледа со своите убави збунети очи и ми враќа, па и следниот месец ќе добијам. Не се давам така лесно. А ха, кучко, вреснав, шириш антисексуална руска хистерија, руска пропаганда против водење љубов, затоа што Русите сакаат да водат војни, ти си рубља антисекс пропагандист, признај! Ме погледна со тага во очите и, ти си полуден, заклучи.
Само ти продолжи да се заебаваш, Русјаков!

Да, полуден сум. Не! Зошто јас? Тие се полудени. Ловците на руски вештерки. Русите се виновни за бугарското вето, така ли беше? Ама истите тие Руси, денес шират антибугарска пропаганда низ Нордистан. Значи, Руси смислуваат вето што Бугарија го испорачува, па трчаат ваму и нè палат против тоа што сами го смислиле. Има логика, ако се земе предвид дека Русите немаат попаметна работа. Не знаат што да прават со себе, па смислуваат како да го уништат Нордистан. Да водеа војна, да им се срушеа врз глава милион санкции, ќе си речеше човек, нема логика, Русите се зафатени, ама вака, кога знаеме дека си го прчат изгорени од сонцето и се проѕеваат од здодевност во некоја вишнова градина, логично е цело време да се занимаваат со нордистанците.

Сменете плоча! Најдете, покрај Русите, и друг виновник. Не може целата своја неспособност да ја оправдате насочувајќи го прстот кон Кремљ. Глупо е. Може и Кинезите се за нешто виновни. Или пингвините. А електричните јагули? Бидејќи нема да обезбедите храна и струја зимава, обвинете ги пингвините и јагулите. Пингвините ја изедоа сета нордистанска храна. Електричните јагули ја ишмркаа струјата. Ама и тие може се под руско влијание. Таму, во Северно Море, Русите ги дрогираат. Има ли пингвини и електрични јагули во Северно Море? Немам поим. Што е битно?

Мене обвинете ме. Под руско влијание сум и не се срамам да го признаам тоа. Бев десет дена на пат и со себе ги носев Толстој, Довлатов и Глуховски. Патем, се презивам Русјаков. Лани го запознав рускиот амбасадор. Разговараме за Водоласкин. Кој Водоласкин? Можеби уфрлен руски играч во нордистанската едемска градина? Шпион? Нека проверат службите. А бе, утре да се појави некоја елиенска суперсила и да ми речат, бирај, или ќе го уништиме НАТО или сите стихови на Есенин, јас без размислување ќе изберам да биде уништен НАТО, оти како да живеам без стиховите на Есенин? ЕУ или Достоевски, ќе ми речат, едно мора да исчезне, јас секако ќе го задржам комплетот од Фјодор Михајлович.

Украинската офанзива заврши. Најавени се референдуми во Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Ако изгласаат припојување кон Руската Федерација, а речиси е сигурно дека ќе биде така, секој испукан куршум од украинска страна ќе се смета за агресија врз Русија, крај на специјалната воена операција и почеток на војна. Тоа значи дека воената помош што Украина ја добива од САД, ЕУ и НАТО ќе се смета за сојузништво во агресијата, па сите гореспоменати стануваат легитимни цели. И, ете, трета светска војна.

Сиот свет вреска за ова. Сиот свет освен Нордистан, кој секако ќе го дочека големото светско срање неподготвен. Затоа што Нордистан има попаметна работа. Лови во матно руски влијанија. Народот се пенави дали Мицковски е шпицен градоначалник, а Данела иден лидер на опозицијата. Цените станаа повисоки од скандинавските. Храна и струја секако ќе нема. И никого не го боли уво што Арес и Марс ги наострија сабјите и само што не замавнале низ планетава.

Важно знаеме, Русјаков, ти на чија страна ќе бидеш во војната.
Има една анегдота за која не знам дали е вистинита. Почнала Втората светска војна, а Иво Андриќ, гневен и разочаран од цивилизацијата, се затворил в соба и го напишал „Мостот на Дрина“. Јас не сум Андриќ, но знам дека ако има трета светска војна, сигурно Русија нема да ми биде пријател, ама па воопшто и не се двоумам кој ќе ми остане непријател. Оној што и пред тоа ми беше. Нацистичката оска што спроведува идентитетски холокауст врз мене и мојата татковина, Македонија. Таа наци-пирамида илјадапати досега сум ја нацртал. ОН дозволија да поминат геноцидните барања на Грција и Бугарија, поддржани од САД, ЕУ и НАТО, а прифатени, одработени или неспречени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и нивните сателити од партии, како и незаинтересираниот конформистички народ што не знае да прави разлика меѓу држава и татковина. Затоа, за крај, едно ќе ви речам, иако нема да ме послушате. Читајте го Достоевски, оти веќе утре, сосема е очекувано од глад и куршум да се умира.