Добро е да се знае дека барем живееме во земја каде што сѐ уште има мед (и млеко)

И јас би сакал да блескаме, ама навистина да го почувствувам тоа. И кога ќе одам на лекар, и кога ќе пазарам во маркет, и кога ќе возам по нашите патишта, и кога ќе можам да си ги намирам сметките. Не знам, можеби грешката е до мене, но не гледам многу среќни луѓе, ниту пак убедени во „блескањето“

Во каква Недојдија живееме, ниту Алиса не ни е рамна. Функционери „фатени со рацете во мед“, назначување функционери или овластени службеници што веќе имаат една „државна“ функција, со што директно се прекршува закон, правилници, упатства, шефови на кабинет што ги тепаат колегите, назначување дипломати без квалификации на сензитивни места, поставување и менување директори без некаков ред, пациенти што губат живот од изваден заб, автопат од два километра се гради со месеци и никако да почне, а да не зборуваме за оној од Кичево до Охрид, трет автопат од кој мистериозно се повлекува надзорот… да му се слоши на човек од едноставно следење вести. И тоа само од последниве неколку дена. Ако копаме подлабоко, којзнае што може да се случи, ќе ни се слоши само од набројување. По сѐ, нормално, првото прашање што секојдневно се повторува: Каде живееме ние?

Есента стигна, дуњите почнаа да зреат, како во народната песна, а ние не знаеме како и дали ќе се грееме, барем оние што сме приклучени на парно. Власта нѐ убедува дека не треба да се грижиме, но опозицијата, па дури и некои независни експерти укажуваат дека не е баш така. Сепак, ако ни е некаква утеха, знаејќи дека и најголемиот број функционери се приклучени на парно, можеме да се надеваме дека нема да се остават без греење самите себе, па и ние ќе куртулиме. Но што да правиме со оние преостанатите, кои се греат на дрва, на струја, којзнае на што. Ќе видиме, има време.

И така, се редат слики. Гледаме и се чудиме. Има ли крај, ќе се најде ли некој „камшикар“, како што велеше еден поранешен премиер, па да се размавта во обид дека барем малку ќе нѐ спастри. Ќе живееме ли еднаш во држава во која нема да стравуваме и да се тресеме во неизвесност – што нѐ чека утре? И, зошто е потребно да се прави таков хаос во секоја област, независно што власта упорно нѐ убедува дека „блескаме“. И јас би сакал да блескаме, ама навистина да го почувствувам тоа. И кога ќе одам на лекар, и кога ќе пазарам во маркет, и кога ќе возам по нашите патишта, и кога ќе можам да си ги намирам сметките. Не знам, можеби грешката е до мене, но не гледам многу среќни луѓе, ниту пак убедени во „блескањето“.

Туку, да се послужам со зборови на актуелната градоначалничка, кога би „смалиле доживљај“ владините пропагандисти, а и кога би се смириле малку дечките од другата страна на барикадата, не би било лошо да се прогласи некакво примирје, да престане лавината од меѓусебни обвинувања и објективно да се пристапи кон решавање на проблемите. Веројатно тоа би било едно од можните решенија, колку и да изгледа утопистички. Затоа што второто решение е кога ќе се дојде до работ на бездната, да се активираат „олеснувачите“, а тие никогаш не носат добро. Ако не верувате, погледнете малку низ светот. Примери има колку сакате.

Но да не фантазирам многу. Очигледно, ние ќе си тераме по старо и ќе чекаме да видиме до каде може да оди ова вака. Попусто ќе очекуваме да видиме некој лик што одлучно ќе застане на говорница и ќе каже: „Работава е сериозна. Да се фатиме за работа“. И да тргне со конкретни решенија. А не да се давиме секојдневно во бескрајни партиски соопштенија и прес-конференции, кои веројатно веќе не ги слушаат ниту најблиските на оние што ги читаат. А колку би било убаво да е поинаку во земјата каде што „сонцето вечно сјае“.

Да биде како во земјите каде што законите и протоколите се почитуваат и изненадувањата се сведени на минимум.
И повторно еден свеж, актуелен пример. За време на севкупните церемонии во врска со погребот на кралицата Елизабета, во Велика Британија се одвиваше импресивна низа на настани според кралскиот протокол. Речиси секојдневно и од час на час се случуваше по нешто што било пропишано пред којзнае колку години и, што е уште поинтересно, повеќето протоколарни активности си имаа соодветно име. Но она што најмногу паѓаше во очи е дека речиси сите, или ајде да бидеме малку поеластични, оние активности што ѝ беа достапни на јавноста се одвиваа со невидена прецизност. Буквално никаде не се задоцни ни минута, а камоли да се случи некој посериозен инцидент. А, како што можеше да се дознае, веќе отсега се подготвува протоколот за погребот на следниот британски крал.

И можеби прецизноста на британскиот или, поточно, кралскиот протокол не би паднала толку во очи, да не се случеше непријатниот инцидент со телеграмата на сочувство што од страна на нашата држава беше испратена кон Лондон. Не би ја цитирале сега содржината, која стана предмет на најразлични коментари, особено на социјалните мрежи, само би посакале да не беше така. Најмногу би сакале да нема потреба да се навраќаме на такви, во суштина, сосема небитни работи, знаејќи дека сѐ е во ред. Но кога и некоја таква ситница не успеваме да ја погодиме како што треба, уште потешко е човек да се убеди самиот себеси дека имаме капацитет да се справиме со големите проблеми што ни натежнале над главата.