Во трката за лидерството во светски рамки се користат сите расположливи средства

Кина и Европската Унија веќе работат на создавање сеопфатни политики за вештачката интелигенција. Американските политичари мора да вложат поголем труд за да го донесат законот за правата во вештачката интелигенција ако сакаат да го одржуваат чекорот со нив, велат Марк Ротенберг и Мерв Хикок за ЦФР

Повеќе од педесет години откако истражувачката група на универзитетот „Дартмут“ започна со работа на новото поле наречено „вештачка интелигенција“, на САД сè уште им недостига национална стратегија за политиката за вештачка интелигенција (ВИ). Зголемената итност за завршување на овој потфат станува појасна ако се има предвид брзиот напредок на сојузниците и на противниците на САД.

Пред сѐ, Европа спроведува две иницијативи со далекосежни последици. Законот за вештачка интелигенција на Европската Унија (ЕУ) ќе воспостави сеопфатен пристап заснован на ризик за регулирање на вештачката интелигенција кога ќе биде усвоен во 2023 година. Многумина очекуваат дека Законот за вештачка интелигенција на ЕУ ќе го прошири „ефектот на Брисел“ низ секторот како што претходно направија за голем дел од технолошката индустрија Законот за европска приватност на податоците и Општата регулатива. Европскиот совет ја развива првата меѓународна конвенција за вештачка интелигенција, која има цел да ги заштити основните права, демократските институции и владеењето на правото. Конвенцијата за вештачка интелигенција ќе биде отворена за ратификација од земјите-членки и за оние што не се членки.

Кина, исто така, напредува со регулаторната стратегија за да ја дополни својата цел да биде „светски лидер во вештачката интелигенција до 2030 година“. Кина неодамна ја усогласи општата регулатива со Законот за заштита на лични податоци и нова регулатива за алгоритми за препораки со слични одредби на Законот за дигитални услуги на ЕУ. Кинескиот регулаторен модел, најверојатно, ќе влијае на земјите во Африка и во Азија, дел од иницијативата „Појас и пат“ и ќе доведе до можен „ефект на Пекинг“.

Развој и усвојување на принципите за вештачка интелигенција

САД направија извонреден потфат одржувајќи кохерентна политика во извршната власт во однос на администрациите на Обама, Трамп и на Бајден, истакнувајќи ги клучните вредности и промовирајќи агресивна истражувачка агенда. Во Извршната наредба од 2019 година за одржување на американското лидерство во вештачката интелигенција, САД рекоа дека „ќе ја поттикнат довербата на јавноста во технологиите на вештачката интелигенција и ќе ги заштитат граѓанските слободи, приватноста и американските вредности во нивната примена“. Промовирањето на употребата на вештачката интелигенција во Федералната влада ги воспостави принципите за развој и употреба на вештачка интелигенција во согласност со американските вредности.

САД, исто така, одиграа водечка улога во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со развојот и усвојувањето на нејзините принципи за вештачка интелигенција, кои се првата глобална рамка за политиката за вештачка интелигенција. Тие принципи, кои ја нагласуваат „човеково насочената и доверлива“ вештачка интелигенција, подоцна беа усвоени од земјите на Г20, а сега се поддржани од повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги Русија и Кина. Но САД не беа вклучени кога УНЕСКО ја усвои Препораката за етика на вештачката интелигенција, најсеопфатната рамка за глобалната политика за вештачка интелигенција што се занимава со новите прашања, како што се вештачката интелигенција, климатските промени и родовата еднаквост.

САД наидоа на проблеми со Советот за трговија и технологија во обид да се усогласат технолошките политики со ЕУ за заедничките вредности

Тешкотии во усвојувањето

Демократските вредности се клучна тема бидејќи САД се обидуваат да направат остра разлика помеѓу примената на технологии што унапредуваат отворени, плуралистички општества и оние што ја централизираат контролата и овозможуваат надзор. Како што објасни државниот секретар Ентони Блинкен минатата година, „нивна задача е да изнесат и да спроведат убедлива визија за тоа како да се користи технологијата на начин што ќе му служи на американскиот народ, ќе ги штити интересите и ги поддржува демократските вредности“. Но без законодавна агенда или јасна изјава на принципи, ниту сојузниците ниту противниците не се јасни за целите на политиката на американската вештачка интелигенција.

САД наидоа на слични проблеми со Советот за трговија и технологија (TTЦ), обид да се усогласи технолошката политика на САД и на ЕУ за заедничките вредности. Заедничка изјава постави основа за соработка за вештачката интелигенција за ЕУ ​​и за САД во есента 2021 година, но Украина ги промени трансатлантските приоритети и во овој момент останува нејасно дали TTЦ повторно ќе се фокусира на заедничка политика за вештачка интелигенција.

Со сличен предизвик се соочуваат европските и американските лидери за новите правила за трансатлантскиот проток на податоци. По две претходни одлуки на високиот суд во Европа, кои утврдија дека на САД им недостига соодветна заштита на приватноста за пренос на лични податоци, пратениците од двете страни на Атлантикот се загрижени дека протокот на податоци може да биде суспендиран, како што неодамна се закани ирскиот комесар за приватност.

Враќање на лидерството

За да се врати лидерството во доменот на политиката за вештачка интелигенција, САД треба да ја придвижат иницијативата за политика, која започна минатата година од Канцеларијата за политика за наука и технологија. Канцеларијата наведе многу од ризиците од вештачката интелигенција, вклучувајќи ја и вградената пристрасност и широко распространет надзор и повика да се донесе законот за правата на вештачката интелигенција. Белата куќа ја поддржа иницијативата и ги охрабри Американците да се приклучат кон напорите да се создаде закон за права за автоматизирано општество. Но раниот напредок е запрен, а одложувањето има реални последици за Американците. Странските влади исто така бараат американско лидерство во ова поле, кое брзо се развива. Напредокот на иницијативата за законот за правата на вештачката интелигенција ќе помогне да се изгради доверба и да се врати лидерството кај САД.

Минатата година, Канцеларијата за политика за наука и технологија јасно изјави дека треба да се бара од моќните технологии да ги почитуваат демократски вредности и да се придржуваат до централниот принцип дека секој треба да се третира еднакво. Тоа треба да биде камен-темелник на националната политика за вештачка интелигенција на САД и таа ќе ги унапреди меѓународните норми за управување со вештачката интелигенција.