Кинескиот бренд за играчки „Бела“ набргу го замени оригиналниот пазар на „Лего“ во Русија

Подем на најголемиот светски индустриски производствен појас

Во следниве две децении ќе бидеме сведоци на најголемиот светски трансфер на богатство во досегашната историја, и тоа од двете страни на Атлантикот кон Далечниот Исток, истакнува Ванг Вен за „Глобал тајмс“

Потрошив половина час пешачејќи од првиот до петтиот кат на трговскиот центар Галерија, најголемиот во главното централно подрачје на Санкт Петербург, истражувајќи колку европски и американски брендови си имаат заминато од рускиот пазар. Најголемиот дел од брендовите сè уште е таму. Вработен во продавницата на „Епл“ ми кажа дека откако започнал руско-украинскиот конфликт, тие биле затворени само еден ден. Уште поинтересно е што додека „Мекдоналдс“ на петтиот кат е затворен, КФЦ е отворен и доста добро профитира од секојдневните долги редици купувачи.

Трговскиот центар беше преполн со луѓе. Блиската улица Нева вриеше од туристи од целиот свет, а преполни беа и многуте туристички атракции. Очигледно, западните санкции немаат некое големо влијание врз секојдневниот живот на Русите. Секако, санкциите имаа одредено влијание врз средната и повисоката економска класа. Тешко може да се патува во Европа, а станува и сè потешко да се купат одредени европски и американски брендови, како на пример високотехнолошки производи и резервни делови. „Виса инк.“ и „Мастеркард инк.“ прекинаа со своите операции на територијата на Русија. Сепак, Москва брзо најде алтернативи. На пример, европскиот бренд за играчки „Лего“ веќе ретко се гледа во Русија, но затоа кинескиот бренд за играчки „Бела“ набргу го замени оригиналниот пазар на „Лего“.

Свет без американска доминација

Нешто што е уште поимпресивно е што за време на Источниот економски форум, одржан во Владивосток на почетокот на септември, имав можност да видам амбиент на вистински руски просперитет. На форумот учествуваа гости од 68 држави. Не видов ниту еден претставник од САД, но имаше неколку научници и претставници од Јапонија, Норвешка и други земји.

Претседателот Владимир Путин одржа моќен говор на форумот, чија поента беше дека американската доминација во светската политика опаѓа, како и дека е невозможно Русија да биде изолирана од која било земја. Говорот на Путин предизвика бурен аплауз од публиката. Можеби сите се обидуваа да испратат порака дека остатокот од светот може да продолжи без САД. Времињата кога Вашингтон му диктираше на светот што треба да прави се веќе минато.

Далечниот Исток прераснува во главен центар

Можно е светот да се обликува без САД, особено кога станува збор за интеграцијата на Далечниот Исток. Таму во моментов се создава најголемиот светски индустриски производствен појас. Се изгради меѓународен модел на прекугранична поделба на трудот меѓу Кина, Јапонија, Јужна Кореја и АСЕАН, а вкупниот извоз на регионот веќе го има надминато севкупниот на Европската Унија (ЕУ) и Северна Америка.

Во следниве две децении ќе бидеме сведоци на најголемиот светски трансфер на богатство во досегашната историја, и тоа од двете страни на Атлантикот кон Далечниот Исток, каде што се основаат илјадници нови компании за управување со богатство. Далечниот Исток станува главен центар за иновации на паметната индустрија. Пекинг, Шангај, Шенжен, Сеул, Сингапур и Токио се меѓу градовите со највисока технологија во светот, додека технологиите како транспорт без шофер, урбана имплементација на Интернет на нешта (ИоТ), сензорски мрежи, безготовинско плаќање, технологии за енергетска заштеда, батерии за енергетско складирање, урбан надзор и телемедицина користат иновации и се шират многу побрзо во државите на Далечниот Исток одошто во Европа, САД и во другите земји.

Атрактивноста на технолошките иновации привлекува сè поголем број талентирани луѓе, кои заминуваат кон Далечниот Исток. Од почетокот на финансиската криза во 2008 година, драстично се зголеми бројот на Американци што работат или имаат престој во странство, односно од четири милиони во 1999 година на 10 милиони во 2019 година. Далечниот Исток сè почесто станува најомилена дестинација за Американците што заминуваат во странство. За да привлечат претприемачи, научници и иноватори на стабилен и долгорочен престој, Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур креираа национални програми за талентирани поединци.

Токму Русија е најтипичната држава што го забрзува своето вртење кон Далечниот Исток. Гледано од оваа перспектива, западните санкции нема да ја „убијат“ Русија, туку ќе создадат една нова Русија, која се откажува од своите илузии во однос на Западот и постепено се вградува себеси сè подлабоко во Истокот, наоѓајќи го сопственото ново „јас“ преку користењето на предностите од неговиот подем.