Илустрација / Фото: Пекселс

Алтруистичка конотација на украинскиот туризам

Киевските улици во повеќето денови се прометни, со повремени сообраќајни метежи, кои го забавуваат движењето на возилата. Ако немаше предупредувања за воздушни напади, песочни вреќи и барикади покрај административните згради, можеби никој немаше да забележи дека во Украина владее конфликт. Во главниот град животот се одвива речиси непречено, а неговите жители посетуваат паркови, шетаат низ булеварите или се релаксираат во кафулињата.

Ксенија Федорова 10 години работеше за голем телевизиски канал, но сега заработува за живот како актерка што синхронизира серии. Таа се врати во својот роден град Киев и вели дека работите изгледаат речиси исто како и во периодот пред конфликтот: трговските центри, рестораните и кината се отворени, а градските улици се полни со луѓе.

Штом ќе се огласи сирената за воздушен напад на улицата Хрешчатик, главната киевска авенија, преполна со барови, ресторани и продавници, повеќето од луѓето реагираат мирно. Некои продолжуваат да шетаат, додека други се упатуваат кон метрото за да се засолнат додека не се слушне знакот за прекин на тревогата.

Се вратија домашните туристи

Додека странските туристи го избегнуваат Киев од самиот почеток на конфликтот, домашните туристи наголемо се враќаат во него. Повеќето Украинци сакаат да му се вратат на нормалниот живот, онолку колку што е возможно, а за многумина тоа значи и одење на кратки патувања и туристички посети на големите градови. Организираните тури низ Киев се доста барани, иако со конфликт што сè уште трае, туристите претпочитаат тури со вклучени засолништа од бомбардирање, во случај на вонредни ситуации.

Туристичката водачка Олена Орос вели дека градските обиколки се вратиле речиси во нормала. Таа често води групи до 20 луѓе, а специјалните таканаречени тематски тури привлекуваат уште повеќе интерес. Орос објаснува дека многу домашни туристи сега се чувствуваат доволно безбедни да го посетат градот и да се пријават за една од нејзините обиколки. Еден холандски волонтер стациониран во Украина дури ѝ предложил да води тура на англиски јазик.

Несомнено е дека украинскиот туризам разви една убедливо алтруистичка конотација. Многу туристички агенции и водичи што продолжија со работа, масовно донираат дел од своите приходи во добротворни цели. Други, пак, нудат специјални попусти за припадници на воените сили, семејства и деца.

Повторно будење на киевскиот културен живот

Во текот на првите недели од конфликтот, животот во главниот град беше турбулентен. Како и да е, се чини дека нештата се вратија речиси во нормала. Пак се отворија вратите на голем број културни институции. Граѓаните сега повторно можат вечерта да ја поминат во националниот академски театар „Лесја Украинка“, во операта или во некој од многубројните градски музеи, како што е Националниот историски музеј на Украина.

Наталија Лихитскаја, виша научничка во музејот, кој беше повторно отворен на почетокот на април, раскажува дека во првите денови од конфликтот, најскапоцените експонати биле спакувани и пренесени на безбедна локација. Потоа била отворена привремена изложба посветена на битката за Киев и неговите херои, но може да биде дозволен пристап на групи со не повеќе од 20 посетители. Таа додаде дека во случај на тревога за воздушен напад, музејот располага со подземно засолниште.
Навечер и за време на викендите, во парковите се случуваат концерти на отворено, а киевските улични свирачи ги забавуваат минувачите со џез, поп и украинска музика. Во метро-станицата „Мајдан Незалежности“ се одржуваат подземни концерти.
Повеќето странски туристи и понатаму го избегнуваат Киев

Марија Јуновец, експертка за патувања од туристичката агенција „Спутник Киев ДМЦ“, вели дека условите не се безбедни, летовите се ограничени и постои континуирана опасност, поради што не може да им гарантираме безбедност на странските туристи. Јуновец додаде дека повеќето странци што денес ги среќаваат во Киев се новинари, политичари и членови на хуманитарни агенции.
Луѓето што работат во украинскиот туристички сектор не очекуваат брзо враќање на туристите. За да се случи тоа, неопходно е не само да престанат гранатирања и нападите туку и да се укине воената состојба, а да не зборуваме и за повторно отворање на украинскиот воздушен простор.