Иднината на нашата сегашност

Убавината ќе го спаси светот, се шпекулира дека кажал/напишал Достоевски. Светот, модерен, технолошки совршен, етички супериорен и цивилизациски беспрекорен, се навреди од оваа дрскост. Што има некој Русин да кажува како ќе се спаси светот? Светот е совршен, нема од што да се спасува, а убавината е негова врвна доблест и бренд од билбордот на восхитувачката нова нормалност. Затоа светот одлучи да го казни тој безобразен Достоевски за навредата. Научниците зедоа негова ДНК и го клонираа. Властите само неколку часа разговараа како да ја спроведат казната. Дали да го протераат од Нордистан на Сибир како во старите грди времиња, дали да го стрелаат со најубавите куршуми, тие ремек-дела од фабриките за естетика на смртта, или да изберат нешто трето.
Избраа нешто трето. Го врзаа за ракета земја-воздух-детска градинка и го испалија од плоштадот за егзекуција на политички некоректните. На тој начин, во прајмтајм на сите телевизии видовме како умре Достоевски заедно со уште 79 деца во погодената градинка како пример на идните родители што треба да внимаваат на развојот на сопствените деца, оти некои од нив може да пораснат и да посакаат да читаат етички неподобна литература, како онаа на дотичниот Русин. Патем, градинката се наоѓа во Украина, огромен полигон за тестирање на модерните оружја од фабриките за естетика на смртта. За ракетирањето беше обвинета Русија, територија населена со етнички некоректен народ, кој вообичаено е виновен за сè, како некогаш велосипедистите и Евреите, а подоцна и муслиманите.
Егзекуцијата ја гледавме во кругот на семејството. Јас, моите две мајки, тато и неговиот дечко, помалиот брат и неговата сопруга педосексуалка, инаку другарка на баба, која ја донесе својата нова девојка, транслезбејка, како и дедо, кој конечно сфати дека е верверичка. Сите бевме среќни и од уво до уво насмеани. Направивме и селфи, со специјални филтри за да ни се потенцираат белозабите насмевки, па ги испративме во кастинг-агенцијата надевајќи се дека некој од нас може да биде избран да рекламира паста за заби, како што лани една од моите мајки глумеше во реклама за прашок за перење на фантазијата.

Веднаш по егзекуцијата ,со кратко соопштение реагираа зомбисексуалците, кои клонираат познати личности од минати времиња за да водат љубов со нив. Изразија жалење што егзекуцијата се извршила така брзо, на што додадоа дека би можеле да го држат Достоевски во живот неколку дена пред да го лансираат, чисто ако некој од нив посака да води љубов со него.
Утредента веќе никој не се сеќаваше на Достоевски. Радоста се рашири низ етерот на Нордистан, моќната европска силиконска долина, со најголем број луѓе што имплантирале силиконски мозоци или цицки на територијата на Европа. На гости ни доаѓа Урсула ЕУ-400, виша претставничка на Евроамериканската Галактичка Унија. Патем, овој модел на евробирократ наречен Урсула ЕУ-400 е надграден со сајберзаштитна база, затоа што во претходниот, злите Руси подметнаа чип од руски миксер, при што тогашната Урсула ЕУ-300, наместо да нè убедува да отвориме устав за да ги додадеме во него климамутантите како малцинство, односно оние на кои некогашните климатски промени им направиле етноемотивни мутации, фати да мати јајца за торта, што сите нас непријатно нè изненади.
Овој пат, Урсула ЕУ-400 доаѓа поради два важни настани за Нордистан. Националниот празник наречен Промена на Устав е ден на кој секоја година празнично се отвара нашиот Устав и традиционално нешто се внесува во него. А тоа значи дека секоја година, со секоја нова промена на Уставот, сè поблиску сме до започнување преговори со Евроамериканската Галактичка Унија, само треба да ги внесеме сите оние народи, поединци, предмети и климатски појави што други ги изнесуваат од своите држави, домови, стомаци или мали мозоци за конечно да се усогласиме со синхроницитетот на западната цивилизација, вселената, бесконечноста и глупоста. Ако нема што конкретно да се внесе, внесуваме нешто симболично. Минатата година, на пример, внесовме тегла слатко од зелени смокви, пар износени патики, една неидентификувана пивтиеста маса и десеттомната биографија на незнајниот нордистански јунак напишана лично од Чет-ГПТ на чист политичко коректен јазик, дијалект на древнобугарскиот, кој Бог на времето го измеша, откако Бугарите решија да прават вавилонска Ајфелова кула. Зошто ги внесовме баш овие нешта? А зошто да не?
Оваа година, како престапна, но и поради фактот што големиот верски празник на Светата Шарена Револуција секогаш се менува, двата празника, националниот и верскиот се поклопуваат, па така Урсула ЕУ-400 ќе има чест да ја отвори и религиозната целеронаија наречена „Ќе си лежите“. Симболично, на оваа прослава, некогашните шарени револуционери, сега клонирани, но и нивните потомци, легнуваат долж главниот нордистански булевар, додека лево и десно од нив се поставени скулптури на личности што токму овие револуционери во минатото, со пенкало и презервативи полни боја, ги донесоа на власт. Сите скулптури се во форма на славниот „мочко од Брисел“, па затоа, врз оние што лежат на булеварот, тие мократ света бриселска амброзија.

Потоа клоновите ги даваат на зомбисексуалците, малку да водат љубов меѓусебно. По тој ритуал, клоновите се врзуваат за ракети воздух-земја-Газа и свечено, во чест на Големите Светски Фармери, се испалуваат за да направат таканаречен „палестински тепих“. Големата Светска Фарма е најголемата корпорација под чија безбол-капа (или палка, ако затреба) се наоѓаат политичката, економската, фармацевтската, маркетинг-медиумската и секако, воената моќ на цивилизираниот дел од планетата. На една од овие „фарми“ се раѓаат и растат Израелчиња и Палестинчиња, кои на неколку години, штом потпораснат, ритуално се гаѓаат со совршени ракети од фабриките за естетика на смртта, односно им се урива небото над глава и земјата по која газат (во Газа) се прави тепих. По овој ритуал излегуваат сите цивилизирани лидери со западни вредности, денешни, ама и клонови на минатите, па ги имаат своите „две недели љубов“ каде што зборуваат за мир, прекин на војните и ракетирањата невини деца, правото на сразмерна одбрана, демократизирање на недемократизираните и други политички коректни флоскули. Сето тоа нормално оди на телевизија и сите се радуваме. А некои нецивилизирани лицемери уште тврдат дека сите ние сме отпадот што треба да се исфрли од оваа кутра намачена планета.