„Jeszcze Europa nie zginęła“

Означуваат ли минатонеделните полски избори пресврт на европската политичка сцена? Дојде ли клатното на популистичкиот и евроскептичниот бес до самиот крај, па ќе се придвижи ли конечно во другата насока? Европската Унија, некогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ), долго време беше само една од интеграциите на европскиот континент што се натпреваруваа да го земат приматот на процесот на европското обединување по Втората светска војна. Советот на Европа дури и повеќе ветуваше, затоа што му беше доделена улога да ги негува „европските вредности“, тогаш концепт во свој зародок, да ги заштитува човековите слободи и права, како и да ја олеснува соработката во правосудството. За жал, Советот на Европа никако не полетуваше затоа што прашањата што требаше да ги третира се „пресуверени“, па брзината на хармонизацијата се одвиваше со брзина на полжав (има ли подобар пример од судбината на злосреќните пресуди што ѝ наложуваат на Бугарија да го признае правото на тамошните етнички Македонци за здружување). Далеку полош пример и мртвородената Западноевропска Унија, која требало да биде зародок на заедничката европска војска и која ни до ден-денес не успева да си ја оствари својата мисија. Дури и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), произлезена од Маршаловиот план и првично наречена Организација за европска економска соработка, била долго време жесток конкурент на Европската економска заедница во нејзината основна мисија за економска обнова на континентот и за негова интеграција. ОЕЦД и денес е успешна организација, но не предизвикува посебно политички внимание поради нејзиниот фокус на специјализирани прашања од сферата на економијата (оданочувањето и регулирањето на мултинационалните компании), јавниот сектор (поглавјата за реформа на државната и јавна администрација при влезот на државите во ЕУ ги пишува, вреднува и оценува токму ОЕЦД), како и веќе популарните периодични оцени на државите во делот на образованието, економијата, заштитата на животната средина, борбата против корупцијата и така натаму. За разлика од ЕУ/ЕЕЗ, ОЕЦД има и глобален опфат, а вредно е да се напомене дека поранешна Југославија имаше статус на набљудувач уште од самото формирање на организацијата под сегашното име. Исто така, и процесот на целосната европска и евроатлантска интеграција на Македонија ќе заврши на самиот крај со влез во ОЕЦД (Хрватска, Романија и Бугарија уште не ги завршија преговорите за полноправно членство во оваа организација).

Сепак, ЕЕЗ конечно успева да го земе приматот и да се избори за главен инструмент на европската интеграција во средината на 1980-тите, со усвојување на Единствениот европски акт во 1986 година, со кој се превиде основање на „единствениот европски пазар“ во 1992 година. Големината на најавената преобразба на континентот јасно ја истуркала ЕЕЗ во преден план. Иако дури и тогаш европската интеграција и самата ЕЕЗ остануваат во прво време специјализирана тема, предмет на елитна политика, без посебно влијание врз јавното мислење на земјите членки. „Ѕвездената прашина“ и изградбата на митот за Европската Унија доаѓаат со падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и урушувањето на реалсоцијализмот. Земјите и народите од посткомунистичка Европа тогаш ги определија целите на „кадифената револуција“ како „враќање кон Европа“ и јасно поставија барање за влез во Европската Унија како полноправни членки. Веројатно клатното дојде до врвниот стадиум на европското обединување во моментот кога Тото Котуњо победи на Евровизија во Загреб, на 5 мај 1990 година, со сега веќе култната „Insieme, 1992“.
Наоблаченото небо над проектот на европското обединување по првпат јасно се забележа кога холандските и француските избирачи го одбија европскиот устав на референдумите од 2005 година. Шокот беше дотолку поголем затоа што само една година претходно ЕУ го прослави влезот на нови десет членки, меѓу кои и повеќето посткомунистички земји. Многу поголем шок дојде со британскиот референдум и брегзитот од 2016 година, одржан само четири години по моментот кога Унијата доби Нобелова награда. Веројатно 2022 година ќе биде впишана со најцрни букви во современата европска историја поради руската инвазија врз Украина. Европа одговори со солидаризирање зад Украина и со исклучување на Русија од сите сфери на европската (и евроатлантската) интеграција каде што дотогаш беше вклучена.
Што се случи? Како од 1989 стигнавме во 2022 година? Со овие прашања светските историчари и политиколози ќе се занимаваат уште многу долго време. Во меѓувреме се видоизмени и самата европска интеграција. Новиот франко-германски предлог нуди визија за Европа со различни брзини и во различни концентрични кругови, балканската европска интеграција се претвори во најцинична шега, а Турција веќе никој не ја ни спомнува како земја кандидат.

Внатре, пак, во Унијата, со јадрените земји изненадува бесот на граѓаните, изразен преку гласање. Се чини дека избирачите открија дека политичките елити се преплашени од напливот на нови политички сили, неартикулирани и популистички, па започнаа сè почесто да ги гласаат за да го изразат своето незадоволство од севкупните состојби во општеството. Француското Национално собирање, германската Алтернатива за Германија, италијанските Браќа, холандските популисти, фламанските сецесионисти се симптомот на незадоволството на граѓанинот на јадрена Западна Европа.
Зошто тогаш Шпанците и Полјаците ја избраа Европа наместо националниот популизам? Одговорот треба да се бара во скорашното минато. За земјите од Бенелукс, поствоената обнова на нивните земји, редемократизацијата и европската социјалдемократска држава на благосостојба се веќе длабоко минато. Таму живеат во друга реалност, во ера на растечки економски разлики, на социјално раслојување, на наплив на мигранти и на други феномени што предизвикуваат несигурност. Западноевропскиот граѓанин е загрижен дали ќе овозможи неговите деца да уживаат ист економски стандард, дали ќе продолжи релативизацијата на државата на благосостојба и не е убеден дека мултикултурализмот е успешен проект за интеграција на новодојденците. Таа или тој сакаат нивниот глас да биде слушнат.
Шпанците и Полјаците, пак, се свесни за предностите што им ги донесе европската интеграција, било да станува збор за внатрешниот економски развој, било за шансите на секој нивни граѓанин низ европскиот континент. Единствениот пазар, структурните и кохезивните фондови, социјализацијата на сите сфери од општеството со најдобрите европски примери, доведува до огромна преобразба на нивните држави. На Шпанците и на Полјаците не треба никој да им ги објаснува предностите на европската интеграција… видливи им се пред нивните очи. Затоа изборот на типичниот Шпанец и на типичниот Полјак е ЕУ и европска интеграција.

Има ли подобар одговор за скептиците во јадрена Западна Европа зошто Западен Балкан треба што поскоро целосно да се интегрира во Европската Унија? Преобразбата на општествата не доаѓа со преговорите, не доаѓа ни со исполнетите одредници, а најмалку со срамните говори на амбасадорите и повикувањето на донаторските пари. Преобразбата доаѓа само со полноправното членство на земјите во Европската Унија, со влезот во единствениот пазар, со стекнувањето статус на европски граѓани, со секојдневниот натпревар со европските институции, компании, невладини организации и така натаму. Луѓето од Балканот бараат да се приклучат во овој натпревар, да станат европски граѓани, наместо жители на заборавени периферни колонии. Токму тоа што денес го живеат Шпанците и Полјаците.
„Jeszcze Polska nie zginęła“ („Полска сè уште не загинала“) е првиот стих на полската химна, тој крик на нацијата што по третата поделба ќе исчезне од политичката карта на Европа за да воскресне по Првата светска војна, како феникс од пепелта. Историјата ќе покаже дали европските елити ја совладаа лекцијата дека европското проширување е најдобра европска надворешна политика. Продолжувањето на небиднината на државите на Западен Балкан и вечната агонија на промашеното проширување може да ја убие европската идеја во регионот. Брисел има шанса да го врати клатното и да го придвижи во вистинската насока. За секој случај, Полјаците го потсетија Брисел дека „Jeszcze Europa nie zginęła“ („Европа сè уште не загинала“), но дали некој таму слуша?

Ивица Боцевски