Филмаџии телевизионци – и преостанати

Најпрвин за потсетување, една-две реченици за тоа што е и што беше тоа ИНТЕРФОНИЈА, онака од продукциско техничко- инженерска визура и жаргон, стручно… во обидот за извесна хронологија од мемореми, збиднувања со имиња и презимиња, наслови, згоди, анегдоти, проекти, некој вид „склеротични МТВ-мемоари“. Телевизијата како судбина, поднаслов и благороден напор да направам една сложувалка, слика, онака, за да остане нешто како пишана трага за нашето севкупно учество во тој дел од кратката неверојатна романтична историја на македонскиот медиумски од низ времето.
Интерфонија?! Тоа е еден неопходен уред, кој гарантира брза и ефикасна комуникација помеѓу режисерот, камерманите и членовите на екипата во продукцискиот синџир на производство на телевизиската програма, обединет во мастерот – инженер Баже Ристов, техничко водство, долгогодишен директор на техника во МТВ.
Интерфонијата е одлучувачки и критичен фактор, особено во успехот или пропаста.
Најпрвин неколку реда за телевизионците. Во стариот преддигитален бинарен систем „телевизионци“ беа нарекувани професионалците вработени во МРТВ, подоцна и во некои приватни телевизиски продукции. „Филмаџии“ беа филмските работници што работеа во државниот продуцент „Вардар филм“, подоцна и во некои филмски приватни г.г. друштва, кои, освен регистрација во судот, телефон и некоја скромна техника, имаа и добро разработени шеми и пиар-трикови како да се доберат до буџетските пари, па се претставуваа како продуценти, филмски работници, кои и покрај скромните перформанси и работно „филмско“ искуство, се засолнети во еснафското здружение Друштво на филмските професионалци. Телевизионците секогаш беа настрана од „филмската дејност“. Така беше конципиран и статутот на ДФР, сега ДФП. За да се членува во здружението требаше да се има работено на филм, 16 мм, 35 мм. Тоа беа формати, носачи на слика и тон, кои беа услов. Без тоа, ништо.
Ова се случува кон крајот на 1990-тите, време кога Македонската телевизија има силна продукција. Само документарниот сектор тогаш продуцираше по 240 документарни единици на годишно ниво, од кои стотина документарни филма, репортажи, портрети…, од кои многу освојуваа награди на регионални, европски и светски фестивали. Во тој силен продукциски тек на играна и документарна продукција беа и се вклучени голем број професионални креативни профили, кои континуирано и посветено работеа и работат со децении и создаваат жанровски разновидни вредни синеастички дела. Вељо Личеновски, Ацо Алексов, Божидар Тодоровски-Бодле, Томо Петровиќ, Илија Филиповски, Миодраг Шаурек, Зоран Даниловиќ, Мирослав Чепинчиќ, Благој Андреев, Скендер Кули, Сашо Панов, Душан Наумовски, Димитар Христов… Ова е дел од првата генерација режисери во Македонската телевизија, кои се втемелија и се вградија во развитокот и подемот на продукциски сложените дејности, за чија заднинска механика се обучија над 200 разновидни професионални кадри, сниматели, камермани, сценографи, костимографи (за нив во некоја наредна колумна). Следува авторската низа – Бранко Гапо, Димитрие Османли, Перо Глигоров, Кирил Ценевски… Континуитетот на документарната продукција и играната продукција го продолжува генерацијата режисери Јане Петковски, Коле Малинов, Иван Митевски, Благоја Марковски, Љупчо Тозија, Васил Ќортошев, Стојан Стојановски, Миле Гроздановски, Тихомир Бачовски, Љупчо Билбиловски и други помлади.

Играните и документарните филмови, како отворен креативен и естетски чин, тематски и содржински упатно и пожелно е најпрвин да се потпираат на етногеографскиот принцип, а на планот на формата и жанрот, за да биде разбирлив и податлив за експлоатација, да ги следат универзалните естетски изразни методи и параметри. Кога станува збор за етногеографски обележја, се мисли првенствено на структурни елементи што ќе кореспондираат со тлото, јазикот, историските референции, за тој производ да се верификува со статусот на домицилен, автохтон креативно-уметнички резултат. Такви беа уредувачката политика и стратегија за поткревање и негување континуирана продукциската кондиција, период во кој голем број режисерски и сценаристички профили испишаа историја, едно мало но важно парче од македонската колективна меморија. Сето тоа е внатре во бункерите, на полиците на МРТВ, некогаш продукциски и информативен џин. За жал, денес малку подзаборавен и почитуван од државата, настрана од настаните, следи и одвреме-навреме регистрира по нешто од политичкиот натпревар и борбата што ја водат меѓу себе политичките партии и играчи.
Киното со 16 и 35 мм проекции исчезна. Новите технологии си го направија своето. Правењето филмови се демократизира, многукратно поевтини.
Но времето покажа дека ниту еден од над 150-те „мали, големи продуценти – независни продуценти“, дузина национални концесионери и „плејада“ квазиавтори и заколнати постмодернисти, чие продукциско искуство се рекламите и понекој видеоклип, не се охрабри и не вложи свои средства во сериозни и квалитетни играни, креативни документарни сегменти.
Нивниот интерес никогаш и не бил играниот или креативниот документарен жанр, туку се ориентирани кон скапо платени реклами и преплатени играни проекти или понекоја епизода од видот „Историска читанка“, кои на времето се правеа и сработуваа во МРТВ, во рамките на редовната образовна и документарна и играна програма, каде што и се произведуваа десетици наслови неделно. За информативниот дел на МРТВ во некоја наредна колумна.

Аљоша Симјановски