Оваа едукативна програма, мене и на моите ученици ни ги отвори вратите на светот на театарот. Ние влеговме внатре, ѕирнавме во неговата внатрешност и зборувавме со тамошните луѓе, со жителите на тој волшебен свет. И се спријателивме, изградивме личен однос со нив, стекнавме пријателство што ќе дава плодови уште многу долго време, вели наставничката Јулијана Талеска

Во рамките на големиот фестивал беше реализирана и едукативна програма

Зад нас се осум месеци полни со активности и работа. Се навраќам на студениот ноември, кога првпат се собравме. Јас имав некаква визија во главата, програмата ни беше испратена, имавме неколку разговори со Ана Стојаноска, директорката на фестивалот „Војдан Чернодрински“, уште пред да започне целиот процес. Се најдовме на иста мисла, за потребата, за важноста на ваквата програма. Таа беше радосна и полна со идеи, со силна желба да се направат многу работи, а јас едвај чекав креативниот дожд да се истури врз мене.
Се запознавме со Милош Б. Андоновски, режисер и едукатор од Куманово, и со нашите драги и почитувани актерки Даниела Иваноска и Марија Спиркоска Илиеска и започнавме. Еднаш месечно работевме и се консултиравме со Милош, а секоја недела со Марија и со Дани.
Во меѓувреме течеа разговори со моите четворица ученици: како беше, што ни се допадна, што научивме, кога одиме пак, што треба да подготвиме…?
И како што течеше процесот, ние зборувавме само за тоа, на часовите, по ходниците, во интернет-комуникацијата. Кога официјално започна фестивалот, прекинавме да зборуваме за други работи. Учениците решија да бидат волонтери, па нивната вклученост беше уште подлабока, а јас, јас бев горда на нив и многу се радував што сме дел од оваа едукативна програма.

Нашиот настап помина одлично. Иако имав многу стравови поради текстот, поради нивната возраст, неговата мрачност и филозофското настроение, учениците беа силно мотивирани и сакаа да глумат. Тие ги изнесоа своите ликови како професионалци и за тоа многу сум им благодарна. А Дани, таа ни беше сè. Колку ја сакаат децата, а и јас. Бидејќи беше пријател со сите нас и се даде целосно, цело нејзино време беше за нас, енергијата и театарскиот порив. Без неа, немаше да бидеме она што бевме, што сме.
Го гледам сертификатот, го вртам од задната страна и гледам кои работи всушност ги стекнавме. Да, многу се и сериозни се: драмска игра, режија, сценографија, костимографија… Вежбавме етиди, дишење, драматизиравме, пишувавме сценарија, подготвуваме костими за „Вејка…“, сцени… И се дружевме, разговаравме, се спријателувавме.

И кога ќе се навратам на сите моменти, јас сфаќам дека оваа едукативна програма ни ги отвори вратите на светот на театарот. Ние влеговме внатре, ѕирнавме во неговата внатрешност и зборувавме со тамошните луѓе, со жителите на тој волшебен свет. И ние се спријателивме, изградивме личносен однос со нив, пријателство што ќе дава плодови уште многу долго време. Јас велам: Милош, Дани, Марија, Мартин, Биле, Габи, Филип… јас зборувам за мои пријатели, кои кога ќе ги сретнам на улица имам што да им кажам.
Непроценливи се разговорите со актерите од прилепскиот театар, старите пријателства, но и новите, нивната непосредност и достапност. Тоа мотивира и создава можност за соработка, идни проекти, нови можности. Ние ги имаме децата што утре може да бидат нивни колеги или верна публика, од заеднички интерес ни е да соработуваме.
Во овие осум месеци ние ги носевме радостите и тагите со нас, излегуваа низа предизвици, кои заеднички ги решававме. Овој процес дејствуваше на нас баш како што дејствува театарот на својот верен гледач: катарзично, прочистувачки, преобразувачки!
Учениците стекнаа животни вештини, но тие и силно го засакаа театарот. Ми се наполни душата кога ги видов вечерава, по затворањето, сите околу една маса, се забавуваат. Ние направивме банда, банда театарџии што допрва ќе нè радуваат.
Едукативната програма ме охрабри, ми даде нов концепт според кој ќе ја водам драмската секција, ме научи на многу работи што ќе ми помогнат да поттикнувам нови генерации театарџии.
Вака се гради театарска публика!

Пишува: Јулијана Талеска, наставничка во ООУ „Климент Охридски“-Прилеп


Осуммесечна програма за млади

Во осуммесечната програма, која започна на 19 ноември 2022 година, а која ја водеше режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски, беа вклучени учениците и менторите од прилепските училишта ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Климент Охридски“, СОУ „Ѓорче Петров“ и СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Јулијана Талеска, Мартин Наумоски, Билјана Тинтоска, Габриела Стојаноска Станоеска. Работилниците се одвиваа во репетиционата сала на народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот беше насочен врз истражување и проучување на театарската уметност и нејзините сфери: актерство, драмско пишување, сценографија, костимографија, критика.
– Овој концепт и воведувањето на едукативната програм не само што го прават фестивалот поотворен од кога било туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, кои повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар – вели режисерот Андоновски.