Дваесет дена потоа, дипломатската дилема за слепа улица во Украина

1014

Не е јасно што е тоа што Западот треба да го испорача до Русија за да ја вклешти или да ѝ даде опција за деескалација. На пример, да му се понуди на Путин „ајде прекини и сѐ ќе се заборави?“. За ова, драги мои, има дебела анализа, која вели дека Путин е тешко контактибилен

Денес, кога се заокружува дваесеттиот ден од инвазијата на Украина од страна на Русија, каков било пресек на ситуацијата без да се посака прекин на огнот и да ѝ се даде шанса на дипломатијата е надвор од здрав разум. Исто така, надвор од здрав разум е човек да се осврне на целиот циркус што одредени експерти по општа практика се обидуваат да го креираат преку „мешетарење“, заборавајќи да ги избришат дигиталните беседи во кои „паламуделе“ спојувајќи општи податоци со фикции и, наместо да известуваат или анализираат, креираат приказни кои не се ништо друго туку „евтини приказни за во жолт печат“. Многу брза анализа или НЗС во најопшта смисла за целата ситуација е дека состојбата за украинскиот народ воопшто не е добра. Најстрашно од сѐ е што безизлезната ситуација за која зборувавме во минатиот број најверојатно почнува да го истура целиот притисок на она што цивилизацијата ќе се обиде да го голта додека уште еднаш полека но сигурно паѓаме на тестот на хуманоста. За да биде трагедијата поголема, мерките што засега се применуваат се без резултат. Уште повеќе дилемата што ќе стои пред светските лидери е која е цената што треба да ја плати човештвото и што е тоа што ќе мора и, уште повеќе, како ќе мора да го пакуваат за да се убедат прво себеси, а потоа и нас дека ќе мораме да голтаме нешто без да прашуваме зошто.
Ако во минатиот број објаснивме зошто ситуацијата е комплексна од оперативен аспект, тоа ќе го поткрепиме и од аспект на дипломатијата. Уште на самиот почеток на инвазијата укажавме дека директна воена помош во Украина може да е катастрофална. Тоа го потврдија и светските лидери и експерти. Тоа, пак, само по себе го наметнува прашањето за тоа како ќе функционираат преостанатите инструменти на моќ. Во една таква констелација на односи, за да бидете сфатен сериозно и да можете да предизвикате промена, потребно е да покажете моќ и капацитет да понудите принуда што ќе ја оствари таа промена.

Поинаку кажано, економски или дипломатски да го „вклештите“ оној што сакате да го промени курсот на однесување. Од тоа, пак, колку тој е еластичен или не (резилиентен или не) ќе зависи дали инструментите што ги користите ќе дадат плод или не. Со други зборови, кога принудувате некого, мора да му покажете како ќе ескалира цената (болката, казната и сл.) во сметката што ќе му ја испорачате ако не се вразуми. Оние што ги креираат овие стратегии во меѓународните односи ќе ви кажат дека тоа значи оти мора да испорачате услови со барањата. Во спротивно, страната што треба да биде принудена, обидот за вразумување преку застрашување или принуда ќе го сфати несериозно, како слабост или, пак, да претпостави дека ниту еден износ на отстапки нема да биде доволен за да ѝ се стави крај на казната. Дополнително, тоа што експертите за вакви стратегии ќе ви го кажат е дека успехот на казната денес зависи од тоа какава перцепција или дилема за принудата ќе предизвикате кај оној на кого му ја пласирате стратегијата утре. Ако оваа теорија ја ставиме во практика, наједноставно тоа значи дека би се рекло оти ако Русија прекине со нападите, ќе се прекине со принудата. И тука веќе оние што малку повеќе ја разбираат работата ќе треба да воздивнат и да сфатат дека ова е уште еден ќор-сокак. Тоа би значело дека Путин треба да ја сфати сериозноста на заканата, да ја купи заканата и како таква да ја стави во калкулус што ќе му покаже дека е неисплатливо за него да продолжи да војува. Понатаму да му каже дека за кратко ќе се соочи со заробување, симнување од тронот, казна за воени злосторства. Само како за анализа, иако ситуацијата е само слична не и иста, ќе го посочиме случајот со нападите врз поранешната СРЈ заради Косово. Политичкиот врв на нашите северни соседи реши да пристапи на преговори не поради тоа што имаше воени загуби, туку поради тоа што сфати дека условот е сериозен и цената што треба да ја плати е превисока. Поинаку, прифатија да преговараат поради тоа што сфатија дека воздушната офанзива може да оди дотаму да ја уништи целата инфраструктура во земјата и потоа да не може да закрепнат со години.

Во конкретниот случај опасноста, драги мои, е тоа што барем засега не е јасна цената што му се испорачува на Путин. Тука, за да нема забуни, не тврдам дека има такво нешто или дека е лесно да се стори тоа, туку само сакам да подвлечам зошто е тешко да ѝ се стави крај на војната со принудните мерки што се сега на маса. Работата народски е „ниту ваму ниту таму“. Дури и стратегијата за принуда позната како „морков и стап“, како една од можните подваријанти на стратегијата на „коерција“, е проблематична сама по себе во конкретниот контекст со Русија. На пример, не е јасно што е тоа што Западот треба да го испорача до Русија за да ја вклешти или да ѝ даде опција за деескалација. На пример, да му се понуди на Путин „ајде прекини и сѐ ќе се заборави?“. За ова, драги мои, има дебела анализа, која вели дека Путин е тешко контактибилен.
САД вешто дозволуваат лидерството да го земат европските лидери, но засега тоа им оди слабо. Путин имаше проблеми со тоа да се согласи да дозволи и хуманитарен коридор без да има прекини и одолжувања или прекршоци во најмала рака. Трите канали на задна врата што се дипломатска опција форсирани преку лидерите на Франција, Израел и Турција, значи, не даваат плод. Истовремено, додека Русија дефинитивно ја загуби информациската војна или го отстапи просторот за Европа и САД, на Далечниот Исток се чини дека работите се движат кон опасна неутралност. На пример, во индиските кругови кружи геостратегиско шоу на влијателна водителка во кое не негира дека војната во Украина е нелегална, ама, изненадувачки, не го амнестира ниту НАТО за ситуацијата во Украина. Во исто време, претседателот Зеленски во интервјуто за Еј-би-си за многумина на Запад излезе со став дека е отворен да разговара за понудата на Путин околу неутралноста, признавањето на Донецк и Луганск и за Крим како дел од Русија. Арно ама, за да стане појасна ситуацијата околу слепите улици, само да подвлечам дека Франција бргу се разочара по пројавениот оптимизам што го објави Зеленски. По тоа произлегоа низа сценарија (кои, за волја на вистината, се поклопија со нашите анализи, ама секако беа публикувани по нас).

На терен ситуацијата станува уште полоша и тешка за дебата. Руските сили (независно дали сакаме да го гледаме напредокот како планиран или не) поради бруталната надмоќ се закана за украинскиот народ. Киев е под сериозна опсада, а под опсада се и други клучни градови, како Мариопол, кој е стратегиски за Русите. Иако информациите за тоа дали е или не е заземен се различни, едно е јасно – Русите според многу анализи имаат воспоставено стратегиска оперативна линија што ја затвораат преку овој град. Дали ќе ја одржат е друга работа. Уште пострашно е што независно од тоа дали се точни или не информациите за загубите што ги трпат или, пак, за тоа дали им одело по план или не, едно е јасно – Русите се решени по секоја цена да ги остварат своите оперативни цели. Тоа значи дека независно од големите загуби и цивилни жртви, тие ги интензивираат нападите. Следно што плаши е што нападите стануваат покоординирани и посериозни. Иако приказните за внатрешните проблеми на Путин се добредојдени за мирот, се чини дека Украина ја демне сериозен предизвик за да ја зачува унитарноста, и тоа многу повеќе од само двете одметнати територии и Крим. Ако идејата на Путин за инсталација на проруски лидер отпадне, како најцрно сценарио за Украина е поделба на државата на источен дел (според т.н. идеја за Новарусија), кој е проруски, и западен, проукраински. Иако е само една можна опција надвор од неколку, да се надеваме дека ова ќе биде наше најголемо промашување и дека мирот и разумот ќе преовладеат, а украинскиот народ ќе го добие својот мир и ќе го оствари својот сон, како и, впрочем, секој друг народ.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.