Додека изгрејсонцето капе врз прозорските и очните капаци

„Ало, СДСМ, прочитав дека организирате бесплатен превоз до Мечкин Камен. Би сакал да патувам со вас.“
„Дали сте член на СДСМ?“
„Госпоѓо, зарем Илинден е партиски празник?“
„Во ред. Можете да дојдете. Вашето име?“
„Александар Русјаков.“
Непријатна и напната тишина од другата страна, а потоа…
„Извинете, господине Русјаков, а дали сте вие за Европската Унија?“
„За Крушево сум, бе госпоѓо, каква сега Европска Унија?“
Не возбудувајте се, разговоров не се случил. Го измислив. Многу се израдував кога видов дека СДСМ организирано одат да слават Илинден. Оние што до вчера со презир гледаа на илинденците, нарекувајќи ги Бугари, сега ја чествуваат нивната саможртва. Можеби се освестија дека и самите се благонадежни, оти патем сфатија дека кај нивните баби биле добредојдени бугарските администратори во Втората светска војна. Како и да е, конечно сдсмјаните се поклонија на идеалите на Делчев, Сарафов, Сандански, кои сонувале Бугарија и нејзините провинции да станат членки на Европската Унија.
Има злобници што тврдат дека партијата ги товарала како стока во автобуси. Тоа е одвратно. Да наречеш човечки битија, стока, треба да си фрустриран и духовно неостварен човек. Стоката нема право на избор. Не може да се побуни кога ја товараат. Човекот, напротив, дури и кога избира да нема избор, тоа е негов избор.
На илинденската прослава сфативме дека Нордистан е на пат да стане совршена држава. За редот и мирот се грижеа затворски службеници. Нормално, злобниците веднаш фатија да мрчат дека била впрегната партиска војска да малтретира народ што не се согласува со нордистанската европска вредност, нацизмот да го прогласи за сосема обична администрација. Тоа воопшто не е точно. Затворските службеници беа дојдени да го слават со другите цивилизирани граѓани започнувањето преговори на Нордистанската република со Европската Унија, а тоа значи дека затворите ни се вистински модернизирани. Затворениците се толку рехабилитирани што веќе не се потребни чувари.

Ама тие легитимираа и малтретираа народ, врескаат злобниците. Нормално дека легитимираа, а тоа не е малтретирање. Има ли во државава влезено руски агенти? Нормално дека има, претседателот кажа. Прават ли тие субверзивни дејства против Нордистан подметнувајќи руско влијание во пијачките? Подметнуваат. Ама не проаѓаат тие финти. „Дај легитимација!“ Даваш легитимација. Затворскиот џандар гледа во неа. „Русјаков, а? Некој ти подметнал путинизам во презимето. Значи си агент на КГБ.“
И цап лисици, па во притвор. Има да си поседиш дури не се сетат на тебе. Оти сигурно ќе те заборават. Така и треба. Не сакаш да пееш патриотска нордистанска песна? Одбиваш да ја викнеш „Во ЕУ, во ЕУ, нордисрански народе“. Ти се гаделе стиховите, новиот аранжман што гласи, „Над нас знамето на ЕУ се вее, над него француски протокол нè грее, низ нас бугарскиот ген се лее, во земјата Грк историја ни сее, а нодристанецот пее: меее, меее, меее!“
Па, тоа се свети стихови! Нормално е да те заборават во притвор кога не сакаш да ја пееш песната. Ај што одбиваш, ама уште сакаш да пееш некои стари антиевропски песни. За некојси Гоце и неговото знаме што се вее, а под него, пази те молам, фашистичка крв се лее. Не, не… не се ваквите да ги заборавиш во притвор, веднаш треба на гилотина и главата да се фрли пред нозете на амбасадорите.
Значи, амбасадори. Во Нордистан тие се исцелители, врвни гатачи. Ако имаш проблем, им се јавуваш. Особено оние на САД и ЕУ.
„Амбасада на САД? Секогаш кога творам моите читатели се вознемируваат, а тоа е спротивно од она што го кажуваат министерката за култура, Гебелс и Жданов, да пишувам книги што ќе ги расположуваат интелектуалната бижутерија и граѓанството луѓенца. И никако да излезам од затворот на историјата и да одлетам кон слободата на иднината во ЕУ и НАТО. Има ли чаре за мене?“
„Добар ден, евроамбасадоре! Се соочувам со контрадикторност. Многу се чувствувам глуп, а тоа ме тера да мислам дека сум страшно паметен, па сакам да ве прашам дали има шанси да ми помогнете да ја испорачам глупоста заедно со тенковите и сухоите како воена помош за Украина и да го донирам умов во ЕУ, за тешките времиња што доаѓаат таму, оти тие одамна се надвор од умот?“
Многу често и институциите им се обраќаат на тие чудесни амбасадори. За различни проблеми. Бараат помош. Некој од МНР бил виден како шета руски териер. Веднаш се јавуваат во американската амбасада. Чистачка во друга институција има пократка нога, оди смешно, покажува неурамнотеженост на системот. Се јавуваат за совет кај ЕУ-амбасадорот и тој ги зема работите во свои раце.

Понекогаш се случува институционален конфликт. Ќе се скараат двајца, на пример некоја од обвинителство и некој од финансова полиција. Не се тоа страшни кавги. Најчесто се банални недоразбирања како во секоја модерна држава. Дали мечот од втора исландска лига меѓу Викингур Олафсвик и Волсунгур ќе заврши „кец у кец“ или „гол, гол, 3+“? Дали е вистина дека Фарук од „Гладни за љубов“ и Фатима од „Жедни за љубов“ случајно се сретнале во ресторан, тој гладен, таа жедна и се вљубиле? Дали се подобри лежалките кај тетка Стаматија во она селце на третиот крак или гирото на чичко Ставрос во Платамона? И слични ситници какви што се појавуваат во едно општество каде што сите поголеми проблеми одамна се решени. Во такви ретки случаи и едната и другата институција, нормално, бараат помош од светите амбасадори.
Има неостварени злобници што тврдат дека судството и полицијата ѝ се седнати в скут на власта, а таа пак е во скут на амбасадорите, што е типична инсинуација, зашто тоа беше порано и ако сè уште е така, значи стагнираме, ама на терен се гледа дека сме отидени многу подалеку, оти кога некој некому му седи в скут, тоа значи дека двајцата започнале со галење и бакнување, по што следуваат соблекување и предигра, па водење љубов до оргазмична кулминација. Нашите институции, власта и амбасадите ги поминаа тие фази и сега се во посторгазмична опуштеност, кога се лежи в постела и се пуши цигара додека изгрејсонцето капе врз прозорските и очните капаци.
Русија и НАТО неколку месеци жестоко војуваат. САД и Кина се пред војна. Србија и Косово се гледаат преку нишан. Азербејџан и Ерменија одново пукаат едни на други. Иран реди војска на границата со Азербејџан. Израел е подготвен да го нападне Иран. Во Ирак започна антиамерикански пуч. Грција копа ровови кон Турција. Западна Европа се вооружува. И додека светот се милитаризира, Нордистан билда и се депилира. Глупо е да не си фит на плажа. Патем, нордистанците и Македонците го демантираа Пендаровски. Ене ги, во мир и хармонија, тераат едно општество за сите по грчките плажи.