Демократија. ОН. Северизам

Денешнава колумна, драг читателу, како што гледаш е триделна. Триптихон: демократија, ОН, северизам. Првиот нејзин дел се однесува на демократијата, а по повод неодамнешниот ден на светската демократија, вториот на 76-та сесија на Генералното собрание на ОН, а третиот што звучи мистериозно, северизам, по аналогија ја сугерира менталната слика на нашата влада и политика што зрачеше во салата на ОН во Њујорк со менталниот политички и интелектуален потенцијал претседател и премиер. Северизам чии есенцијални супстанции со кои се римува се полтронизам и американизам.
Но, одиме прво со демократијата, поим изведен од грчкиот збор демос, народ, што значи владеење на народот. Да. Ама денес во светот тоа е лага. Во него до степен на апсолутизација владеат политиката и политичарите отуѓени од нивните народи до задушување на нивниот глас со кој сè повеќе се користат манипулативно, употребувајќи го голо само за својата гласачка машинерија. Формално. И таа формалност не значи ништо посебно, оти демократијата пред сè подразбира социјална конкретна правда, покрив над глава и леб за сите. Но денес тоа не е случај ни со богатите западни земји, кои натрупаа енормни материјални богатства од колонијалистичкото пљачкање на светот. Но тој грабеж лукавиот нарцис Черчил го дефинираше со својот „демократски“ речник како „создавање стабилни системи“, а што треба демек да значи демократски, според теркот на од господ даден демократскиот Запад.
И така, ако го имаме ова предвид, драг читателу, на западната европска, а сега евроамериканска цивилизација ѝ е дадена од небото и пред Хитлер привилегираната мисија да ги демократизира недемократизираните. Но тоа е само изговор за нејзиниот колонијалистички авантуризам мотивиран од материјален грабеж, кој е евидентен и за најобичните туристи што ги поседуваат, на пример, славните западни музеи, како што се тоа „Лувр“ во Париз, „Бритиш музејот“ во Лондон или „Метрополитен“ во Америка. Одземете ги од нив крадените во разните хуманитарни и „цивилизаторски“ мисии на западните цивилизаторски артефакти, и ќе видите дека тие ќе останат речиси празни. Така и ќе видите како изгледаат на дело Черчиловите „стабилни системи“. Ќе видите како биле цивилизирани и демократизирани кротките божествени африкански народи, па и Индусите и Кинезите, а да не зборуваме за целосно до последен златник ограбените и девастирани цивилизации на Јужна Америка: Маите, Инките, Ацтеките и Толтеците.

Да. А ариевскиот Запад знае добро и понатаму да се користи со својот генијален пронајдок „демократија“, кој го побара, како и сè друго патолошки што бара, во античка Грција, навлечена од мегафалсификатот на Дројзен. Ама незгодно е што во таа Грција, имено, и во времето на најголемиот процут на Атина за време на Перикле беше во сила системот на робовладетелство. За разлика од Македонците на дројзеновски фабрикуваниот „хелен“ Александар Македонски, кој со својата универзална светска држава го укина робовладетелството. Ама тоа не му се допаѓа на „демократскиот“ Запад, оти во неговата психа никогаш не избледе „темната сенка“ (Јунг) на варварството кое извонредно лукаво и профитабилно се служи со пронајдокот демократија. Да. Оти тој збор е моќен и со него, а божем да се демократизираат и цивилизираат, се уриваат и пљачкаат цели народи и цивилизации, создавајќи од нив урнатини и пепел за своја бенефиција. И тоа под западниот слоган „демократија“ се постигнува блицкриг како што е особено Америка мајстор за тоа, а сведоци се Либија, Виетнам, Авганистан, Сирија, па и Југославија. Така губи целосно смисла и слоганот на Француската револуција „Слобода, братство, единство“. Не траеше ни неколку мига, а Наполеон тргна со него да ги освојува Европа и Русија, истовремено пљачкајќи ја и Африка.
Така. Денес поимот „демократија“ е алатка за политичко, а со тоа и за воено профитерство на западниот либералкапитализам, кој се претставува себе како најврвно демократско достигнување на човечката цивилизација, а всушност заобиколувајќи го откритието на Маркс за бескрупулозната кражба на вишокот на трудот што го создава работникот самиот себеси се разобличува и дефинира како систем на новото модерно корпоративно робовладетелство. Побуната на Волстрит против него не успеа, а не успеаја ни „жолтите елеци“ во Франција, кои малку фалеше да ја запалат искрата на светскиот пролетаријат, но тоа се покажа неуспешно, бидејќи либералкапиталистите успешно ја превенираат опасноста од него. Го измислија во својата мефистофелска лабораторија коронавирусот и го пуштија во оптек за да го охрабрат човештвото и да го доведат до гранична ситуација на отуѓеност и психолошка апатија. Притоа него го замајуваат за да го оттргнат од златното теле на капиталот со ступидни периферни работи, како што се тоа парадите на гордоста и трансексуализмот, кои ги сигнализираат симптомите на моралниот и ментален распад на либералкапиталистичката западна цивилизација.

На тој начин конечно и падна во вода тезата на Фукујама, за нејзин спас, за крајот на историјата диктиран од божем совршеното устројство на либералкапиталистичката демократија.
Толку за демократијата и за нејзиниот светски ден што го прослави човештвото неодамна, драг читателу. Сега нешто и за второто крило на нашата триптихонска колумна, Обединетите нации родени од Лигата на народите во XIX век, на која ѝ се израдува и Тесла. На неа, имено, Иго и Бакунин, пред Моне и Аденауер подоцна, ѝ ја исфрлија авангардистички во оптек идејата за обединета Европа. Таа која сега, имајќи го предвид нашето мартирско искуство со неа, е повеќе шовинистичка отколку хуманистичка и праведно обединувачка. И ОН се формира на космополитски принципи за еднаквост, универзална солидарност и правда на сите народи под сонцето, пред сè социјална, а не декларативна само на хартија, како што се покажа тоа подоцна. Оти излезе дека ОН и не многу го третираат во таа смисла моќните западни нации, на прво место Америка, па, така, тој во многу трагични за човештвото случаи, како што се тоа Либија, Ирак, Авганистан, Сирија, Палестина, Курдите итн., остана само како немоќен набљудувач, сведен на празни солидаристички декларации и незначителен хуманитаризам, колку за да каже дека постои со целокупната негова мастодонска бирократија. Таквата слика за себе ОН, пак, ја зрачи и на примерот со Македонија и Македонците, кои во овој XXI век доживеаја идентитетски геноцид од оваа цивилизација, а истиот диригиран со божем хуманистичка маска за наш просперитет од нејзините главни центри Вашингтон и Брисел, сеедно што за тоа беа користени нивните балкански предатори Грците, Бугарите и Албанците, а секако и домашните квислинзи во владата на Заев и Димитров, а сега и на Ковачевски и Пендаровски.
Е, и сега сме, како што гледаш, драг читателу, на третото крило од нашиот денешен триптихон: северизмот. Да појасниме уште еднаш: северизмот е типично наш феномен, кој од почеток докрај се римува по ментален афинитет со полтронизам, дефетизам, идиотизам и слични нешта што контактираат со неговата политичка и ментална содржина, почнувајќи од Заев и неговите наследници до денес.

Тоа се политичари нарциси без лице и личност. Тие воопшто не ги разбираат поимите егзистенција и есенција, па, според тоа, немаат никаква свест за именките што се архетипски носители на нивната содржина, како што е на пример за нас именката Македонија и Македонец. Затоа, имено, тие ја продадоа неа за безвредната и мртовечка придавка Северна со што му ги одзедоа и душата и животот на народот, кој го црпеше здивот за да дише од именката што беше за него во улогата што ја има Светиот Дух во животот на сите нешта што постојат. Затоа и Исус рече дека ако Татко му (Јахве) го повлече него од нив, тие сите ќе згаснат и умрат. Така како што згасна и генеричкиот идентитет на Македонците откако ја убија со придавката северна нивната животодавна именка.
Е, тоа е северизмот и резултатот од него протежиран од нашите северни убијци на името и идентитетот. Па, што бараме тогаш од нив, наивни ние, да ја изложат во вид на протест и крик од говорницата на Генералното собрание на ОН македонската идентитетска трагедија, која е истовремено, драг читателу, и трагедија на современата евроамериканска либерална цивилизација што ја подготви и на најперверзен начин реализира неа со нашите домашни квислинзи во власта. Затоа и нека не нè чуди што и Пендаровски и Ковачевски од говорницата на ОН одржаа, како светски лидери, а не лидери на едно „смачкано племе“ (Конески), универзални, а не национални говори со планиран ефект на генијални умови и политичари. Пендаровски одржа говор за обновливите извори на енергија и за поддршка на климатската програма. Да се крстиш сос леву руку, како што велеше мојот пријател, македонскиот Дон Кихот на демократијата, Ѓорги Марјановиќ. А Ковачевски, нагалено Таче, пак, колку толку предеше на национална жица, загрижен за европската судбина на неговата северна држава и северни граѓани, па екстатично соопшти и тука дека има само уште една голема пречка за Брисел, а тоа се уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, тие што не те признаваат дека си воопшто жив, освен како Бугарин.
Малку како да искокнавме од темата, или напротив влеговме во нејзиното средиште, драг читателу. Бугарскиот политички варваризам со дивата енергија на Кан Аспарух стаса дури и во Америка да ги убива Македонците и македонизмот, додека нашата политичка врхушка се амнестира со новите закони за криминалот и сè уште добро заработува од него. Но ти немај гајле, драг читателу. Идат подобри денови на божјата правда, макар и по столетие. Ќе издржиме.