Дедо Мраз и ЕУ-проширувањето

Што добива Македонија ако го смени Уставот, без гаранции за натамошни уцени од Бугарија или, пак, блокади од Холандија, кога ЕУ-перспективата е мртва?

Каква е поврзаноста на Дедо Мраз и ЕУ-проширувањето? И едното и другото не постојат. Не, ова не се мои зборови, ова се зборови од Михаел Мартенс, германски новинар и експерт за Балканот, долгогодишен политички дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) и известувач од Санкт Петербург, Атина, Истанбул, Белград и Виена. Михаил Мартенс напиша на Твитер: „Членството на Србија во ЕУ не е повеќе реално – поздрав од Дедо Мраз до сите оние што веруваат во ЕУ-членството“ и „Перспективата за ЕУ-членство за Србија (и за другите пет земји од Западен Балкан) е мртва, без разлика што прават или како ќе се реформираат“. И ова не само твитер-објава туку контекст на интервјуто на Михаел Мартенс со Албин Курти за ФАЗ, во кое прашањето е што добива Србија од признавањето на Косово кога ЕУ-перспективата е мртва. Исто така значајно е дека Албин Курти нема одговор на ова прашање и вината ја префрла на проруската позиција на Србија. И ова не е прв ваков став Михаел Мартенс, тој го тврди тоа во повеќе пригоди, вклучувајќи и кога се повикува на познатиот аналитички институт ЕСИ дека ЕУ-проширувањето е фарса.
Во стилот на Албин Курти, дека за застојот се виновни Србија и проруската позиција, некој од домашните владини поддржувачи ќе ги отфрли ставовите на Михаел Мартенс дека е платен од Никола Груевски и Виктор Орбан да ја оцрнува ЕУ. И, според владини поддржувачи, тоа го решава проблемот, односно тоа не постои. Долгогодишните знаци се дека ЕУ, односно Франција пред сѐ, не е подготвена за понатамошно „ЕУ-проширување“ без претходно „ЕУ-продлабочување“. Во тоа светло е и француската промоција на Европската политичка заедница (ЕПЗ), како и претходната промена на методологијата за пристапување во ЕУ по барање од Франција.

Кон тој став сѐ повеќе се приклонува и Германија со барања, вклучувајќи и напуштање на ветото во одлучувањето за одредени прашања. „ЕУ-продлабочувањето“ не го исклучува „ЕУ-проширувањето“, напротив треба да го овозможи. Проблемот е дека никој не знае кога и дали ќе се случи „ЕУ-продлабочување“, оттука ниту кога и како ќе се случи „ЕУ-проширување“. Затоа, ниту еден европски политичар не е подготвен да спомне какви било рокови. Да се присетиме дека претходниот обид за „ЕУ-продлабочување“ беше Уставот на ЕУ, во 2004 година, кој пропадна во 2005 година, откако го отфрлија на референдум граѓаните на Франција и Холандија. Потоа тој беше делумно заменет со Договорот од Лисабон, кој е склучен во 2007 година, а стапи во сила во 2009 година. Сега тоа треба да се повтори во услови на воена, енергетска и економска криза во Европа.
Поради неизвесноста на „ЕУ-продлабочувањето“, „ЕУ-проширувањето“ станува фарса или, како што пишува Мартенс, ЕУ-перспективата е мртва. Главен предизвик е како да се одржи привид на „ЕУ-проширување“. За тоа служи Берлинскиот процес, кој барем носи одреден напредок во конкретни подрачја, како образование, телекомуникации. Тука е и Отворен Балкан. Овие процеси не се замена за ЕУ-членство, туку одржување на мотивацијата во отсуства на перспектива за ЕУ-членство во оваа деценија.
Во таа насока се и самитите ЕУ – Западен Балкан. Откако на претходниот самит во Брно за малку не се случи фијаско, поради отпорот зборот „проширување“ воопшто да се спомне, сега главна придобивка од овој самит во Тирана ќе биде дека зборот „проширување“ ќе се спомне. И да, главната реклама за самитот е дека е „прв самит надвор од ЕУ, во земја на Западен Балкан“. Нема грешка, многу силно. Тоа што самитот трае половина ден, од половина ден половина од точките на агендата се „справување со странското влијание“ (читај Русија, Кина, Иран) и „контрола на миграцијата“, кажува сѐ. ЕУ-перспективата е сведена на чување територија. Нешто како Краина во Австро-Унгарија, тампон-зона на надворешните граници. Дополнително, регионалната јавност е преокупирана со холандското вето за влез на Бугарија во шенген-зоната, и покрај исполнувањето на сите критериуми.

Како и ЕУ-препораката Македонија и Црна Гора да воведат визи, меѓу другите, за Косово и Турција, поради усогласување со визната политика на ЕУ. За Косово, кое ги исполнува условите за визна либерализација, но пак Холандија ја блокира таа одлука.
И ако ова не е доволно ЕУ-перспективата да се прогласи за мртва, или барем дека ЕУ-проширувањето е фарса, тогаш не знам кои аргументи се потребни. Зошто тогаш Бојан Маричиќ, вицепремиер за ЕУ, како и целата Влада, слепо се држи за ЕУ-перспективата и можно ЕУ-членство до 2030 година. Затоа што и тие мораат да одржуваат привид на ЕУ-перспектива, бидејќи немаат ниту една друга агенда да се промовираат. И ќе се држат за тоа како пијан за ограда.
Дали ваквите позиции ме прават анти-ЕУ? Јас верувам дека не, бидејќи го посветив целиот живот на ЕУ-интеграциите како можност за напредок на Македонија. Ме прават реалист. Реформите ни се потребни за нас, не за ЕУ. И да се вратам на прашањето на Михаел Мартенс, парафразирано: Што добива Македонија ако го смени Уставот, без гаранции за натамошни уцени од Бугарија или, пак, блокади од Холандија, кога ЕУ-перспективата е мртва?

Честит Св. Климент!

Авторот е аналитичар
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични