Слободно можете да ја прескокнете оваа колумна, особено ако не сакате да се вознемирувате. Една дрска млада дама од Македонија, која ме следеше на Фејсбук од Шпанија, во момент на изнервираност ми рече дека сум ѝ напорна и дека ѝ се смачило од моето прогнозирање дека почнува трета светска војна. На младешки, англицистички начин, ми кажа дека сум wannabe-Third-world-war (што во превод би значело дека сум некој што повикува или посакува крај на светот). Такви, со главите бутнати во песок, во полните чинии и специјалитети што ги сликаат за да се пофалат со своите желудци на социјалните мрежи, или кои токму сега уживаат во волшепствата на Дизниленд, за жал, има многу повеќе од тие што се свесни за сериозноста на ситуацијата. Можеби и не сакаат да видат, си го живеат животот како idiotes. Да бидеш polites, особено во вакви времиња, е тешка и болна работа. Всушност, тешко е и да си човек. На социјалните медиуми, но и на класичните, постои некаков (божем професионален) стандард за избегнување или замаглување вознемирувачки сцени. Замислете, се грижат за НАШАТА душевна состојба, се грижат за нас, кои најадени, напиени, нашетани и згрижени (колку-толку) следиме како тече операцијата на етничко чистење на Газа. Притоа, се „нормализира“ ненормалното, нехуманото, ѕверското. Веќе напишав минатата недела: Македонија си гледа на друга страна! Ниту некој организираше протест, ниту се дигна врева, ниту пак ставаат палестински знаменца оние што ронеа солзи за Украина, изразуваа жалење за пожарот на „Нотр Дам“ во Париз и сл. Тотална тишина – или евентуално кукање над тешката македонска судбина.
Интересно, ама ова е првпат професорот и амбасадор во ОН, Данаилов-Фрчкоски да биде на линија на мнозинството не само на власта туку и на јавното мислење. Ниту го видовме ниту го слушнавме професорот по меѓународно право да застане на говорницата, а при гласањето за резолуцијата за запирање на огнот и за хуманитарна помош за цивилите (во рамките на иницијативата „Обединети за мир“, што е ситуација кога генералното собрание гласа за вонредна состојба затоа што Советот за безбедност е парализиран) одлучи да биде воздржан!!! Заедно со мнозинството европски држави (иако имаше исклучоци, најлошиот беа Хрватска и Унгарија, кои гласаа против, заедно со хегемонот САД, а најдобриот беа Словенија и БиХ, кои гласаа за – иако од различни причини)… Ние, банана-република, од страв не смееме ни да имаме став за хуманитарна катастрофа, па си молчиме. А човештвото умира во оној момент кога треба да објаснуваш дека убивањето деца е зло.
Во момент на немоќен гнев помислувам дека си ја заслужуваме целосно судбината што си ја носиме на плеќи. Така ни треба кога немаме елементарно чувство на хуманост и емпатија за оние што страдаат колективно, масовно, а чиј број на жртви ја замина дури и Сребреница, а силата на фрлените бомби ја надмина онаа над Хирошима. Но, најгневна сум на она бескорисно чудо што се нарекува Организација на обединетите народи. Опстојува во облакодерот на Ист Ривер во Њујорк, се извишува, а треба да се урне во сопствената неспособност, хипокризија и срам.
Со недели претставниците на државите што седат во Советот за безбедност, органот задолжен за зачувување на светскиот мир и безбедност (како што одредила Повелбата на ОН), водат јалови седници и држат говори полни со фрази и божемна загриженост за „сите страни“. Можеби од мазохизам, не знам зошто, ги следам во живо, онлајн на Јутјуб. Ми се лоши од онаа куртоазија со која си се обраќаат екселенциите, но најтешко ми паѓа кога претседавачот ќе даде пауза за ручек или ќе најави дека седницата ќе продолжи наредниот ден. И почнува во главата да ми отчукува часовникот, секоја секунда, секоја минута значи повеќе глад, жед, болка и смрт. Официјалните статистики, барем до пред некој ден, велеа дека секои 15 минути во Газа е убиено едно дете. Во моментов се близу 4.000 (само) деца. Кога ќе ја читате колумната веројатно ќе бидат над 5.000 деца – или десет пати повеќе од двегодишната војна во Украина. (Не, не мерам деца ниту статистики – за двете војни имав и имам само еден став: прекин на огнот! ИТНО! Некакво примирје, зошто и лошиот мир е подобар од смртта и деструкцијата). Можеби сите имаме некаква точка на „топење“, на издржливост, па вртиме глава особено затоа што не се чувствуваме ни виновни ни моќни нешто да смениме. Но, во Газа, велат дека останеле само два големи надежи – да останеш жив и да не примиш вест за уште една болна загуба, токму како што одамна го напиша тоа големиот палестински поет Махмуд Дарвиш: „смртта не ги боли мртвите, ги боли само живите“. И така, ги гледам повторно оние господа и госпоѓи што се натегаат со амандмани, со вербални акробации и геополитички „победи“ и си велам: мора да се мртви штом не ги боли болката на Газа! Како инаку да се сфати тоа натегање? Со ретки исклучоци, ние сме сите зомбифицирани, навикнати на смрт, нечувствителни на детски крици, на разлеана крв. Не знам зошто медиумите внимаваат на „графички прикази“ и на „вознемирувачки содржини“? Дали можеби се плашат дека во нас ќе се разбуди она човечкото, кое ќе препознае ужас и ќе го осуди?
Денес/понеделник ќе имам предавања по предметот Меѓународна безбедност. Однапред чувствувам мачнина и не знам што да им кажам на студентите. Дека нема меѓународно право, дека моралот и човечноста умреа во Газа, дека хуманитарната помош што стасува во „лажички“ е дури и нехумана бидејќи ги одржува во живот оние што се осудени на смрт? Да им кажам дека сè што е напишано во тони книги може веднаш и да исчезне во својата бескорисност? Или само да им кажам дека сме НАТО, дека претседателот Пендаровски свикал седница на Советот за безбедност, ама министерката за одбрана веќе нè смири дека сме безбедни? (Нешто во мене вреска од болка бидејќи не сакам да бидам „безбедна“ додека онаа мајка не може да се оддели од безживотното тело на своето бебе завиено во бела ткаенина.) Еден колега што води некаков „важен“ Форум за глобално управување (чиј член сум и јас, иако малку тргната настрана поради политички некоректните ставови што ги изнесувам) секој ден пишува анализи како требало да се реформираат ООН и дека сега бил моментот за тоа! Не знам дали е сериозен? Инаку, тој има високо мислење и за ЕУ – онаа ЕУ, и нејзината Урсула, која застана зад „правото на самоодбрана“ на Израел со употреба на сите недозволени средства. Други колеги организираа светски конгрес за еколошката безбедност на светот/планетата Земја, со апел дека се самоуништуваме (еколошки). Мојата теза дека најпрво треба да запре глобалната милитаризација зошто наскоро нема да има луѓе, флора и фауна да се заштитуваат ако продолжиме во оваа насока, како да беше несоодветна и премногу силна. Затоа решив да ја напишам оваа колумна, без оглед дали некој ќе ја прочита. Некои познати и непознати ми пишуваат пораки на благодарност и ми велат дека во Македонија јас сум била гласот на оние во Газа. Ако е така, бремето е уште поголемо, а тагата и разочараноста во сите интелектуалци и колеги немам зборови да ги опишам. Се надевам дека грешат.
Утре, вака позападњачени, мнозина ќе слават Халоуин (Ноќ на вештерките). Но, пораката стигна од Тунис, од булеварот наречен по она младо момче што се самозапали и ја започна туниската револуција – Мохамед Буазизи. На огромен билборд е поставена слика на девојченце што стои пред разурнатиот дом, а зад девојчето има израелски тенк. Текстот гласи: Халоуин се откажува оваа година, гледајте го хоророт што го врши Израел. Она што не го гледаат мнозина е дека третата светска војна е веќе почната, а јас неретко сум гласникот што треба да се убие/замолчи зошто зборува вистина и „вознемирува“. Не, иницијалната каписла ниту беа ниту ќе бидат „исламскиот фундаментализам“ и „тероризмот“. Посебно ми е смачено што генерации студенти излегоа со длабоко уверување дека тероризмот е најголемо зло, без да знаат дека најголемиот терор го произведуваат државите водени од военоиндустрискиот комплекс, а академската фела е соучесник, фабрика што произведува умови подготвени да бараат и наоѓаат непријатели. Дури и во децата на Газа…