АКСЕЛ ЈАКОБСЕН – НАЈВОЗРАСЕН ОДБОЈКАР НА ЕП 2026
- Повторно чувствувам голема чест, оти играњето на 42 години значи дека моето тело ми дозволило да играм толку долго, вели капитенот на репрезентацијата на Данска, Јакобсен
Аксел Јакобсен (42) е најстариот играч на Европското првенство (ЕП) 2006 во одбојка, кое е во тек. Тој е капитен на репрезентацијата на Данска, која игра во групата Ц во Тампере (Финска), а во второто коло ја изненади фаворизираната Холандија со 3-0 во сетови. Само неколку дена пред почетокот на ЕП 2026, данскиот техничар стана играч со најмногу меѓународни настапи (251) во историјата на машката репрезентација на Данска, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата веб-страница.
Што се однесува на неговата возраст, тој нема дилеми.
– Повторно чувствувам голема чест, оти играњето на 42 години значи дека моето тело ми дозволило да играм толку долго. Се разбира, се грижев за себе преку исхраната, сонот и тренинзите. Но морам да им се заблагодарам на моите родители, кои ми подарија тело способно да издржи толку долго време играјќи одбојка – вели Јакобсен.
По ЕП, тој ќе игра во Азербејџан во текот на клупската сезона, што е знак дека сѐ уште не е време да размислува за пензионирање.
– Мислам дека сѐ се сведува на тоа да се оди ден по ден и година по година. Не сакам да продолжам да играм штом ќе престанам да се забавувам. Немам одреден датум или година на ум. Кога ќе престанам да уживам и кога тоа веќе нема да биде забавно, нема да има причина да продолжам да играм – констатира Јакобсен, пишува ЦЕВ.
Јакобсен не е само капитен на Данска туку и техничар – мозокот зад речиси секоја акција на неговиот тим. Бидејќи одиграл толку многу натпревари во текот на кариерата, веројатно забележал како неговата улога се менувала низ годините.
– Многу работи се променија. Во репрезентацијата влегов кога имав 19 години, ако добро се сеќавам, така што се случија многу промени. Во раната фаза од кариерата мојата игра се базираше повеќе на физичка сила. Сега повеќе се фокусирам на тоа да го држам тимот обединет и да ги насочувам момците за да можат да играат на најдобар можен начин. Тоа сега е повеќе мојата улога, оти не можам да освојувам поени преку напад, блок и сервис на истиот начин како порано. Наместо тоа, се трудам да им помогнам на соиграчите да прикажат што е можно подобра игра – се присетува тој.
Најкарактеристично за Јакобсен е тоа што е роден во Аргентина, зборува шпански и патува таму со целото семејство секогаш кога може, за време на играчката пауза.
– Мислам дека од моето аргентинско потекло се обидувам да внесам нешто позитивно во тимот, заедно со лидерство, а понекогаш и креативност. Понекогаш играм и ризични топки. Тренерите повремено ми велат да не го правам тоа, бидејќи е премногу ризично – појаснува Аксел, пишува ЦЕВ. Г.И.


































