ЕВРОПСКИ КУП ЗА ЏУДО-НАДЕЖИ ВО СПЛИТ
- Злато освои Марко Димитријоски, сребро Емилија Паскоска, а бронза Џени Димитријоска
На Европскиот куп за џудо-надежи во возрасните категории до 14 и до 16 години, момчиња и девојчиња, кој се одржа викендов во хрватскиот град Сплит, македонските џудисти постигнаа забележителен успех, освојувајќи вкупно три медали, по едно злато, сребро и бронза.
Марко Димитријоски од прилепскиот клуб Пролетер, во тежинската категорија до 50 кг, со одлични борби го освои првото место и се искачи највисоко на пиедесталот. Со сребрен медал се закити Емилија Паскоска (до 48 кг) од клубот Миоки, која во возрасната категорија до 16 години со три ефективни победи се пласира во финалето и по поразот во последната борба заврши на втората позиција на пиедесталот. Бронзен медал освои Џени Димитријоска (до 52 кг), исто така од клубот Пролетер, но во возрасната категорија до 14 години.
– Ова претставува голем успех за нашите репрезентативци, кои во мошне силна конкуренција освоија медали и со тоа ја оправдаа довербата на селекторот Игор Димитријоски, но и довербата и поддршката дадена од страна на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), забележувајќи три настапи и три освоени медали. Ова е само уште еден доказ дека Македонија има со што да се гордее – вели тренерот на ЏК Миоки, Игор Паскоски, кој беше присутен во Сплит.
На Купот за џудо-надежи во Сплит учествуваа вкупно 400 натпреварувачи, од кои 238 беа џудисти, а 162 џудистки од 97 клуба од 17 држави, што ја направи конкуренцијата да биде мошне квалитетна, а македонските претставници да се стекнат со уште едно искуство повеќе. Г.И.

































