Повод: Американскиот претседател сака да ја преименува американската сојузна држава Ново Мексико во Нова Америка
Кога американскиот претседател Доналд Трамп деновиве излезе во јавноста со предлогот сојузната американска држава Ново Мексико да се преименува во Нова Америка, тоа на прв поглед изгледаше како уште една од неговите политички провокации на социјалните мрежи. Имено, станува збор за предлог објавен на неговата социјална мрежа Трут сошл. Сепак, овој потег на Трамп сѐуште не значи „правно започната постапка за промена на името на една држава“, но, од друга страна, политичкиот симболизам е многу посериозен.
– Јавноста во Македонија е особено чувствителна на ваквите размислувања, идеи и иницијативи и веќе оддалеку ги препознава, идентификува и толкува на свој начин, затоа што многу од нештата поврзани со ваквите иницијативи, овој пат пак од Трамп, Македонија ги почувствува одамна токму на своја кожа – вели еден наш соговорник, универзитетски професор по историја и истакната јавна личност.
Политички пораки и политички аспирации
Ова не е првпат американскиот претседател Трамп да се обидува „да интервенира во географијата“ за да испрати политичка порака. Прво дојде Американски Залив (Gulf of America) наместо Мексикански Залив (Gulf of Mexico). Потоа Американско Езеро (Lake America) наместо езерото Онтарио (Lake Ontario). Сега на ред е Нова Америка (New America). А паралелно со тоа, Трамп објавува и карти на кои Канада, Мексико, Гренланд, Исланд и делови од Карибите се визуелно ставени под американското знаме…
– Тоа веќе не е само топонимија. Тоа е политика на преименување, односно политика на присвојување одредена територија и простор. И токму тука се појавува едно важно прашање. Имено, што се случи со мотото на стариот Трамп – Америка најпрво (America First)? Трамп првично ја градеше својата политичка филозофија врз тврдењето дека Америка премногу дала за другите, дека сојузниците не плаќаат доволно, дека Америка „НЕ треба да бидат светски полицаец“ и дека „Вашингтон треба повторно да ја стави сопствената држава на прво место“. Тоа беше еден вид суверенизам. Но во вториот мандат се појави нешто ново. Рака на срце, ова остава впечаток како суверенизмот да почна да се претвора во хегемонизам?! Па, ве молам, има разлика меѓу изреченото „не дозволувајте други да одлучуваат за Америка“ и „Америка треба да има право да одлучува каде завршуваат границите, имињата и политичките простори на другите“. Нели? Да појаснам, за читателите на „Нова Македонија“. Првата позиција има тежиште „за себе“, а втората е експанзивна. Токму затоа заканите и идеите околу Гренланд, Канада и Панамскиот Канал уште од почетокот на вториот мандат беа оценувани како пресврт од класичното „Америка прво“ („America First“) кон еден вид „современ американски империјализам“ – вели наш соговорник, искусен дипломат од кариера, кој целиот свој професионален живот го посветил на дипломатијата и анализа на меѓународните односи.
Парадоксот на Трамп
Според нашите соговорници, од досега кажаното, (пре)именувањето во Нова Америка (New America) може да се чита и како мала, речиси карикатурална слика на една поголема промена.
– Според овие нови индикатори, Америка повеќе не сака само да биде силна во своите граници. Америка сака нејзината сила да биде видлива на светската мапа. Името Ново Мексико (New Mexico) во тој контекст станува проблем токму затоа што во себе го содржи зборот „Мексико“. А политичката порака е очигледна. Имено, она што Мексико треба симболички да стане – АМЕРИКА! Тоа е истата логика што стои зад Американски Залив и Американско Езеро. Просторот се преименува за да се нагласи американското право на него, неговата американска важност или американското историско присуство- велат нашите соговорници.
Белата куќа и во двата случаја промените ги образложува со американската историја, интереси и „американската големина“. Но тука се забележува и парадоксот на Трамп. Тој политички израсна од критиката на глобализмот и од инсистирањето дека секоја држава има право сама да ја брани својата национална волја. А сега неговата политика сè почесто произведува слика во која американската национална волја станува мерка за тоа што другите држави смеат или не смеат да бидат!?
Тоа е многу повеќе од промена на имиња. Тоа е промена на значењето на суверенитетот. Нашите ценети соговорници имаат исклучително интересен компаративен став во врска со тоа.
– Во класичниот суверенистички концепт државата вели: „Ова е наше и ние одлучуваме за него“. Во империјалната верзија големата сила вели: „Ова е наше подрачје на интерес и затоа ние имаме поголемо право да одлучуваме“. (?!) Токму тука Трамп се оддалечува и од дел од европскиот суверенизам со кој неговото движење долго време се идентификуваше. Европската суверенистичка позиција, од Мелони до различните националноконзервативни партии во Германија и Франција, во основа ја брани идејата за национална држава, граници, културен идентитет и ограничување на т.н. наднационална моќ на Брисел. Но тоа не значи автоматски право на Италија, Франција или Германија да ги менуваат границите или идентитетите на соседите. А токму тука Трамп оди еден чекор понатаму. Тој го претвора суверенизмот во геополитичка хиерархија, на начин што силните држави не само што треба да си ја вратат контролата врз себе туку и треба да ја зголемат контролата врз просторот околу себе. И токму затоа е интересен парадоксот што се појави во Европа. Имено, некои од движењата, партиите и лидерите кои порано гледаа во Трамп политички пример, денес почнуваат да се дистанцираат од него кога неговата политика директно ја доведува во прашање европската сувереност. Тоа особено се гледа во односот кон Гренланд, Канада и американскиот притисок врз европските сојузници. Оттука, можеби прашањето не е што „му се случи“ на Трамп. Можеби се случи нешто друго. Трамп ја доведе логиката на принципот „Америка прво“ („America First“) до нејзиниот крај на геополитичка последица. Ако националниот интерес е врховен принцип, тогаш следното прашање е колку далеку може да оди државата во неговото спроведување. До сопствената граница? До границата на соседот? До туѓото име? До туѓата карта? И токму тука инсистирањето за преименувањето во Нова Америка станува повеќе од чудна идеја на претседателот Трамп. Станува симбол на една Америка што повеќе не сака само повторно да биде голема. Туку сака и просторот околу неа да изгледа поголем и поамерикански. Од МАГА (Make America Great Again) полека стигнуваме до една друга порака. И тоа, „Америка не само повторно да биде голема, ами Америка да биде – насекаде“ (?!) – велат нашите ценети соговорници. П.Р.
Вирусот на политичките преименувања
Името станува валута во (гео)политичката трговија
- Трамп денес вели Нова Америка (New America). Македонија вчера слушна Северна Македонија!? Иако правните механизми се различни, политичката лекција е слична. Кога името ќе стане предмет на нечиј геополитички интерес, прашањето веќе не е само како ќе се вика една држава или територија. Прашањето е кој има доволно моќ да бара да се вика поинаку. А уште поважно, од другата страна, кој има доволно моќ да одбие или доволно акумулирано моќ за да ја отфрли хегемонистичката тенденција на посилниот?
Можеби најинтересното прашање што го отвора случајот со преименувањата на американскиот претседател Трамп не е дали тој навистина ќе успее да го преименува Ново Мексико во Нова Америка, туку за македонската јавност е исклучително битно светот да се потсети на еден период во кој името на една земја стана средство за национално и политичко-правно деноминирање. Се разбира, овде станува збор за нас и нашата Република Македонија. Тука Македонија има особено чувствително искуство!
За потсетување, повеќе од две децении спорот со Грција не беше само дипломатски спор за „едно име“. Тој стана инструмент за блокирање на евроатлантската интеграција на македонската држава. Меѓународниот суд на правдата во 2011 година дури утврди дека Грција ја прекршила својата обврска од Привремената спогодба со тоа што се спротивставила на приемот на Македонија во НАТО во Букурешт. Тоа е важен факт што не смее да се изгуби во политичките разговори, потсетувања и толкувања. Името на нашата држава Македонија едноставно е нелегално сменето со посредство на големи притисоци и сили однадвор! Во тој контекст, точно е дека правната слика е посложена, иако и таа е чиста за легалистите и може да се врати (реституира) и да се доведе во почетна позиција, пред да се случи преименувањето.
Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година беше обид да се направи легален билатерален меѓународен договор меѓу Грција и тогашната Република Македонија, регистриран во Обединетите нации. Со него двете страни договорно прифатија ново уставно име – „Република Северна Македонија“ – а договорот предвидуваше негова употреба ерга омнес, но во таа процедура има низа суштински и битни повреди што го прават договорот – ништовен! Во врска со тоа многу меѓународноправни експерти аргументираат во писмена форма низ годините.
Потоа следуваа домашни повреди на процедурата. Референдумот од 30 септември 2018 година беше со одзив од околу 37 проценти и не го достигна потребниот цензус. Европската комисија го прифати како легален и легитимен. (!?) Промената потоа беше спроведена преку Собранието со уставните амандмани XXXIII–XXXVI.
Е сега, правно гледано, тоа не е ист случај како Трамп и Ново Мексико. Но, политички гледано, паралелата е вознемирувачки интересна. Во Македонија името стана валута во геополитичката трговија. Во замена за промена на уставното име беа ветени гаранции за евроатланскиот пат на Македонија. Европската Унија истовремено го врзуваше напредокот за решавањето на билатералните прашања и добрососедските односи, но сето тоа на суштинска штета за Македонија. Самата Преспанска спогодба и преименувањето на Македонија експлицитно го поврзуваа ставот на Грција со евроатлантската интеграција. Оттука произлегува суштинската разлика меѓу правото и политичката моќ.
– За волја на вистината, историски факт е дека името не беше променето со „туѓ указ“, туку беше променето преку домашна институционална фингирана процедура, во услови на силен надворешен геополитички притисок, со помош на некаква формирана волја на домашни носители на највисоки државни функции, чија волја се граничи, ако не и совпаѓа, со – велепредавство. Затоа е оправдано да се зборува за политичка принуда или условување, ако под тоа се подразбира ситуација во која една мала држава знае дека без прифаќање на компромисот ќе остане пред затворена врата кон важни меѓународни структури. Но, правно е многу потешко да се каже дека името било „наметнато“ без дополнителна квалификација – велат наши соговорници, странски професори по уставно право, додавајќи дека токму тука случајот со Трамп станува интересен за Македонија.
Во случајот со Ново Мексико, силниот политички центар се обидува симболички да го промени името на послабиот политички простор, но УСТАВОТ го спречува! Во Македонија, посилните геополитички актери не го напишаа директно новото име во македонскиот устав, туку создадоа политичка и меѓународна рамка во која македонските институции сами ја извршија промената! Но заедничката точка е уште поважна. Името престанува да биде само име. Станува инструмент на моќ. Станува услов за членство. Станува средство за отворање или затворање врати. И тука можеби лежи вистинскиот „вирус на преименувањата“. Не во самата промена на буквите и називите на мапата, туку во идејата дека „идентитетот може да стане преговарачка ставка меѓу посилниот и послабиот“!. Трамп денес вели Нова Америка. Македонија вчера слушна Северна Македонија!?
Иако правните механизми се различни, политичката лекција е слична. Кога името ќе стане предмет на геополитички интерес, прашањето веќе не е само како ќе се вика една држава или територија. Прашањето е кој има доволно моќ да бара да се вика поинаку. А уште поважно – кој има доволно моќ да одбие. Р.Н.М.

































