КРИЗА НА ДОВЕРБАТА ВО ЕВРОПСКИОТ ПРОЕКТ
- Анкета спроведена во шест земји членки на ЕУ истакнува криза на довербата во европскиот блок и чувство на нејзин пад кај мнозинството од испитаниците
- Дури 74 отсто од европските граѓаните веруваат дека Европа се мачи за да се справи со предизвиците со кои се соочува, при што нејзината бавност и бирократија честопати се сметаат виновни за таквата состојба. За 56 отсто од испитаните граѓани, иднината на ЕУ е „во опасност“
Последната обемна студија спроведена од Европскиот совет за надворешни односи (ECНО) и Европската културна фондација (EКФ) за тоа како граѓаните на Европската Унија гледаат на европскиот блок покажува дека има криза на довербата во европскиот проект, широко е распространето чувство на пад, па дури и перцепција за опасност за иднината на Европската Унија.
Европејците остануваат силно приврзани кон Унијата (74 отсто во просек), како што покажуваат анкетите на Евробарометар секоја година. Но тие се разочарани од способноста на институциите да се справат со растечките предизвици, според ова петто издание на европскиот компас на расположенија, објавено на 9 септември. Така, 68 отсто од испитаниците сметаат дека има „општо влошување“ на ситуацијата во ЕУ. Само 12 отсто ја опишуваат моменталната ситуација во Европа во смисла на „будење и обнова“, далеку од сликата за динамизам и автономија што лидерите како претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен, и францускиот претседател Емануел Макрон се обидуваат да ја проектираат во услови на притисок од конкурентските геополитички сили, како што се Кина и САД.
Бавноста и бирократијата го оневозможуваат справувањето со предизвиците
Обратно, 74 отсто од граѓаните веруваат дека Европа се мачи за да се справи со предизвиците со кои се соочува, при што нејзината бавност и бирократија честопати се сметаат виновни за тоа. За 56 отсто од испитаните граѓани, иднината на ЕУ е во опасност. Иако разочарувањето не е исклучиво европско чувство и може да се забележи на други места, на пример кај Американците, овој ризик би можел да се покаже како фатален за политичкиот проект на Европската Унија. Перспективата за „бавна смрт“, која ја истакна поранешниот италијански премиер Марио Драги за време на презентацијата на неговиот извештај во 2024 година, далеку од тоа да го активира надежниот инстинкт за преживување, останува релевантна две години подоцна.
За да дојдат до овие заклучоци, Европскиот совет за надворешни односи (ECНО) и Европската културна фондација (EКФ) спроведоа 5.834 продлабочени интервјуа со граѓани од шест земји (Франција, Германија, Италија, Холандија, Полска и Обединетото Кралство), дополнети со квалитативно истражување за јавни дебати во 15 европски земји.
– Многу европски граѓани, особено оние што се сметаат за неодлучни, сакаат посилна, поинтегрирана и понезависна Европа. Но тие многу често се мачат да замислат веродостоен пат од сегашните превирања до оваа цел – нагласува авторот на студијата Павел Зерка.
Според него, овој „недостиг од имагинација помага да се објасни зошто политиката на носталгија сега им се допаѓа на некои гласачи во Европа“.
Авторите веруваат дека поделбата на гласачите на проевропејци и евроскептици повеќе не е доволна за да се покрие спектарот на чувства. Тие ги категоризираа испитаниците во четири групи. Оние „позитивни“ за Европа претставуваат само 19 отсто од јавноста, додека оние „негативни“, подложни на опаѓачка реторика, достигнуваат 39 отсто. Ова ниво е блиску до бројките за намерата за гласање за Националниот собир во Франција или резултатот што го доби Алтернатива за Германија (AфД) на изборите во Саксонија-Анхалт оваа недела. Заедно со овие две групи, има и 12 отсто што се „исклучени“, рамнодушни и одвоени од ЕУ во нивниот секојдневен живот, и значителен број од 31 отсто што се „неодлучни“, веруваат во Европа, но чекаат да бидат убедени во нејзината способност за дејствување.
Помалку ветувања, повеќе докази за резултати
Според Павел Зерка, токму од оваа втора група политичарите би можеле да привлечат гласови за да победат во изборните битки, под услов да покажат како обновената посветеност може да ја сврти негативната спирала. За таа цел, тој ги повикува европските лидери да дадат „помалку ветувања за трансформација“ и да обезбедат повеќе „докази за резултати“ за нивните политики. „Лидерите управуваат со вонредна ситуација едноподруго, додека иднината изгледа сè помрачно“, забележува истражувачот. Во овој поглед, големиот број говори на Емануел Макрон од 2017 година за стратешката автономија на Европа сигурно ја обликуваа дијагнозата, но имаа мало влијание врз јавното мислење.
Соочени со овој пад на лидерството и недостигот од водечка фигура што би ја предводела европската идеја, некои Европејци ја сметаа цврстината на Педро Санчез во лицето на Доналд Трамп како симбол на отпор, заборавајќи ги недостатоците на шпанскиот премиер во однос на инвестициите во заедничката одбрана. Склоноста на Европа да зборува премногу, а да не дејствува решително, исто така е критикувана. Исто така, се критикува и перцепираното лицемерство во Европа, која брзо ги покажува своите вредности и принципи, но сепак е подготвена да попушти пред американскиот претседател Доналд Трамп со потпишување неповолен трговски договор со него во летото 2025 година во врска со царините. (Во тоа лицемерство е и лицемерството за евроинтеграциите на Македонија, која станува најстара земја кандидат и сѐ уште ги нема започнато преговорите, и покрај големите жртви што ги има направено.) Некои од испитаниците го изразија својот „срам“ од оваа капитулација. Ова разочарување, пак, поттикнува загриженост за реалниот капацитет на Европа да ги заштити своите граѓани.
Европејците бараат поголемо единство
Војната и безбедноста навистина се наведени (43 отсто) меѓу јасно идентификуваните закани, пред економските притисоци (33 отсто). Испитаниците со големо мнозинство (73 отсто) бараат силен, заеднички одговор, кој (за 35 отсто) бара поголемо единство и политичка интеграција. Само 13 отсто бараат распаѓање на ЕУ.
– Добрата вест е дека повеќето Европејци веруваат во идејата за обединета Европа. Лошата вест е дека се сомневаат во нејзината способност да ги одржи своите ветувања – резимира Андре Вилкенс, директор на Европската културна фондација.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

































