Владата донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел горивото од 18 на 10 проценти. Мерката ќе почне да се применува од полноќ на 15 септември и ќе важи до 28 септември, со цел да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на кризна состојба и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати пренесе МИА.
Според пресметките на Владата, намалувањето на ДДВ-то треба значително да го ублажи очекуваниот раст на цените на горивата. Кај дизелот, наместо очекуваното поскапување од околу пет денари за литар, со примената на пониската даночна стапка се очекува намалување од околу два денари. Тоа, според Владата, претставува ублажување на ценовниот удар од околу седум денари, со што цената би се движела околу 99 денари за литар.
Мерката доаѓа откако Регулаторната комисија за енергетика претходно ги зголеми цените на нафтените деривати. Од 8 септември дизелот се продава по 101 денар за литар, што беше зголемување од шест денари во однос на претходната цена.
Кај бензините, намалувањето на ДДВ-то за дизелот нема да се применува, но Владата очекува нивните цени исто така да се зголемат. Според владините пресметки, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 би достигнал околу 100,5 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 би се продавал по околу 102,5 денари за литар.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека Владата ќе ја донесе мерката како одговор на очекуваното зголемување на цените и ризиците поврзани со снабдувањето со нафтени деривати.
Ова не е првпат годинава Владата да применува намалена стапка на ДДВ за горивата. Управата за јавни приходи во април извести дека намалената стапка од 10 проценти за енергенсите била продолжена до 20 април 2026 година.
Од Владата велат дека со најновата одлука се презема мерка за заштита на животниот стандард, намалување на финансискиот товар за граѓаните и поддршка на стопанството. Оттаму додаваат дека внимателно ќе ги следат состојбите на пазарот на нафтени деривати и, доколку е потребно, ќе преземаат дополнителни мерки.
































