Црно семе

Повод за употребата на овој култен наслов не се романот и споменот за филмот на Кирил Ценевски. Се осмелувам да се наредам во стројот на воспитаниците на Александриската школа во која се одгледуваше и навиката што денес модерно се препознава како топ листа. Во архивите на Александриската библиотека досега се претставија најзнаменитите архитектонски дела, најголемите светски политичари, најголемите војсководци, писатели…
Мојот напор е многу поскромен. Не се занимавам со сиот свет. Само со македонската цивилизација. Подоцна ќе увидам дека таа навидум ограничена димензија има застрашувачки капацитети. На пример, ако се обидам со категоријата режисер и ако само ги наведам оние што сум ги познавал и со кои сум соработувал, Кирил Ценевски, Љубиша Георгиевски, Слободан Унковски, Владе Милчин, Виолета Џолева, Ацо Алексов, Стојан Стојановски, Коле Малинов, Столе Попов, Владо Блажевски, Јане Петковски, Љупчо Тозија, Томе Алексов, Душко Наумовски, Горан Тренчовски, Благој Марковски, Тихо Бачовски, мислам… Ќе ми биде полесно ако го сменам насловот со ветување дека еднаш – некогаш ќе се навратам на филмот и режисерството. Како такво. Сега за една друга семка.

Јасновидци

Набројување: Големата Мајка, Касандра, Баба Ванѓа, Дедо Зафир, Свети Павле, Свети Климент, Методија Андонов, Павел Шатев, Гоце Делчев, Јован Кукузел, Григориј Акиндин, Свети Гаврил, Биљана Перчинкова, Ѓорѓи Кастриот, Прохор Пчињски, Глигор Прличе, Крсте Мисирков, Коста Солев, Свети Јоаникиј, Ташко Белчев, Васил Иљов, Марко Цепенков, Десоецо, Елена Колева, Кирил Ценевски… Сериозно расте и овој список. Должен сум да го објаснам критериумот, мислам најлесно е со равенка. Вака: јасновидец = научник. Збунувачки? Научник = пустиножител. Малку појасно. Пустиножител = филозоф (оној што ја љуби мудроста). Навидум бесмислено, неверојатно и невозможно. И точно тоа е најдобрата дефиниција за вистината. Вистината не е силогизам. Вистината е личност. Етимологијата на зборот вистина ја откри Витан (наш изданок од Виена), кој во миг на созерцание јасно виде дека потеклото на вистина не е од поимот „иста“ – истина = вистина, туку од глаголот истина (кога вулканската лава ќе се олади – ќе истине и ќе се појави вредноста)… почва на која може да никне сѐ. Нема поплодна почва од вистината. Така и зборот се овоплотува.
Навидум во нашата сегашност сме спокојни по прашањето колку го познаваме мајчиниот јазик. Арно, ама… македонскиот јазик се оформува пред 100.000 години. За неверниците: побарајте кај Виталиј Шеворошкин и Џон Вудфорт.
Но, да не бегаме од насловот. Јасновидец е дарба. Човекова природа. Кога би се осмелиле да се соочиме со слободата со која и во која сме обдарени во оваа сегашност – јасновидците не би изгледале несериозно како што е пропишано во секојдневноста. Во секојдневноста нема иднина.Чуму јасновидец!? Во секојдневноста нема минато. Чуму јасновидец?! Во секојдневноста нема ни сегашност. Секојдневноста ја краде сегашноста! Во секојдневноста има само чекање. Секојдневноста не може да биде место за живот. И не е. Секојдневноста е само чекалница… и понатаму сѐ според прописот.
Има еден вработен во ординацијата зад затворената врата. Тој е замената за јасновидец. Тој ги положил сите испити што ги бара левата хемисфера. Неговата функција е контролирана со соодветни силогизми и алгоритми, а резултатите се наведени во пописот. Јасновидецот не припаѓа на оваа кореспонденција. Затоа, секојдневноста пропишува потсмев, омаловажување, категоризирање во суеверие и измама како пропаганда за оваа дарба. А стара е колку свеста и совеста на човештвото! Се сеќавате ли на Танита Тикарам? Еве понуда: „Сите Божји деца со железни чевли се раѓаат, така проблемите подалеку си заминуваат… Сите добри деца добри книги читаат и нам совеста раат ни ја оставаат…“ Јасновидци… Покрај левата, има и десна хемисфера. Чудо: таа е постара! Чудно! Не постои цивилизациски растеж што не се родил во десната хемисфера. Во оваа секојдневност – овој ноторен факт е животен принцип само за јасновидците. Во македонското митолошко минато хемисферите имаа име: Аполон и Дион.
Слика прва. Видение прво… македонски примерок… Податоците за датирањето се преземени од американската лабораторија за испитување на староста STUIVER&AL. Објавени се во 1994 година. Еве ја сликата: Околу 10.000 години пред Христа во Македонија се одигрува Големиот Потоп проследен со земјотреси и вулкани. Алфа мажјакот успева да го прибере родот под врвот на планината во добредојдена пештера. Небото истура. Нема сонце со месеци. Наскоро гладот ќе го надмине потопот. Палеолитот е најмилосрден спрема децата: пред да станат свесни ги враќа во ноунемот. Во пештерата има само едно дете. Гладно, плаче, не престанува, вреска… Знае, сите знаат… Чекаме… Најгладен е алфа мажјакот. Секавица ја осветлува длабината на пештерата. Ровја удира во борот пред влезот. Еве – сега ќе го грабне детето. Канибализмот е одамна навика во палеолитот. Алфа мажјакот станува и се упатува. Но, под драматичната светлина на запалениот бор, мајката се спротивставува на традицијата и има видение: за живот поинаков од сето номадство! Од сите 100.000 години страв што се чипчел во ’рбетниот столб. И има зборови… да објасни дека постои достоинствен начин за постоење наместо да се живее како животно! Непоимливото за номадите кристализира во свеста на родот како заборавен спомен… Цивилизација. Не мора да се војува за да се живее! Родот нема да брка храна!? Ќе ја припитомува! Родот нема да војува со другите луѓе! Ќе слави и ќе гради!
Мајката станува религија што до денес не е надмината според траењето… Ние во оваа секојдневност го спомнуваме едвај скромно овој најголем јасен увид на човештвото! Им го продаваме на туристите како мали невешти глинени фигурички, кои можат да се скријат во дланка, а ја забораваме Големата Мајка, која и денес бдее како камена скулптура од 10 метра висина… и сѐ уште има лакримариум на десната страна на образот… И ене ја на само 88 километри од Скопје!
Слика втора. Оваа јасновитка никогаш не стана Мајка. Касандра. Свештеничка во храмот на Аполон 1.300 години пред Христа. Градот се вика Илион. Тука сме во меурот на митот. Тој наратив не користи зборови како хемисфера. Но знае и за двете и ги именува. Левата ја именува Аполон. Десната Дион(ис). Аполон е разумен. Се спознава себеси и на другите им го препорачува истото тоа. Аполон разумно ја посакува Касандра. Касандра е јасновидец. Таа живее под посилно влијание на Дион. Постапува неразумно и го одбива. Аполон продолжува разумно и за да ја вразуми ја казнува: ѝ ја остава дарбата за откривање на биднината, но организира граѓаните на Илион да не ѝ веруваат. Граѓаните ја исмеваат и зборуваат дека е луда. Илион е срамнет со земја и пеплосан…

Ние во оваа секојдневност речиси никако не ја споменуваме Касандра, но ја следиме инерцијата да се подбиваме со надарените јасновидци иако татковината се разнебитува секојдневно и пеплосува секое лето.
Слика трета. Баба Ванѓа. Сите знаеме за нејзината колосална дарба со која им помагаше на луѓето од сиот свет. Знам еден што 15 години се обидува да ги убеди жителите на нејзиното родно место да ја обноват постојната нејзина куќа како светилиште. Како атрактор. За туризам. И за ред во хаосот. Пишува, прави емисии, посетува градоначалници, советници, релевантни фактори. Штама. Само камењата сѐ уште стојат над разурнатото огниште. За тоа време соседството ја присвојува нејзината дарба.
Ние во ова секојдневие сме разумни. Нам не ни се потребни јасновидци. Со нив се справуваме лесно. Ги забораваме како да не биле… или ги сместуваме според она што можеме разумно да го сместиме во одобрените квалификативи, ги архивираме како борци за слобода, писатели, собирачи на умотворби, научници, декани на универзитети, музичари, подвижници, скоропостижници… и забораваме дека јасно ни ја покажале иднината и покажале како треба и како не треба. „Иднина е биднина. Да се случи веднаш! Иднина е небиднина да не се случи ниеднаш!“ За нашите јасновидци имаме стандарден лек. Ги забораваме. Ги казнуваме со заборав.
Слика четврта. Македонската митологија е товарена со јасновидци… и поинаква е во споредба со службената. Ако е во женски род, јасновидецот се именува Питија. За некои Питии ги знаеме имињата. Со една таква последен пат се сретнав пред 33 години. Тогаш се надевав дека ќе биде повикана барем како совет од некоја власт. Мислам дека не се случи тоа. Знам дека таа сама никогаш не би се напрегала за власт (тоа не е во природата на дарбата*). Но, сѐ уште се надевам. Биљана,. те поздравувам… Твоето созерцание е основа за овој текст – прекопит на нишалото… Ти текнува? Прескок преку коњ… Константин Шчербаков-Чале и импровизираната фискултурна сала на гимназијата ЈБТ. Визба. Скокаш по дијагонала (инаку, нема место) и ако си повисок, патиките оставаат две паралелни бразди на плафонот… потоа, откако ќе заврши школската година, молерот со мистрија (командата, се разбира, ја притиснува директорот Чипов) порамнува сѐ. Ги брише браздите. Инцидентот повторно се враќа во ноуменот. Редот е во Хаосот…
*) се надевам дека нема да ти пречи доколку власта сепак увиди дека треба да те консултира… ризикувам и го испорачам контактот по кој можат да те најдат… еве: 0.892486418… мислам дека ти можеш… да им кажеш… како… да не бидат толку исплашени….
П.С. Препорака за оние што ќе го побараат бројот… Може да се јави и машки глас, кој ќе се претстави заплашувачки: фајгенбаум! Не обрнувајте внимание, тој е од другата страна на огледалото… С Ф С Н…

Вангел Божиноски