Бугарија како продолжение на Преспа

На овие теми, а можеби дури и за истите тези сум пишувал многупати. Веројатно и со истите формулации. Но тоа е судбината на трагедијата – како на личната, така и на колективната – да се повторува. Битот на секоја трагедија лежи токму во таа неможност да се излезе од маѓепсаниот круг и да се отвори нова траекторија на движење. Секоја трагична судбина – лична и колективна – е едно бесконечно и тажно повторување. Затоа, нека ми биде простено што се повторувам, но, сепак, сметам дека е потребно да се каже неколкупати она што е важно.
А важно е. Важно е затоа што „македонскиот вопрос“, којзнае по кој пат, повторно е на маса и се крои и прекројува, не според нашите, туку според туѓите проекции и интереси. Откако ја „решивме“ Грција, сега на ред е Бугарија со своите побарувања. И кој смета дека Бугарија ќе отстапи е крајно наивен. А кој, пак, не виде дека до Бугарија нè донесе „Преспа“, ако не е неук, тогаш е крајно злонамерен. Бугарија е само логичен, политички след на Преспанскиот договор. Таа е неговото логично продолжение. Не само поради тоа што Бугарија се охрабри по Грција, туку поради тоа што обете се дел од еден ист однос, од една иста политика и од еден ист стар историски став кон Македонија и македонизмот. Бугарија е сосема „права“ по однос и на двата мотива за својата политика. По однос на првиот, сосема оправдано си вели: „Ако можеше Грција, можеме и мораме и ние“. По однос на вториот, бугарските барања целосно се во рамките на истиот историски и политички наратив, на истиот историски дух што зрачи од „Преспа“. Што значи тоа? Тоа значи дека, со овие два договора, конечно Македонија и македонизмот се редефинираа по терк на соседите и соседните политики и однос кон Македонија присутни одамна.

Наједноставно кажано, со двата договора просторно-временски (историски) се омеѓува македонизмот. И тоа онака како што го гледаат соседите. Имено, Преспанскиот договор, со фамозниот член 7, ја лишува Македонија од секое право на хеленското наследство (временско/историско омеѓување) и од Македонците во егејскиот дел (просторно омеѓување). На Грците им требаше овој тополошки и хронолошки меѓник за да го затворат својот дел од „македонското прашање“. Но остана да „зјае“ отворено ова прашање кон Бугарија. Затоа, откако се изврши оваа „преспанска операција“, на ред се Бугарите да ја довршат. Да го „досликаат“ платното на Македонија, како што тие ја гледаат. Грците ја завршија својата работа – го омеѓија македонизмот во просторно-временската рамка што тие ја поставија, на ред се Бугарите да го сторат истото тоа. Бугарската офанзива е само последица на Преспа, всушност, тоа е дел од една заедничка, поширока слика и однос кон Македонија и македонизмот на соседите, која е „насликана“ уште од 10 август 1913 година, кога завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција, од една страна, и Бугарија од друга страна, го потпишуваат Букурешкиот мировен договор, по кој територијата на Македонија, дотогаш под османлиска власт, е разделена помеѓу соседите. Тој историски чин, денес мора да го добие своето завршување и своето оправдување.
Уште еднаш, кој не гледа дека Бугарија е продолжение на „Преспа“ е или неук или злонамерен. Оти да не ја гледате суштината на бугарските барања, треба да сте едно од двете. А суштината на тие барања е едноставна. Секако, без да изгледа како недозволива симплификација, но суштината на бугарските барања не е променета барем 60 години, односно од она што уште во 1968 го утврдува БАН, како официјален историски канон и официјална државна политика кон Македонија, а едноставно кажано тоа се сведува на следново: Македонците се „етнички“ Бугари, а целата историја на Македонија (од средниот век, преку преродбата до револуционерното движење), всушност, е бугарска историја, додека македонскиот национален идентитет е само производ на српскиот национализам, конечно реализиран во бивша СФРЈ.
И токму „сега му е мајката“ Бугарите да го исправат тоа, да ја поправат „грешката“ на Тито. И тоа токму како екстензија на „Преспа“! Имено, да го довршат тоа просторно-временско (историско) омеѓување, или прецизирање на „македонизмот“, ако сакате, начнато со Преспанскиот договор. А зошто им треба тоа? Едноставно затоа што Бугарите и бугарската историја, без македонизмот инкорпориран во нив, не само што засекогаш остануваат на „погрешната страна на историјата“, ами не можат ниту да го втемелат својот национален мит без македонизмот! Со македонизмот, пак, инкорпориран во нивниот историски наратив, тие прават две важни работи.

Прво, се вклучуваат во огромното славјанско наследство и се дистанцираат од татарското и, второ и особено важно, се постројуваат на вистинската страна на историјата во Втората светска војна и со тоа се вклучуваат во еден од столбовите на „современа Европа“. Имено, на овој начин, со инкорпориран „македонизам“, Втората светска војна за нив е само идеолошки судир помеѓу „левицата“ и „десницата“, судир помеѓу комунизмот и фашизмот, т.е. судир помеѓу комунистите – македонски Б`лгари, од една страна, и фашистичката бугарска власт, од друга страна, а со тоа и братоубиствена војна, граѓански судир на с`шти народ, идеолошки разделен на две територии. Оттука и нивното инсистирање на „администрирање“, наместо „окупација“, затоа што се администрира „сопствена“ територија, а туѓа се „окупира“. Ова за нив отсекогаш биле нивните „историски б`лгарски територии“, а ние за нив секогаш сме биле и ќе бидеме „македонски Б`лгари“!
Конечно, оттука и нивниот ресентимент, нивната блага одбивност, кон комунизмот, затоа што комунизмот овозможи формирање македонска држава! Поради тоа тие и денес попрво би му намигнале на фашизмот (како што прават и некои други балкански нации за кои фашизмот беше можност за нивните големодржавни идеи), отколку на комунизмот. Оттука и таа релативизација (на која инсистираат, а со која дури и некои наши интелектуалци и политичари се согласуваат), на поимот „фашистички бугарски окупатор“! Имено, видовме дека тие не би можеле да бидат окупатори, туку само „администратори“, оти се работи за с`шти народ. А уште помалку може да се „фашисти“ во Втората светска војна, затоа што тоа би бил само еден дел од нив, или поточно нивната тогашна власт, додека другиот дел, „македонските Бугари“ биле дел од антифашизмот. И затоа оваа релативизација која ја следиме дури и во нашите домашни кругови, од страна на извесни политичари и интелектуалци. Се изначитавме вакви релативизации на бугарскиот фашизам во Втората светска војна: како на пример, дека бугарски чети учествувале во ослободувањето на Скопје, или дека имало Македонци во бугарски чети, дури и дека имало Македонци во фашистичките редови, или Македонци учесници во депортацијата и сл. Сите вакви „поединечни“ примери што се нудат како некаква „аргументација“, всушност, се целосно на линија на суштината на спорот со Бугарија и токму тие најпластично ја илустрираат неа, а тоа е дека тие ослободувале сопствени територии и с`шти народ!

Да, неспорно е дека имало бугарски дивизии, дека имало бугарски војници во ослободувањето, или дека имало и Македонци во бугарски чети, дури дека имало и Македонци на спротивната страна, но дури и лично и персонално само и единствено Бугарите да нè ослободиле, тоа е само затоа што сметале и сè уште сметаат дека ослободуваат сопствени територии. Суштината на нивните барања до ден-денес е санстефанска! Затоа, ве молам, не верувајте кога ви нудат поединечни примери како Бугарите ве ослободувале, со тоа само ја докажувате суштината на бугарските барања во овој спор.
Конечно, гледаме како Бугарија се надоврзува на истиот историски наратив насликан во Преспанскиот договор, т.е. го довршува тоа просторно-временско (историско) омеѓување или допрецизирање на Македонија и македонизмот. Конечно, „македонското прашање“ се затвора на начин за кој сонуваа, на начин како што им одговара на историскиот наратив на нашите соседи. Македонија ваква како што ја знаеме и Македонците вакви како што ги знаеме повеќе не постојат. Она што не успеа физички, географски, со раздвојување, со војни, успеа со колаборационистичка политика на капитулација. И токму вакви ќе се надеваме да влеземе во ЕУ… нешто малку пред влезот на Турција, веројатно!

Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија