Болести поврзани со топлина – причини и превенција

Болестите поврзани со топлина се јавуваат при изложеност на висока температура, при што телото не може соодветно да се излади поради дисрегулација на терморегулаторната способност на телото. Овие состојби може да се манифестираат почнувајќи како блага топлотна исцрпеност, па сѐ до појава на топлотен удар, кој може да биде животозагрозувачки.
Факторите на ризик за развој на болести поврзани со топлина вклучуваат:
• изложеност на високи температури и зголемена влажност на воздухот;
• топлотен бран (период од неколку последователни дена, најчесто од три до шест) кога дневните температури се над долгорочниот просек за тој период од годината;
• возраст (постари лица над 65 години и деца под четири години);
• дебелина;
• консумирање алкохол;
• лекови, вклучувајќи: диуретици, антихолинергици, бета- или блокатори на калциумови канали, антихистаминици, амфетамини;
• хроничните болести, вклучувајќи дијабетес мелитус, инфекции, кожни заболувања и кардиоваскуларни заболувања;
• работа на отворено: поединци што се занимаваат со напорна физичка работа на отворено или во затворен простор во топли средини.
Раното препознавање на симптомите и преземањето навремени мерки на превенција се клучни за да бидеме безбедни во услови на високи температури.
Спектарот на болести поврзани со топлина опфаќа неколку состојби, кои се разликуваат по сериозноста и по здравствениот ефект.

Топлотни грчеви

Се манифестираат преку појава на болни неволни мускулни грчеви, обично во нозете или во абдоменот, кои се јавуваат како резултат на губење течности и електролити, особено при вршење напорна активност во услови на висока надворешна температура.
Прва помош: Поставете го пациентот на студено место. Мускулно растегнување и нежна масажа. Орална рехидратација со раствор што содржи електролити. Медицинска помош треба да се побара ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.

Топлотна синкопа

Ненадејна вртоглавица или несвестица предизвикана од пад на крвниот притисок се должи на дехидратација и периферна вазодилатација. Се карактеризира со субјективно чувство на гадење, физички замор, хипотензија, вазомоторен колапс, главоболка, мачнина, слабост, замор.
Прва помош: Се третира со одмор, престој во поладна средина, како и со соодветно хидрирање на телото со доволно внесување течности и електролити.

Топлотна исцрпеност

Потешката реакција на топлина со симптоми како обилно потење, гадење, главоболка, вртоглавица и забрзан пулс се должи на исцрпување телесни течности и/или на солта, што е резултат на изложеност на висока топлина или исцрпување. Тоа е сериозна состојба што може да се развие во топлотен удар.

Топлотен удар

Топлотниот удар се јавува при инсуфициенција на терморегулациониот механизам на организмот. Се карактеризира со нарушена функција на нервниот систем, со генерализирана анхидроза, односно е нарушен одбранбениот механизам на потење, со што се јавува пораст на температура на телото над 40,6 Целзиусови степени. Други клинички симптоми се: забрзан пулс, пад на крвниот притисок, задушување, повраќање, губење свест. Топлотниот удар е ургентна медицинска состојба што бара стручна медицинска помош, бидејќи во спротивно може да предизвика траен инвалидитет или смрт доколку не се реагира соодветно и навремено.

Прва помош

Првата помош при појава на топлотна исцрпеност и топлотен удар се состои во изладување на телото со ладна вода или со ладни облоги, да се овозможи соодветно ладење на телото, внесување течности и соодветна стручна медицинска помош со цел да се спречи настанување компликации, односно оштетување на виталните органи срцето и мозокот. Доколку лицето е во несвест се поставува во странична положба за закрепнување до доаѓање на итната медицинска помош.
Превенција: За заштита во услови на топлотни бранови или денови со високи температури, следете ги следните упатства:
• хидрирајте се постојано;
• пијте ладна вода редовно, дури и ако не чувствувате жед;
• облекувајте се соодветно: носете лесна, светла и лабава облека;
• избегнувајте директна изложеност на сонце;
• физичките активности да се извршуваат на отворено во поладните периоди од денот, како што се рано наутро или доцна навечер, правете паузи: одвојте време за одмор во засенчена или климатизирана просторија.

Д-р Емилија Христовска, спец. по медицина на трудот во „Прима-мед“ при „Ре-медика“