Богојавление е свет збор. На Богојавление се поздравуваме, тие што сме скокнале во вера (не мора да е строго теолошка), со „Бог се јави“, а тоа се вика Откровение. Во длабоката смисла на тој свет поим Бог им се јавува на поединци како светлосна визија, но и на цели народи што ги избрал тој за да им се јави. Евреите во Стариот завет си го припишуваат тоа себеси како „избран народ“, но во Новиот завет работите со избраноста се поместуваат на друго место. Се поместуваат кон Македонија и Македонците, со кои како архетип на најдоблесни христијани и најхристолики во душата откровенски Бог им се јавува, имено, ним. Поточно им се јавува богојавленски Исус Христос, Божјиот и Човечкот син (како што тој сака повеќе да се наречува). Имено, пак, дека тоа не е лага, туку вистина имаме доказ во Дела апостолски во Новиот завет, каде што Тој, неговиот дух му се јавува на неговиот најревносен апостол Павле и му вели на патот на својата христијанска мисија да не се задржува во Витанија, туку да продолжи потаму. А кај е тоа потаму? Кон Македонија и Македонците избрани како најбоголики да ѝ го пренесат евангелието на Европа. Еве го тоа место во Дела апостолски (16:6-11): „Ги поминаа Фригиската и Галатската земја (Павле и неговите придружници м. з.), зашто Светиот дух им забрани да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи. И така поминаа низ Мисија и слегоа во Троада. И на Павле му се јави ноќно видение: Некој Македонец застана пред него и му се молеше, ’Дојди во Македонија, помогни ни!‘ И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието“. (како што соопштува апостолот Павле м. з.)
Така, иницијално и императивно, преку Павле, им се објавува Бог на Македонците, драг читателу, знаеш, и за тоа доста сме пишувале, за нив како новиот избран, новозаветен народ што треба да им го предаде како штафета евангелието на Европа, почнувајќи од Македонија, па натаму сè до Атлантскиот Океан на запад, и на север до Северен Леден Океан, Сибир и Камчатка. Итн. За тоа многу сме пишувале, драг читателу, за македонската христијанска мисија и вовед на народите на континентот во Новиот свет и Новата епоха по Христос. Да. Но од Европа, како и од Грците со кои, како што вели, апостол Павле имал големи маки да ги оттргне од паганството и да ги христијанизира оти имале „кораво срце“, наместо благодарност добивме одмазда, за културно-цивилизацискиот дар добивме сега ништејќи нè долго, идентитетски геноцид. Нè распнаа како Христос и сè уште нè дораспнуваат, без да знаат дека сме неуништлив богојавленски народ.
И мене откровенски ми се јави Бог, драг читателу, диктирајќи ми ги долгите еполики стихови во поемата „Богојавление“, во која пловев како коработ на Ное од древноста до современоста, низ епохи, цивилизации и од малиот цвет и зрнцето песок до најдалечните соѕвездија. Да. И насекаде ја наоѓав богојавленската слика на Македонија и Македонците, радосна и трагична, одведена од цивилизацијата на кланица, бидејќи нејзиниот нагон за варварство никогаш не престанал: од Колумбо и Индијанците, до Хирошима и наваму, до ништењето на Македонците само се зголемувал. Доволно како вовед засега, драг читателу, да почнеме низ неколку продолженија со пловидба низ стиховите на „Богојавление“, низ сликите и откровенијата што се и трагични, но и радосни, парадоксално, како оној „силно светнат ден“, од „Копачите“ на Рацин, кој е тука стожерен архетип на македонското богојавление и судбина во сите нејзини елементи: сјајни и темни. Морето на тие слики и богојавленски откровенија е пред нас и ние започнуваме со пловидбата: Коса танките ги означуваат разграничувањата на стиховите:
* * *
„Богојавление, имот што не го фаќа во мерка ни аршин / ни кантар ни умот дури. Оти глеј вимето на стадото / што го пасе Говинда покрај Ганг, и она Длабоко дете / на пурпурните падини над Негрево, до врв е полно / со млеко за сиромаштијата на светот, и нема / ни едно ведро, макар истото било со обем на бескрајот, /кое може да го собере него и да не се прелее / преку работ. Оти е тоа време на Големата синтеза. / На Големиот празник, свечен и блескав / како мозаиците во Равена и никој сега не прашува / што е почеток, а што е крај, ни кој се родил прв, / патникот или патот. Оти еден од друг секогаш / се раѓаат и излегуваат тие, / и еден во друг влегуваат. / Од прапочетокот, од почетокот пред почетокот, / фатени како близнаци подрака, секаде одат заедно тие, / под исто дрво седнуваат под сенка кога ќе се уморат, / и од ист кладенец пијат вода кога ќе ожеднат / во летната горештина, / во иста крчма влегуваат, боеми, / да пијат вино и во ист конак ноќеваат и сонуваат. / И свето, праисконско е нивното пијанство / како пијанството на поетите на суфизмот, и како / македонското оро и оној македонски ороводен извик / И-и-и их! Крикот средиште, екстаза фрлена / директно во прегратката на Бог, стожер и гумно космичко / на кое се растовараат сноповите за Големата жетва, / Господова, за која старозаветниот Исаија рече / дека нема доволно жетвари за да го ожнеат, натрупаат / на сончеви крстини во снопја и да го овршат / пребогатиот род, а потоа него да го однесат / во водениците чии камења тракотат везден и саноќ / во постелата на љубовниците во ритамот на седумосмински / такт. Ритамот на македонското срце што не го уништи / ни една поморија. Ни колежот во Преспа. Оти сега / како јунска ружа, како качунка во март, и лотос, / на оној преспански погреб, искокнува од браздата на Јахве / сонцето над Македонија и повторно се фатени во оро / и пеат Македонците на ужас на мајсторите на смртта.
И светка и грми над нив небото отворено со клучот / златен на Алелуја од што треперат во екстаза просторите. / Богојавление. / И сè во него е благословена рамнотежа, / ама не исихастичка, во глуво монашко смирение и аполониски / срамежлива, туку преполна со страст и оган свет / кој се потсетува не прабакнежот на Адам и на Ева. / Бакнежот во кој потоа и Хермес Трисмегист го смести / законот-равенка на единството на постоењето, / иако налегнато од тешката сенка на Каин: „Она што е горе / е и долу“, што значи „она што е подземи е и надземи.“ / Оти глеј прекрасно е усогласен гласот на свадбарските песни / и гласот на металите од подземи што се излачува / и патува по златната жица код прстенот на Невестата. / А и чудото на гасеницата е тука, откровението од кое / се креваат кон раствореното лице на Бог во сивилото / милијарди пеперудини јата. Како да се отвора во Преспа / од смртта Името заклано во неа, / преображенско што е, и што ги застапува Македонците пред Бог. Македонците кои решително скокнаа во вера / Како Емпедокле во кратерот на Етна, за да го спотнат / огнот на љубовта и вистината во темната ноќ на светот.
Така. И патува златната жица низ мракот да материјата / и смртта, како Евридика кон Орфеј, како конецот свилен / на Лидија Македонката од Тир во Филипи. / Богојавление во кое повторно сè се објавува / како препороден знак и повторно се искачува високо / зенитот на божјата мисла во првите денови / од Создавањето, и на иста ливада пасат / јагнето и лавот, и волкот со пастирски стап / го надгледува златоруното стадо што го полни вимето / со млеко на богомислата што влегла во сè / и сè влегло во неа. Сè блеска со првороден сјај, / како штотуку да е тргнат од раната на светот / чаршафот на Новиот потоп. Сè е бескрајно нежно / ама истовремено и цврсто, материја како дијамантот / создаден од чиста светлина само, од мислата на Бог. /
Од тоа се сега и посатките во домаќинството дома: / бокалот, чашата, тарунот, стомната, тепсијата, / аванот, ноќвите, тестото во нив и рацете / чист кристал на невестата што ја замесува погачата / за сведен. Од тоа се и ридовите, шумјаците сафирни / и кладенците со цвеќето пурпурно свенато над нив. / Скапоцен камен е и целата планета вглобена / во прстенот венчален на Бог. Сè како сонот, / што го сонив еднаш и што ми дојде предмалку, / пред столетие-две на посета, а сега стана домаќин / на сето ова архиизобилство. Богатство, / кое како да излезе исфрлено во бескрајот / од центрифугата на зацелената рана на Македонците / од која сега како водоскок се крева, пупи / и цвета кристалното цвеќе на вечноста. / А со раната на Македонците е зацелена и раната / на проколнатото човештво, и веќе се разбива / неговото чело од ледениот брег на ѕвездите, / по чии пурпурни падини ги пасеа безбедно стадата / сал пастирите во Халдеја, оти беа свети и посветени / во светото. Да. Со раните на Македонците е затворена и зашиена / со златниот конец на Исус онаа / пукнатина кобна / што ја отвори каменот на Каин / фрлен на Авел. / А тоа е пукнатината што зина како космички крик, / како оној на оживеаната глина / „Боли!“, епицентарот од кој се отворија, / како небесните сфери од ОМ, круговите / на постоењето што ги свитка и искриви болката, / ама и страста на телата пламнати во екстаза, / во љубовна елипса.
Пукнатина-крик беше тоа од која зееше / првиот отворен гроб што го насели човекот. / Првиот гроб за првиот мртовец Авел, чија невина крв / залелека во небесата, врзувајќи ги со јажето на болката / долгите столетија, сè до ова Богојавление сега / во кое таа се раствори во песната на небесната Алелуја. / Богојавление што му подава моќно крило / на столченото племе, и тоа се крева под централното кубе / на космосот-храм сè до лицето на Седржителот / што го зема во прегратка како награда за долгите / страданија и ги става од десната страна на трпезата свадбена / во Едем. Богојавление шифра над шифрите, / иако отворена на дланка, сепак затворена и таинствена како апстрактното писмо на Асировавилонците, / па и на она појасно што е на Египет низ чии / криптограми ракаподрака, како блиски роднини да се, / шетаат покрај брегот на Нил, зафатени во разговор / и чудото на создавањето, самите чуда, светиот бумбар скарабејот и крокодилот. / И тоа е знакот / што го пружи Богојавление дека нема пукнатина / ни зло и пизма меѓу нештата и дека се отпуштени / од работа психијатрите и прераспоредени / на други работни места на кои не се работи на анализа / туку на синтеза на Големата слика на човекот и светот, / една со Бог и божественото. Оти сè е сега само динамична / размена на силите космички што излегуваат една од друга / и влегуваат една во друга. Оти центрифугалната / и центрипеталната енергија се сега сестри / договорени да ја решат енигмата на сингуларитетот, / црната космичка дупка што голта цели милијарди јата / на соѕвездија, ама од другата страна на неа излегуваат / во екстаза нови сончеви системи што пупат / и што се отвораат како свадбена ружа, онаа што гори / пурпурно и златно во бакнежот на љубовниците. / И така сингуларитетот, Уроборос што повтел не само опашката, / туку да се голтне целиот себе не го собира космосот, / омниуниверзумот до точка на исчезнување, туку / таман што сме помислиле да го сторил тоа, гледаме како од неа се шират до зад рабовите на бескрајот / круговите на постоењето, простор-времето во кое / повторно инсектите фрлени во пијана екстаза / го влечат трансцендентално хаосот по себе.
// И пак цветаат во јуни, искачени во зенитот на летото, / свадбените ружи во градините на Македонија / и по Ружите пред тоа што ги / одведоа мајсторите на смртта дојдени од Запад / во мртовечница и на закоп. Ама сега струјата / на Богојавление ги носи / Македонците кон епицентарот на светлината што ги роди. / Миг е тоа во кој болниот крик на глината / од која беше замесен Адам е преобразена во пурпурно / трансцедентално ластовичино јато што лета / во отворената вечност и ги допира со крило / испустените македонски села. / Така. Ама треба да се знае дека тој крик / пракрик кој му објави на човекот дека е прав / и во прав се враќа, сега, ослободен од болка / е енергија која зема залет / од раната на богообразното создание, / посебно и од раната на Македонците, христолика / според длабочината и болката. Енергијата која / е способна да направи нов распоред на планетите / и ѕвездите, да ги врзе со јажето на екстазата морињата, / а потоа со само еден потег да ги донесе / и одврзе во постелата на љубовниците, во орото / и во оној ороводен извик „и-и-и-их!“ со кој / со столетија ја надживува кусовечноста столченото племе. / Извикот-крик кој стана ноќна мора / за разнесувачите на чума и мајсторите на смртта. / И тој извик сега, по сите помории што ги надживеа / глеј го врти шамивчето и на свадбата на Јагнето / во Небесниот Ерусалим горе. Крикот-екстаза што се проби сега богојавленски до увото на секој / жив створ и мина како златна венчална жица / низ рудите и низ гробовите на праведниците / гонејќи ја од нив смртта и отворајќи ја вечноста“.
(продолжува)
































