Зошто повторно зборуваме за јазикот по францускиот предлог?

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (1)

Во јули 2022 година, со усвојувањето на т.н. француски предлог, Македонија влезе во нова фаза од својот европски пат, но и во нова фаза од еден стар спор – спорот околу македонскиот јазик, неговото име, неговата историја и неговото право да биде именуван онака како што го именува неговата јазична заедница.
Во јавноста тогаш најмногу се зборуваше за преговарачката рамка, за уставните измени, за билатералните протоколи, за европската перспектива и за политичката цена на компромисот. Но зад сите тие формулации стоеше едно многу подлабоко прашање: може ли еден јазик, со своја историја, со своја писмена традиција, со своја современа норма и со своја говорна заедница, да биде доведен во прашање преку политички документи?
Одговорот на науката е јасен: не може!
Јазикот не се создава со декларација, не се наметнува со декрет, но и не се брише со декларација. Тој не постои затоа што некоја политичка власт го дозволила тоа, ниту исчезнува затоа што некоја друга власт го оспорила. Јазикот постои во времето: во говорите, во ракописите, во книжевните школи, во народната меморија, во граматиката, во правописот, во лексиката и во секојдневната употреба. Токму затоа, прашањето за македонскиот јазик не може да се разгледува само од перспективата на јули 2022 година. Францускиот предлог беше поводот, но не и почетокот на спорот. Оспорувањата на македонскиот јазик имаат подолга историја, а во современиот политички контекст особено се засилија по Договорот за добрососедство со Бугарија и по бугарската декларација од 2019 година, во која се поставија условувања поврзани со именувањето и толкувањето на македонскиот јазик.
Во тие условувања, македонскиот јазик не се третираше како самостоен современ словенски јазик, туку како норма што, според бугарската политичка и дел од бугарската научна интерпретација, требало да се поврзе со „еволуцијата на бугарскиот јазик“. Со други зборови, политиката се обиде да ја преземе улогата на историската лингвистика.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

И тука почнува суштинскиот проблем.
Науката не може да биде заменета со политичка формулација. Не може со дипломатски јазик да се поништи јазична историја. Не може со фуснота да се објасни идентитетот на еден јазик, ниту со преговарачки документ да се реши прашање што со децении, па и со векови, се проучува во славистиката.
Македонскиот и бугарскиот јазик се сродни јужнословенски јазици. Тоа никој сериозен славист и балканист не го оспорува. Тие имаат заедничко словенско наследство, и двата јазика му припаѓаат на балканскиот јазичен ареал и низ историјата биле изложени на слични културни и историски влијанија. Но сродноста не значи истоветност. Блискоста не значи припадност на едниот кон другиот. Историските врски не го бришат самостојниот развој.
Затоа ова прашање мора да се врати таму каде што му е местото: во науката!
А науката, кога зборува за македонскиот јазик, не почнува од 1945 година. Не почнува ни од политичките спорови на XXI век. Таа оди многу подлабоко: кон старословенската писменост, кон Охридската книжевна школа, кон македонската црковнословенска варијанта, кон говорната основа на современиот македонски стандарден јазик, кон Мисирков, Конески и кон целата македонистичка традиција.
Токму таму се наоѓаат одговорите.
Зашто ако сакаме да разбереме зошто македонскиот јазик е посебен јазик, не треба да почнеме од последните политички преговори. Треба да се вратиме назад – во времето кога словенската писменост се вкоренува на македонскиот простор, кога Охрид станува еден од најзначајните книжевни центри на словенскиот свет и кога јазичните разлики меѓу западната, охридска, и источната, преславска, традиција почнуваат јасно да се распознаваат.
Затоа овој фељтон нема да биде политичка расправа.
Тој ќе биде враќање кон фактите.
Во следните продолженија ќе зборуваме за Охрид и Преслав, за глаголицата и кирилицата, за Мисирков и Конески, за разликите во правописот, гласовниот систем, граматиката и лексиката. Ќе зборуваме за тоа што навистина покажува историјата на македонскиот јазик – не како одговор на нечие негирање, туку како сведоштво за неговиот сопствен развој.
Зашто јазикот не е само средство за комуникација.
Јазикот е паметење.
А македонскиот јазик има што да памети!

Елка Јачева-Улчар

(Продолжува)