ЗАВРШИЈА 56. „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ ВО БИТОЛА
Со вечер на интернационална музика и игра исполнета со прекрасна музика и изведби и доделување на наградите за македонските фолклорни ансамбли, групи и поединци на платото пред Офицерскиот дом во Битола, свечено беше затворено 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
Ретки се фестивалите што спонтано ги поврзуваат публиката, гостите и домаќините за време на фестивалската програма. Преполнетиот Широк сокак за време на дефилето, импровизираните концерти во Старата битолска чаршија, фолклорните прошетки низ светот на плоштадот „Магнолија“ пред Магазата, преполнетото плато пред Офицерскиот дом во Битола – каде што столчињата беа заседнати час и повеќе пред почетокот на програмата, сведочат дека фестивалот е жив, полн со енергија и дека знае, благодарение на екипата што го организира, да се приспособи на новите предизвици и да стане точка на поврзување на сите генерации. Ретки се фестивалите каде што може, и во публиката, но и на сцената, да се видат три генерации заедно, баби и дедовци, мајки и татковци и нивните деца и внуци. Демонстрации на фолклор, мастеркласови, на кои дечиња и возрасни заиграа чардаш со игроорците од Унгарија, словачки игри, венецуелски или порторикански игри среде Старата битолска чаршија. Битола беше живописна, разиграна, весела.
Ова беше најдолгото издание на најстариот фолклорен фестивал во земјата, кое се одржа од слоганот „Точка на поврзување“ и каде што и годинава традицијата зборуваше низ чекор, песна, носија и уметност со над 1.300 учесници, 35 ансамбли и фолклорни групи, повеќе од 77 настани, концерти, изложби, филмови и работилници.
– Да се биде во Битола во овој период од годината е навистина посебно доживување и посебна чест, како за граѓаните така и за гостите, за нашите драги иселеници и сите добронамерници на градот. За нас како добри домаќини е привилегија тоа што секоја година уживаме во песната, играта и фолклорот. Тоа е привилегија бидејќи боите и душата на домашниот и светскиот фолклор одекнаа од најубавите фестивалски сцени, почнувајќи од Офицерскиот дом, Широк сокак, Безистенот, Магазата и сѐ до Старата битолска чаршија. Годинава го имавме историски најдолгото издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој има и интернационална димензија со нашите пријатели од десетици земји од светот. Секоја проекција имаше ново патување, а интернационалниот етнографски филмски фестивал не нѐ однесе само во различни земји туку и во различни начини на живот, обичаи и човечки приказни – рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Според него, најдобриот начин да се празнува е токму преку културно-уметничкиот израз што поврзува.
– Тоа уште еднаш потврдува дека како Македонци и како битолчани ги продолжуваме традициите на нашите предци, пренесувајќи им порака на младите генерации за нивната обврска да продолжат да го почитуваат делото на двата Илиндена и сите што ги дале своите животи за денешната слобода во која само низ културно издигнување можеме да продолжиме да го трасираме патот на напредокот – рече градоначалникот.
Во изминатите денови Битола беше вистинска точка на поврзување, град во кој се сретнаа различни народи, јазици, традиции и култури, град во кој музиката, играта и песната станаа универзален јазик на пријателство.
– Сакам искрено да им се заблагодарам на сите учесници од Македонија и од светот што ја донесоа својата традиција во Битола и со нас ги споделија своите песни, игри и обичаи. Верувам дека учесниците што деновиве беа во Битола ќе заминат дома носејќи дел од Македонија во своите срца, а со себе ќе понесат нови пријателства, нови спомени и желба повторно да се вратат. Така живее традицијата, така живее фестивалот – рече директорот на Центарот за култура – Битола, Сашо Илковски, кој е и организатор на фестивалот „Илинденски денови“.
Центарот за култура – Битола, според сите учесници, гости и публиката, годинава реализираше едно од најуспешните изданија на фестивалот, кој траеше 18 дена и имаше извонредни настани од фолклорот, музиката, песната, филмот, едукација за народното творештво и со досега најуспешна организација.
Комисијата, во состав: Владимир Јаневски, Родна Величковска, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани и Кристијан Николовски, им ги додели наградите на најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва, ансамбли и поединци. За најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра беше прогласена женската група „Теута“ од Тетово. За најуспешна група што презентираше староградска музика и игра беше прогласен ансамблот „Вања Лазрова“ од Скопје. За најуспешен ансамбл што презентира нови содржини инспирирани од изворните е прогласен ансамблот „Орце Николов“ од Скопје. За најуспешна вокална изведба е прогласена изведбата на Марија Добриновска од КУД „Јане Сандански“ од Неготино. За ансамбл со најкомплетна изворна носија е избран ансамблот „Цветови“ од Дедино. Честа прв да настапи на последната фестивалска вечер ја имаше, како и на отворањето, КУД „Илинден“ од Битола, а по него настапија и гостите од Холандија, Унгарија, САД, Венецуела, Грција, Словачка…
Тони Гламчевски

































