Фото: „Нова Македонија“

Делови од интервјуто на министерот за надворешни работи Муцунски за МИА

  • Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во обемното интервју за МИА испраќа порака дека надворешнополитички приоритет на Владата останува деблокирање на европскиот пат, но преку решение што ќе биде трајно, предвидливо и без нови отстапки во сферата на идентитетот, јазикот, историјата и културата. Наедно, тој најавува засилена дипломатска активност, отворање нови дипломатски претставништва, интензивирање на стратешкото партнерство со САД и поширока економска дипломатија
  • Работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение коешто само по себе нема да биде одржливо и коешто ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која се наоѓаме сега, рече Муцунски во интервјуто за МИА

Активно се работи на излез од ќор- сокакот со Софија, но не по секоја цена

Во фокусот на интервјуто е прашањето за односите со Бугарија. Муцунски открива дека од формирањето на Владата континуирано се работи под радар на изнаоѓање решение што би го отворило патот за почеток на преговорите со Европската Унија. Притоа нагласува дека разговорите не можат јавно да се коментираат бидејќи тоа би ги компромитирало. Клучната порака е дека Владата работи на решение, но не по секоја цена. Според него, државата нема луксуз да чека проблемите сами да се решат, но истовремено нема да прифати договор што повторно би ја довел Македонија во позиција на нови блокади. Владата, вели тој, има јасно дефинирани црвени линии кога станува збор за идентитетските прашања и нема намера да преговара за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Муцунски посочува дека веќе се иницирани директни контакти со бугарската страна. Тој ја иницирал средбата со бугарската министерка за надворешни работи на маргините на состанокот на НАТО во Шведска, додека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова иницирала средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова. Најавува дека таквите контакти ќе продолжат и во наредниот период, паралелно со комуникацијата со европските партнери.


Во Унијата повторно се враќа политичкиот фокус кон проширувањето

Во однос на европската интеграција, Муцунски оценува дека во Унијата повторно се враќа политичкиот фокус кон проширувањето. Според него, многубројните нонпејпери и иницијативи што се појавија последните месеци покажуваат дека проширувањето повторно е високо на европската агенда, дека концептот на постепена интеграција треба да биде дополнителен механизам, а не замена за полноправното членство. Тој очекува Европската комисија до крајот на септември да понуди поконкретна рамка за постепената интеграција, која би можела да им овозможи на земјите кандидати порано да користат одредени придобивки од членството.
Во делот за евроинтеграциите, министерот тврди дека Македонија бележи напредок во реформите и дека тоа го потврдуваат и оцените на Европската комисија преку Планот за раст. Како клучни приоритети ги издвојува владеењето на правото, реформата на правосудството и јавната администрација. Истовремено нагласува дека реформите не зависат само од Владата туку и од судството и другите институции, кои треба да ја споделат одговорноста за враќањето на довербата во правниот систем.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата дека државата стагнира на европскиот пат, Муцунски возвраќа дека токму политиките на претходната власт ја довеле државата во сегашната позиција. Според него, попустливоста во 2021 и 2022 година создала дополнителни обврски и простор за различни толкувања на т.н. француски предлог. Тој оценува дека доколку францускиот предлог бил навистина јасен и добар, денес немало да постојат различни толкувања околу обврските на Македонија. Дополнително тврди дека на билатералните средби бугарските претставници споменуваат и други очекувања, освен уставните измени, вклучително и прашања од историски карактер. Поради тоа, според него, опозицијата треба да ја поддржи актуелната надворешна политика наместо да ја поткопува преговарачката позиција на државата.


Приклучување на Македонија кон американската програма „Виза вејвер“

Министерот Муцунски во интервјуто посветува значително внимание на билатералните односите со Соединетите Американски Држави. По неодамнешната средба во Вашингтон со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, тој најавува отворање повеќегодишен процес за приклучување на Македонија кон американската програма „Виза вејвер“. Исто така, вели дека веќе се формира владина работна група што ќе ги води разговорите, но предупредува дека станува збор за процес што ќе трае повеќе години. Во меѓувреме очекува побрза реализација на договорот за програмата „Глобал ентри“, што би им овозможило на македонските државјани со американска виза побрз влез во САД.


Економска и културна дипломатија

Муцунски во интервјуто ја потенцира и стратешката важност на неодамнешната посета на индиската претседателка Друпади Мурму. Според него, фактот што Македонија била една од само трите европски држави вклучени во нејзината турнеја претставува јасен сигнал дека Индија ја препознава земјата како партнер со потенцијал.
Во економската дипломатија, Владата ќе продолжи да работи на отворање нови пазари, особено во Индија, земјите од Арапскиот Залив и во Северна Африка, покрај традиционалните европски пазари и САД. Муцунски смета дека, покрај привлекувањето странски инвестиции, еднакво е важно и зголемувањето на македонскиот извоз.
До крајот на годината се планира отворање нова амбасада во Вилнус, поради претстојното литванско претседавање со Европската Унија, амбасада во Саудиска Арабија од економски и стратешки причини, како и генерален конзулат во Корча, со цел подобра поддршка на македонското национално малцинство во Албанија.
Во областа на културната дипломатија министерот Муцунски најавува нови проекти за промоција на македонската култура во странство, а Националната стратегија за соработка со дијаспората веќе се спроведува преку засилена комуникација со иселениците.


Компромисите на актуелната влада нема да ги опфатат националните идентитетски прашања

На дипломатски план, крајот на август ќе биде одбележан со Амбасадорски совет во Скопје, на кој ќе присуствуваат сите македонски амбасадори и генерални конзули.
Во септември Муцунски ќе биде дел од државната делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на Генералното собрание на Обединетите нации, а најавува и билатерални посети на Украина и други европски партнери.
Целокупната порака од интервјуто е дека Владата настојува паралелно да ги води преговорите за деблокада на европскиот пат, да ја зајакнува меѓународната позиција на државата и да ја проширува економската и дипломатската мрежа, при што, според Муцунски, компромисите нема да ги опфатат националните идентитетски прашања.