Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика „Шеврон“, „Ексон мобил“ и другите големи нафтени компании веднаш да ги намалат малопродажните цени на горивата и дел од високите профити да им го вратат на потрошувачите.
Трамп оцени дека нафтените гиганти заработуваат „премногу пари“ од поскапувањето на горивата, предизвикано од војната со Иран и нарушувањата во глобалното снабдување.
Во објава на својата платформа Truth Social, тој се осврна на деловните резултати на „Шеврон“, но истовремено упати директно барање до компанијата и до целата индустрија.
-Ова важи и за другите нафтени компании. Веднаш намалете ги цените за потрошувачите – порача Трамп.
Неговата реакција следува откако „Шеврон“ објави квартална добивка од 12,1 милијарда долари, односно околу 10,3 милијарди евра. Тоа е највисоката квартална заработка на компанијата во најмалку шест години, поттикната од повисоките цени на суровата нафта и поголемите рафинериски маржи. „Шеврон“ соопшти и дека остварил рекордно производство во САД.
Извршниот директор на компанијата, Мајк Вирт, предупреди дека конфликтот со Иран и нападите на Хутите врз саудиската енергетска инфраструктура го зголемуваат ризикот од нови нарушувања во снабдувањето.
Според него, неизвесноста повеќе не е поврзана само со Ормускиот Теснец, туку и со транспортните патишта низ Црвеното и Црното Море, поради што ризиците за глобалното снабдување остануваат реални.
Просечната цена на обичниот бензин во САД изнесува околу 4,09 долари за галон, односно за приближно 3,8 литри. Просечната цена на премиум бензинот е околу 4,97 долари, а на дизелот 5,37 долари за галон, покажуваат актуелните податоци на Американската автомобилска асоцијација.































