Македонски отпор против Османлиите / Фотографијата e креирана со помош на АИ

„ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН“

  • Еволуцијата на македонскиот оружен отпор против Османлиите во петте века ропство

Историјата на македонскиот народ за време на османлиското владеење не претставува пасивен опстанок, туку динамичен, повеќеслоен и континуиран процес на зачувување на етнокултурниот идентитет и борба за социјална и политичка слобода. Од моментот кога османлиските феудални структури се зацврстиле на просторот на Македонија кон крајот на XIV век, па сè до распадот на империјата, народниот отпор минувал низ неколку суштински фази: од стихијни, локални селски буни и индивидуален ајдутски пркос, преку пошироки регионални востанија поттикнати од геополитичките кризи, па сè до идеолошки профилирано, високоорганизирано националноослободително движење. Во оваа долга историска вертикала, Илинденското востание од 1903 година не претставува изолиран инцидент, ниту случаен експлозивен настан настанат во вакуум. Тоа е природна кулминација, зрел синтетички производ и логично продолжение на сите претходни историски обиди, искуства, жртви и организациски матрици градени со векови. За да се разбере длабочината на Илинден 1903, неопходно е анатомски да се деконструираат сите 11 позначајни етапи и востанија на македонскиот отпор. Да не заборавиме дека најголемиот идеолог на Македонската револуционерна организација, Гоце Делчев, бил категорично против предвремено кревање востание, како што се случило со Илинденското, и останува на историчарите во иднина да го проучат овој дел од историјата подетално, со акцент на тоа зошто и како Делчев не бил благонаклонет кон кревање востание во услови какви што имало во Македонија во 1903 година.
Во текот на XVI век, Османлиската Империја ја достигнала својата територијална експанзија, но внатрешните економски контрадикции започнале да испливуваат на површина. Зголемувањето на државните и феудалните давачки, самоволието на локалните спахии и злоупотребите при собирањето на даноците го довеле македонскиот селанец до граница на егзистенцијата. Првиот помасовен организиран отпор на селанството во Македонија се случил во специфичната етногеографска област Мариово. Мариовско-прилепската буна (1564–1565) започнала како револт против неправедните даночни оптоварувања и корупцијата на локалната османлиска власт. Предводени од народни водачи и свештеници, селаните одбиле да ги плаќаат наметнатите давачки и се спротивставиле на османлиските власти. Документите од Битолскиот кадилак јасно сведочат за стравот на централната власт од овој бунт, кој сурово бил задушен со воена интервенција. Иако локална по својот опсег, Мариовската буна го воспоставила преседанот дека отпорот против неправдата е можен.
Со Големата австро-турска војна (1683–1699) и поразот на Османлиското Царство под ѕидините на Виена, геополитичката слика на Балканот драматично се променила. Напредувањето на австриската војска длабоко кон југ, под команда на генералот Пиколомини, создало катализатор за масовно народно кревање во североисточна Македонија. Едно од најзначајните востанија било Карпошовото востание од 1689 година, кренато во североисточна Македонија (Кратово, Крива Паланка, Куманово, Овче Поле). Пресретнувајќи ги австриските трупи, легендарниот ајдутски арамбаша Карпош го организирал населението, ги ослободил овие региони и воспоставил слободна територија. Со поддршка на австриската војска, Карпош бил признаен од австрискиот император Леополд Први и бил прогласен за „крал на Куманово“. Меѓутоа, со повлекувањето на австриската војска, османлиските сили и татарските одреди извршиле брутална контраофанзива. Карпошовото востание било крваво загушено, а самиот Карпош бил јавно погубен на Камени мост во Скопје. Вреди да се спомене дека за време на ова востание повторно имало буна во Мариовско, како и еден век претходно.

За да се разбере социопсихолошката основа врз која подоцна се изградила Македонската револуционерна организација треба детално да се анализира феноменот на „ајдутството“. Ајдутството не било обично крадење или криминален бандитизам како што некои често знаат да споменат, туку тоа било примарен, спонтан и социолошки најраспространет облик на отпор на поробениот народ против феудалната експлоатација и физичкото насилство. Ајдутските чети, предводени од искусни арамбаши, дејствувале во текот на целата пролет, лето и есен („од Ѓурѓовден до Митровден“), користејќи ги планинските масиви на Македонија (Бабуна, Пирин, Шар Планина, Осогово) како природни тврдини. Ајдутинот во народната свест заземал митско, архетипско место. Тој бил заштитник на сиромасите, одмаздник за честа на силуваните и ограбените, и единствена жива институција што покажала дека османлискиот господар не е непобедлив. Ајдутите ги поставиле темелите на подоцнежната македонската герилска борба – брзи изненадувачки напади, одлична употреба на теренот, мрежа од јатаци по селата и моментално исчезнување во планинските длабочини. Ајдутите чест го кршеле чувството на инфериорност кај рајата. Песните за ајдуците претставувале усна историја и морален кодекс што ја воспитувал идната генерација револуционери. Токму ајдутството го зачувало воениот дух кај населението. Кога на крајот од XIX век дошло време за организирана револуција, Македонската револуционерна организација земала голем дел токму ајдутските методи, ги институционализирала и од спонтани чети создала дисциплинска востаничка армија.
Впрочем, XIX век донел длабока криза во Османлиското Царство, но и бран национални будења низ целиот Балкан. Во овој период македонскиот отпор преминал од спонтано ајдутство кон јасно дефинирани локални востанија со политички барања.
Во контекст на општите балкански превирања и Грчката револуција, востанието во Негуш и јужните делови на Македонија во 1822 година избило како дел од поширокиот ослободителен бран на Балканот во тој период. Македонското и локалното христијанско население дало херојски отпор против османлиските гарнизони, што резултирало со сурови репресалии, но и со продлабочување на ослободителната традиција во Јужна Македонија.

Разловечкото востание претставува пресвртница во историјата на македонските ослободителни борби бидејќи тоа е првото самостојно организирано македонско востание во Источна Македонија (Малешевијата). Предводено од Поп Стојан (Разловски) и Димитар Поп-Георгиев Беровски, востанието избило во селото Разловци во мај 1876 година. Иако било релативно брзо локализирано и задушено поради странските замешателства, го покажало зреењето на македонската револуционерна мисла – отпорот веќе не бил само реакција на локален зулум туку организиран чин за национално ослободување.
По завршувањето на Руско-турската војна (1877–1878) и Берлинскиот конгрес, со кој Македонија му била вратена на Османлиското Царство, избило Кресненското (Македонско) востание во Пиринска Македонија непосредно по конгресот. Ова востание било од извонредно значење бидејќи имало изразена политичка програма – зачуваните „Правила на Македонскиот востанички комитет“ јасно ја дефинирале целта за ослободување на Македонија и конституирање на нејзиниот автономен статус.
Паралелно со превирањата по Берлинскиот конгрес, избило и Кумановското востание од 1878 година. Тоа претставувало локален оружен бунт во кумановско-кривопаланечкиот крај непосредно по завршувањето на Руско-турската војна (1877–1878), во кој локалните чети се обиделе да ја искористат слабоста на Османлиското Царство за ослободување на овој регион.
Набрзо по Кресненското и Кумановското востание, во Централна и Западна Македонија избила Брсјачката буна (1880–1881). Ова бил оружен отпор во регионот на Дебарца, Кичевско, Порече и Прилепско, директно насочен против качачките банди и османлискиот притисок. Буната траела повеќе од една година и го одржала револуционерниот дух во срцето на Македонија.
До крајот на XIX век станало јасно: поединечните чети и локалните буни носат само страшни репресии. Историскиот момент барал преминување од спонтани акти кон системска, подземна и масовна организација.

Создавањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година во Солун ги поставило темелите на паралелна револуционерна држава со тајни судови, пошта, селска милиција и инспекциски чети. Сепак, овој период бил одбележан и од влијанието и акциите на Македонскиот комитет (Врховниот комитет) од Софија.
Мелничкото востание од 1895 година претставувало оружена акција во организација на Комитетот од Софија (подоцна Врховен комитет) во регионот на Мелник. Во оваа акција учествувале револуционери како Борис Сарафов и неколку ајдутски војводи. Иако имала краткотраен ефект и била организирана одблизу со бугарските политички фактори, таа го привлекла вниманието на европската дипломатија врз Македонското прашање.
Горноџумајското востание од есента 1902 година било прерана и испровоцирана подготвителна акција во пиринскиот крај организирана од Врховниот комитет. Оваа акција била спроведена наспроти волјата на раководството на Македонската револуционерна организација, особено од Гоце Делчев и Јане Сандански, кои сметале дека народот сè уште не е ниту доволно вооружен ниту подготвен за востание. Востанието предизвикало страшни репресии во Пиринско, што дополнително ја забрзало одлуката за кревање општо востание следната година.
Доколку внимателно ги погледнеме историските извори, јасно се гледа дека овие две востанија, кои биле организирани под влијание на тогашната Бугарија, имале влијание за предвременото кревање на Илинденското востание во 1903 година…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)