ЏУДО – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ВО ТИРАНА
- Сакам да упатам искрена честитка и благодарност до целиот стручен штаб за посветеноста, професионалната работа и несебичната поддршка на натпреварувачите. Овој успех е резултат на заедничкиот труд на спортистите, тренерите и на сите што се дел од репрезентацијата, ни изјави селекторот на сениорската репрезентација, Горан Мицкоски
Младата македонска џудистка, членка на ЏК Миоки, постигна огромен успех на Балканското првенство (БП) за сениори, кое за време на викендов се одржа во Тирана, Албанија, закитувајќи се со златен медал во категоријата до 63 кг. Успехот е уште поголем ако се имаат предвид нејзините години (18). Талентираната Богдановска стигна до посакуваното злато, титулата балканска шампионка и интонирањето на македонската химна, откако во првата борба ја победи со ипон Ндоци Десара од Албанија, во втората борба славеше со 1-0 над Анѓела Самарџиќ од БиХ, додека во финалето ја совлада со ипон Касандра Ковачи од Албанија.
– Најпрво искрено да ѝ честитам на Ива за освоениот златен медал. Овој успех е резултат на посветеност, дисциплина и континуирана работа, а наедно претставува голем успех за македонското џудо. Генерално сум задоволен од настапот на нашата репрезентација на Балканското првенство. Сите натпреварувачи покажаа голема борбеност, карактер и желба за успех. Покрај златниот медал, многу блиску до медал беа и Анамарија Стојмиловска и Азра Заими, кои го освоија петтото место, откако загубија во борбите за бронзениот медал. Исто така, нашата репрезентација во мешана екипна конкуренција го освои петтото место, по поразот во борбата за бронзата, што дополнително покажува дека бевме конкурентни во повеќе категории. Секако, секогаш може и подобро, но спортот е непредвидлив и ваквите натпревари се големо искуство за сите. Атмосферата во репрезентацијата беше одлична, џудистите се поддржуваа меѓусебно и настапија како вистински тим. Овој резултат ни дава дополнителен мотив и потврдува дека сме на добар пат, но истовремено и дека со уште повеќе работа можеме да дојдеме до уште поголеми успеси во иднина – ни изјави селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски.
На Балканијадата присуствуваа и претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, генералниот секретар на ЏФМ Благоја Гешоски, македонскиот судијата од А-категорија Сашо Димовски, кој ја делеше и правдата во Тирана, и тренерот на ЏК Миоки, каде што членува Богдановска, Игор Паскоски, што секако претставуваше дополнителен стимул за македонските џудисти.
– Сакам да упатам искрена честитка и благодарност до целиот стручен штаб за посветеноста, професионалната работа и несебичната поддршка на натпреварувачите. Овој успех е резултат на заедничкиот труд на спортистите, тренерите и на сите што се дел од репрезентацијата – дополни Мицкоски.
Боите на Македонија во Тирана, покрај Богдановска, ги бранеа уште и Анамарија Стојмиловска (до 52 кг), Азра Заими (до 57 кг), Сергеј Димитриоски (до 60 кг), Никола Петров (до 81 кг), Владимир Милчиноски (до 90 кг) и Никола Павловски (до 100 кг).
Со извонредниот настап и прикажаната борбеност, македонското џудо уште еднаш ги потврди својот врвен квалитет, професионален пристап и посветеност, достојно претставувајќи ја Македонија на балканската спортска сцена. Ова, секако, претставува и добра увертира за македонското џудо пред она што го очекува со домаќинството на Европскиот јуниорски куп (8-9 август) и тренинг-камп (10-12 август) во Скопје, како и Европскиот сениорски куп (19-20 септември) во Скопје, сите годинава. Г.И.
































