Занимливости
Сите инсекти, како и сите живи суштества на планетата Земја, имаат своја посебност, своја убавина и свое значење. Светулките се семејство на инсекти од родот тврдокрилци. Во светот постојат повеќе од 2.000 вида. Тие се бубачки со меко тело и вообичаено се нарекуваат светулки поради видлива употреба на биолуминисценција за време на самрак, со што привлекуваат друга светулка за парење или плен. Светулките создаваат „ладна светлина“,
без инфрацрвени или ултравиолетови честоти. Оваа хемиски произведена светлина од долниот дел на стомакот може да биде жолта, зелена или бледоцрвена. Нивната светлина настанува преку хемиска реакција меѓу соединението луциферин, ензимот луцифераза и кислородот.
Светулките ги има во умерена и тропска клима. Многу од нив се наоѓаат во мочуриштата или во влажни шумски области каде што нивните ларви имаат изобилство извори на храна. Некои видови се нарекуваат „светлечки црви“ во Евроазија и на други места. Сите познати видови светулки светат, но само некои возрасни произведуваат светлина, а местоположбата на органот што свети варира меѓу видовите и меѓу половите од ист вид.
За жал, нивниот број се намалува поради светлосното загадување, уништувањето на природните живеалишта и употребата на инсектициди. Ако сакаме и идните генерации да ја доживеат магијата на летните ноќи исполнети со трепкањето на светулките, можеме да помогнеме со едноставни чекори како користење топлобели светла само кога е потребно, помала употреба на инсектициди и др. хемиски препарати во почвата, оставање на делови од дворот со лисја и влажна почва за развој на ларвите.
Светулките причинуваат особена радост за децата во топлите летни ноќи, а претставуваат инспирација за многу уметнички дела, како на пример песната „Светнете светулки“ и книгата „Светулки над треви“ на македонскиот поет за деца Васил Куноски, песните „Светулка“ на Бошко Смаќоски и „Умре последната светулка“ на Видое Подгорец, па песната „Јато светулки“ на Ристо Маџунков, како и циклусот песни „Циклус на светулките“ на Матеја Матевски, па сѐ до младата поетеса Христина Аслимоска која е авторка на песната „Светулка“. Денес ви претставуваме две песни инспирирани од светулките на македонскиот поет за деца Рајко Јовчевски. А вие, сте виделе ли светулка? Ако одговорот е позитивен, напишете расказ или песничка или, пак, нацртајте цртеж и испратете ни ги на [email protected]
Извор: Википедија на македонски
Четири светулки
Четири малечки светулки
на мојава дланка:
ги раширија крилцата лесни
и со запалени фенерчиња
одлетаа…
Меѓу задоцнетите
жетвари в поле
како златни цветови процветаа!
Златното фенерче
на летото
Како златно фенерче од детството,
како паричка стара –
така на ридот потсветнува
светулка нежна, мала.
Во ноќта како некој златар
ридот го позлатува,
а во мугрите, на спиење –
кон житата се упатува.
Светулке, златно фенерче
на летото,
велат дека среќа носиш.
Штом е така, свиткај ѝ се
на ќерка ми
во нејзините расплетени коси!
Рајко Јовчевски
































