Фото: М.А.

На 69. „Фестивал на фестивалите“ во Требиње, Босна и Херцеговина

Талентот, енергијата и љубовта кон театарот повторно покажаа дека немаат граници. На смотрата на најдобрите аматерски театри од регионот, престижниот „Фестивал на фестивалите“ во Требиње, Босна и Херцеговина, младата театарска екипа „Преспав“ од Домот на културата „25 Мај“ – Валандово, достојно ја претстави Македонија и остави силен впечаток кај публиката, но и кај стручното жири.
Со претставата „Преспав“, инспирирана од истоимената популарна македонска телевизиска серија, тие ги освоија симпатиите на публиката, но и признанијата од жирито. Особена чест за Валандово е што младите актерски таленти Златко Божинов, Загорка Ичева и Теа Крстевска беа прогласени за најдобри актери на вечерта, што претставува големо признание за нивната актерска игра и посветеност. Театарската група од Валандово работеше под менторство на актерот Милорад Ангелов.
– Ова престижно театарско случување ги обединува најдобрите аматерски театарски остварувања од поширокиот регион и претставува вистински простор за размена на искуства, идеи и љубов кон театарската уметност. Уште еднаш се уверив дека линијата меѓу аматерскиот и професионалниот театар навистина е многу тенка. Посветеноста, талентот, дисциплината и љубовта кон сцената што ги видов кај учесниците се доказ дека квалитетот не зависи само од статусот туку пред сè од луѓето што го создаваат театарот – рече Ангелов.

Претставата е во режија на Дарио Божинов, а играат Христијан Занов, Сара Матаничкова, Златко Божинов, Сашка Занова, Теа Крстевска, Стефанија Петрова, Жики Невеселов, Загорка Ичева, Михаил Занов, Катерина Трајкова, Александар Зајков, Глигор Ичев и Костадин Божинов.
Настапот на фестивалот е големо признание за секоја театарска група, а младите валандовски актери покажаа дека со труд, посветеност и талент можат рамноправно да застанат на големата регионална сцена.
Но најемотивниот момент се случи по претставата. Од сцената во Требиње одекна македонска песна, се заигра традиционално македонско оро, а гордо се развиори македонското знаме. Со тој гест младите актери испратија силна порака дека каде и да настапуваат, Македонија и Валандово секогаш ги носат во своето срце.
Нивниот настап беше награден со долготраен аплауз, а позитивните реакции од публиката и учесниците потврдија дека тие се вистински амбасадори на македонската култура, традиција и младинскиот творечки дух.
По враќањето во Македонија, учениците имаа свечен прием кај градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.

Овој успех е доказ дека младите од Валандово поседуваат знаење, креативност и огромен потенцијал. Со секое ново појавување на сцената тие испишуваат нови страници на успех и се инспирација за своите врсници. Валандово има со што да се гордее, а младата екипа „Преспав“ уште еднаш покажа дека кога талентот се спојува со љубовта кон театарот, резултатот е успех што се памети.
Шеесет и деветтото издание на смотрата на најдобрите аматерски театри од регионот „Фестивалот на фестивалите“ во Требиње годинава се случи од 21 до 27 јули во Културниот центар Требиње, а настапија театарски групи од БиХ, Македонија, Србија, Црна Гора и од Словенија.

Ф.Д.