Повод: Написот во српскиот медиум „Вечерње новости“
со наслов „Северна Македонија ѝ се придружува на Украина во војната против Русија!“
Во време кога информациите се шират за неколку секунди, новинарската одговорност не завршува само со објавувањето на фактите. Таа продолжува
со нивното правилно толкување. А насловот е првата информација што ја гледа читателот. Ако тој ја менува суштината на настанот, тогаш јавноста не добива
информација, туку впечаток. Во случајот со српски „Новости“, Македонија и „Коалицијата на подготвените“, медиумот ја преминува линијата на
професионалноста. Да, фактите потврдуваат приклучување кон меѓународна иницијатива за координација на поддршката за Украина. Но фактите не
потврдуваат дека Македонија станува директна страна во војната меѓу Русија и Украина. Во новинарството таа разлика не е нијанса. Таа е разликата меѓу
прецизно информирање и сензационализам. Еден наслов како овој може да предизвика страв. Меѓутоа, една анализа што следува во продолжение може да го врати контекстот.
Како медиумската констатација дека нашата држава влегува „во војна против Русија“ стана регионална медиумска бомба и што навистина покажуваат официјалните информации
Во ерата на дигиталните медиуми една реченица во наслов може да има многу поголемо влијание од целиот текст. Голем број читатели денес не читаат повеќе од насловот, па токму таму се води битката за вниманието. Но кога насловот не ја одразува содржината, туку создава поинаков впечаток од фактите, се отвора сериозно прашање за професионалните стандарди во новинарството.
Токму тоа се случи по состанокот на „Коалицијата на подготвените“ во Париз, кога некои од регионалните медиуми објавија драматични наслови дека македонската држава „… ѝ се приклучува на Украина во војната против Русија“.
На прв поглед, ваквата формулација остава впечаток дека официјално Скопје донело одлука да стане директен учесник во оружениот конфликт.
Но детална анализа на официјалните информации и на известувањето на најрелевантните странски медиуми покажува дека таков заклучок – не може да се извлече.
Две различни приказни за ист настан
Најпрво веста што предизвика шок во регионот е лиферувана во српскиот медиум „Вечерње новости“ со наслов „Северна Македонија ѝ се придружува на Украина во војната против Русија!“, што е далеку од точна информација. Но не може а да не се спомене дека во текстот на српскиот весник „Вечерње новости“ се наведуваат и неколку фактички точни информации, и тоа дека:
- Македонија се приклучува кон „Коалицијата на подготвените“;
- македонски владин претставник учествува на состанок во Париз;
- коалицијата обезбедува различни форми на поддршка за Украина.
Сето тоа во голема мера се совпаѓа со она што го објавуваат и другите меѓународни медиуми и е во согласност со принципите и стандардите на новинарството.
Но, проблемот почнува во моментот кога над сите овие информации и над текстот се поставува насловот „С. Македонија ѝ се приклучува на Украина во војната против Русија“. Таков заклучок не произлегува ниту од текстот ниту од официјалните информации. Токму тука започнува медиумското врамување, т.н. framing, техника со која исти факти може да создадат сосема различна перцепција.
За споредба, како известува „Евроњуз“?
„Евроњуз“ (Euronews) истиот настан го третира како дипломатски и безбедносен самит. Во нивното известување централни теми се координацијата меѓу европските држави, продолжувањето на поддршката за Украина, разговорите за идните безбедносни гаранции, како и многу важниот аспект на започнатите „подготовки за можен мировен процес“.
Македонија не е издвоена како држава што влегува во војна. Напротив, таа се споменува исклучиво како една од државите што се приклучуваат кон пошироката иницијатива за мировен процес.
„Киев пост“: Проширување на коалицијата, а не на конфликтот
Украинскиот медиум „Киев пост“ (Kyiv Post) повикувајќи се на информации од Елисејската палата, известува дека коалицијата се проширува на 37 држави. Во таа група се наведуваат и Македонија и Молдавија.
Но, целата информација за споменатиот настан е сместена во дипломатски контекст. Станува збор за проширување на кругот држави што ќе ја координираат поддршката за Украина, а не за проширување на бројот на држави што ќе учествуваат во борбените операции. „Киев пост“ ја издвојува оваа суштинска разлика.
„Гардијан“: Фокус на европската безбедност
Британски „Гардијан“ (The Guardian) воопшто не го поставува прашањето дали некоја нова држава „влегува во војната“. Одредени аспекти во текстот на „Гардијан“ е ставени на санкциите против Русија, на воздушната одбрана на Украина, потоа и на долгорочната европска безбедност, како и, најважно, на „можните мировни гаранции и координацијата меѓу сојузниците“ за тоа. Известувањето во медиумот за овој настан е политичко и дипломатско, а не сензационалистичко.
И медиуми што изворно ги пренесуваат ставовите на Кремљ не зборуваат за „влегување во војна“
Интересно е што и медиумите што ги пренесуваат ставовите на Кремљ не употребуваат формулација дека „Македонија станува директен учесник во војната“.
Во нивните текстови се пренесува критиката дека „Коалицијата на подготвените“ ја продолжува поддршката за Украина.
Но ниту таму не се наведува дека Македонија започнува борбени операции против Русија. Тоа покажува дека сензационалистичката интерпретација главно останува производ на дел од регионалниот медиумски простор.
Медиумско спинување
Според наши соговорници, експерти за медиумска писменост, во анализираниот случај може да се препознаат неколку класични техники на сензационализам.
– Прво, се препознава т.н. замена на поимите. Имено „приклучување кон коалиција“ се претставува како „приклучување кон војна“, што е апсолутно различно. Второ на кое би обрнале внимание е т.н. емоционално врамување. Во насловот се користат зборови што предизвикуваат страв и драматичност. Трето, забележливо е изоставање на контекстот. Всушност, не се објаснува што е „Коалицијата на подготвените“, па читателот лесно може да заклучи дека станува збор за борбена коалиција. Четврто, карактеристична е таканаречената техника на „создавање силна асоцијативност“. Имено, поврзувањето на речениците „по влезот во НАТО“ и „ѝ се приклучува на Украина во војната“ создава впечаток дека следниот чекор е директно воено учество, иако такво нешто не е наведено во официјалните информации – велат нашите соговорници.
Во современото новинарство разликата меѓу една точна информација и една дезинформација често не се крие во фактите, туку во начинот на кој тие се претставени.
– Во конкретниот случај, приклучувањето на нашата држава кон „Коалицијата на подготвените“ е реален дипломатско-безбедносен потег. Но, неговото претставување како „приклучување на Украина во војната против Русија“ не произлегува од официјалните одлуки, ниту е потврдено од релевантните странски медиуми. Со само еден малку попедантен компаративен приод и обичен читател ќе забележи дека кредибилните меѓународни извори зборуваат за „проширување на меѓународната коалиција за поддршка на Украина“ и тоа дури експлицитно во некои медиуми се споменува „приклучување кон пошироката иницијатива за мировен процес“.
Од друга страна, некои од регионалните медиуми, како српски „Новости“, преку сензационалистички наслови создаваат впечаток за „директно влегување на Македонија во војната“. Тоа се две суштински различни работи – велат нашите соговорници, комуниколози и експерти за медиумска писменост. Р.Б.
Што реално би значел чекорот „влегување во војна“?
Политичките аналитичари со кои се консултиравме се децидни дека фактите не потврдуваат дека Македонија станува воена страна во конфликтот меѓу Русија и Украина. Тие потврдуваат само дека државата се приклучува кон меѓународна иницијатива за координација на поддршката за Украина – нешто што, само по себе, не претставува влегување во војна.
– Овде станува збор за доброволно влегување во политичко-безбедносна коалиција на држави каде што се координираат различни форми на поддршка за Украина. Таа поддршка може да биде дипломатска, финансиска, логистичка, воено-техничка, обука на украински сили, планирање идни мировни мисии, начини да биде постигнат прекин на огнот. Ова е суштински различно од директно учество во оружен конфликт – велат политичките аналитичари со кои се консултиравме.
Понатаму, од соговорници правници ни беше елаборирано дека „во меѓународното право постои суштинска разлика меѓу политичка и безбедносна поддршка, воена помош, како и директно учество во оружен конфликт“.
– Овие категории не се идентични. Држава може да обезбедува различни форми на поддршка за друга држава без да стане страна во војната. Токму затоа и во официјалните документи и во меѓународното право се прави јасна разлика меѓу „поддршка“ и „директно учество во оружен конфликт“.
Во меѓународното право и во политичката практика влегување во војна подразбира многу поконкретни чекори, како што е на пример донесување соодветни државни одлуки или, пак, статус на страна во оружен конфликт, како и директно учество на сопствени вооружени сили во борбени дејства, со преземање активни воени операции против друга држава- констатираат нашите соговорници правници.
За издвојување е дека ниту една официјална институција не соопштила дека Македонија ќе испраќа свои борбени единици во Украина. Исто така, ниту една држава членка на „Коалицијата на подготвените“ не објавила дека Македонија станува директен учесник во војната. Р.Б.
































