Фото: МИА / Илустрација

Австрија повторно е погодена од силен топлотен бран, а здравствените власти предупредуваат на сериозните последици што високите температури ги имаат врз јавното здравје. Австриската агенција за здравје и безбедност на храната (АГЕС) за првпат во текот на летната сезона објави проценка за вишокот смртност поврзана со екстремните горештини.

Според анализата на АГЕС, во јуни годинава околу 395 лица починале како последица на високите температури, што претставува најголем број регистрирани смртни случаи за овој месец од почетокот на анализите во 2017 година.

Претходниот рекорд беше забележан во 2019 година со 335 смртни случаи, додека во јуни минатата година биле евидентирани 170, а во 2024 година – 201 случај поврзан со топлотните бранови.

Бидејќи екстремната жештина ретко се наведува како официјална причина за смрт, експертите користат методологија за пресметување на вишокот смртност. Таа се заснова на споредба на бројот на починати во периодите со екстремни температури со просечните вредности за истиот период, при што разликата се смета за индикатор на смртност поврзана со горештините.

Високите температури најчесто ги влошуваат постојните хронични заболувања, особено кардиоваскуларните и белодробните болести, што ги прави постарите лица и хронично болните најранливи категории.

За целиот летен период во 2025 година (јуни–септември) биле проценети 449 смртни случаи поврзани со горештините, додека во екстремно топлото лето во 2024 година таа бројка достигнала 989 – највисока од почетокот на следењето.

Досега АГЕС овие податоци ги објавуваше дури наесен, поради сложените статистички анализи што ги вклучуваат и одложените последици од топлотните бранови. Сепак, годинашните екстремно високи температури доведоа до порано објавување на проценките, а Министерството за здравство истакна дека рекордниот број смртни случаи е директно поврзан со необично жешкиот јуни.