Арогантна власт како една голема шега, на која никој веќе не се смее

Смачено ми е од арогантни политичари. Луѓе што ја знаат цената на сѐ и вредноста на ништо. Посакувам како многумина во државава да замолчат оние арогантни дрски политичари, кои прават повеќе штета отколку корист кога отвораат уста. Очигледно дека нашиве политичари имаат пропуштено една од божиќните пораки на папата Франциск до неговите високи свештеници, каде што тој ги повика да го отфрлат горделивиот оклоп и да ја прифатат понизноста. „Нашето време се чини дека ја заборави понизноста или ја префрливме на форма на морализам, празнејќи ја од нејзината експлозивна моќ. Скромните даваат живот, привлекуваат други и туркаат напред кон непознатото што претстои. Гордите, од друга страна, едноставно повторуваат, стануваат крути и се затвораат во тоа повторување, чувствувајќи се сигурно за она што го знаат и стравувајќи од што било ново, бидејќи не можат да го контролираат“.

Тој ги нарече гордоста и ароганцијата „најскапоцените ѓаволски напивки“. Нашата власт е опиена од таквите напивки. Упорно продолжува да не ја перципира сопствената моронска ароганција, која народот не ја прифаќа и која стана една од многуте блокади на државата. Јадно и патетично е како сегашниве политички лидери се доживуваат како неменливи, мислејќи дека ароганцијата ќе ги направи да изгледаат моќно и успешно, заборавајќи дека истата таа ароганција ќе ја распарчи земјата ако не се преземе соодветна акција во вистинско време.
Пол Велстон тврди дека политиката што не е чувствителна на грижите и на животот на луѓето, политиката што не зборува и не вклучува луѓе, интелектуално е празна и арогантна и заслужува да пропадне. Ароганцијата на супериорно неспособни политичари на власта е токсична за државата и мора да падне. Не случајно велат дека ароганцијата во политиката е предвесник на падот на една власт. Колку побрзо падне, толку подобро за државата.
Моронската ароганција, во комбинација со фактори како што се застарен популистички наратив, финансиски скандали, корупција, самобогатење на елитата и избор на неетички кандидати за политички позиции, со години ја намалува популарноста на владејачката партија кај нас, а таа јадната е неспособна да го согледа тоа. Нашата арогантна власт е една голема шега, на која никој веќе не се смее.

Затоа, кога политичките лидери продолжуваат да не се приспособуваат на промените, кои вклучуваат чувствителност на потребите и идеите на другите луѓе, тогаш нужно е нивно отстранување од власта. Како што сѐ поизгледно ќе се случи во скоро време со оваа власт. Арогантни политичари и арогантна власт не може да разберат дека да се биде лојален и да се оди во кревет со празен стомак или да се биде на крајот од лошата испорака на услуги се две сосема различни работи. Зарем може да барате од ваква арогантна власт да разбере дека доброто владеење не се мери со реторика, туку со испорака. Колку треба да си моронски арогантен да не сакаш да признаеш дека неуспехот да се искорени корупцијата, фаворизирањето на партиските кадри, непотизмот и лошата испорака на услуги, отелотворени во државата, и понатаму се во коренот на нерасположението на граѓаните. Доста трпевме власт што генерира такво однесување.

Ароганцијата и глупоста се две страни на иста монета и таа монета го има амблемот на политичките партии на власта на аверсот и ликот на основоположникот на таквата политика на задната страна. На работ на оваа монета врежано е многу лицемерство. За жал, ароганцијата зад она што ветуваше власта ја карактеризира нејзината политичка глупост, која нѐ турна во монументалните проблеми што ги создаде за државата и граѓаните. Бидејќи ароганцијата на оваа власт е близнак на глупоста, истата таа ја заслепи да ги види реалноста и нејзиниот неминовен политички пад. Таа е толку заљубена во себе, што го изгуби контактот со народот и причините поради кои е избрана. И, можеби затоа продолжува да ги игра своите инфантилни игри на моќ, во целосна изолација од народот и довчерашните поддржувачи. Јадно е што сѐ уште се надева дека остана некој во државава што верува дека народот ќе гласа за оној што ја користи својата моќ за да ја задоволи својата гордост и его? И својот стомак, секако.
Зарем има некој што уште им верува на оние со политички мускули дека другите што не се согласуваат со власта се на погрешната страна од политиката, дека се со испрани мозоци, глупави и неспособни за разумно перципирање на реалноста? Како да бараш да се приклониш на политиката што не успева да постави баланс на корисната карактеристика на самодовербата и токсичниот квалитет на ароганцијата? Политика што не слуша и не гледа што говори и мисли народот и која упорно продолжува со моронската ароганција, нема зашто да се чуди кога ќе биде понижена и испратена во политичко „прогонство“ по изборите. Кога не се пазиш од „ароганцијата на моќта“, казната од народот е неминовен продукт на таквото однесување.
Моронската ароганција во комбинација со неспособноста и глупоста е погубната формула на власта за нејзиното политичко самоубиство и абдицирање на изборите во 2024 година. Секако, на задоволство на мнозинството народ во Македонија.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски