Сите среќни колумни наликуваат една на друга според формата, сите несреќни колумни се разликуваат во својата суштина. Особено ако Толстој наеднаш упадне меѓу редови за да види дали оној лудак Хармс повторно се преправил во Чехов и зел пушка в раце, обидувајќи се да докаже дека таа пушка што се појавува на почеток од колумна, мора да пукне на крајот од логиката или на работ од разумот.
Ете, руската пропаганда е подметната во пијачката од зборови што ви ја точам сабајлечки, и тоа уште со првите редови, така што крипторублите лесно ги заработив. За метадоларите ќе мора троа да се испотам. Е па, ајде да започнам!
Да ја затвориме трилогијата, оти мене Холивуд ми е креативен компас додека патувам и берам цивилизациски плодови низ западната рајска градина, а Холивуд прво нуди трејлер пред да пукне филмот.
Тој доаѓа…. уф, звучи моќно, особено ако си замислите како гласот на Дон Лафонтејн го изговара. Тој доаѓа… кога сонцето заоѓа… преку прагот на твојата напнатост… тој доаѓа… и ќе поседи малку, оти интересот брзо му проаѓа… Не, звучи глупо ко за светски ден на лоша поезија. А зошто па мора тој да доаѓа? Холивуд е ова, шириме нова културна револуција, во секоја сцена (или реченица) мора да има жена, геј и Афроамериканец (ете ги има во реченицата и тој услов го исполнив), па затоа подобро ќе звучи…
Таа доаѓа… кога сонцето што заоѓа одново изгрева… таа доаѓа од Запад каде што секогаш нешто се случува… мистериозната дама… мадам фем фатал… СТОП! Извинете! Се молат француските продуценти да престанат да ми подметнуваат насоки што секогаш водат кон наслови како „Емануела“ или „Аналена“, полни со замисли за еротичност и француски бакнежи, значи мавнете ми се од пасус и марш во Париз на демонстрации, оти ова е германска продукција… океј?
Таа доаѓа… со небото над Берлин во очите… со Нибелунзите како противотров за небулозите… како лек за страданијата на младиот нордистанец… таа доаѓа во Нордистан за да каже… Ако не сакате младите да си одат во Европа, треба да ја донесете Европа тука.
Така беше репликата? Не… Ако не сака брегот кај младите, тогаш младите ќе појдат на брегот… не… со ваква нордистанска младина, Европа не треба да стравува за својата иднина… не, тоа е реплика на машинобраварот што глуми диктатор, па измислува нации… ај од почеток… Таа доаѓа… фројлан Валкира со срце големо како волшебниот рид и вечно млада душа што нема потреба да го внесува Мефистофел во уставот… таа доаѓа за да ни каже… нема да ве оставиме на цедило!
What the fuck??? Какво сега цедило? Каков е овој шовинистички упад среде холивудска прогресивна мелодрама? Демек, ако е жена во главна улога веднаш мора да има некакво цедење, цедалка, а тоа асоцира на кујна, престилка и наеднаш филмот станува твенти фор кичен. Ужас! Нема да ве оставиме на цедило… затоа што добро ви го процедивме идентитетот низ грчка цедалка, ако се сеќавате на преспанскиот рецепт од минатата сезона, а сега… одиме понатаму… па она што остана од тој идентитет мора добро да се пропржи на зовриено бугарско масло додека смесата не ги загуби својата форма и суштина и во тоа ги ставаме ситно, до непрепознавање, исечканите јазик, народ, историја, за на крајот само уште да додадеме европски зачини сосе американска запршка и специјалитетот смислен уште од империјалните кујни во 1913 година, спремен е да се послужи за да го сркаат нордистанските гурмани. Додека голтате без џвакање, добро е да се напиете чаша квалитетна нафта. За десерт изберете Путин палачинки со чоколаден Си Џинпинг прелив и…
Како, како, како? Уф, каков грозоморен гастрономски упад на руска и кинеска кулинарска пропаганда. Им требаа само неколку секунди на гадовите. Си станал да ѕирнеш дали оној Хармс се преправил во Гогољ со намера да те влече за нос, кога ваму, во прогресивниот рецепт веќе ти подметнале касписки кавијар и пекиншка медиумска патка и ти сега, наместо да голташ евроамерикански вредности, ќе треба да џвакаш евроазиски бучкуруш, оти расипани битанги од готвачи како Путин и Си Џипинг намерно спојуваат сириска и саудиска кујна, па уште пикаат внатре африкански зачини и јужноамерикански сосови што ги украдоа од доброчудните европски колонизатори на светските трпези. Единствен начин да се спасиш од овие узурпатори на менија е да смениш жанр.
Акциска комедија. Тоа секогаш пали кај публиката. Вака оди сценариото. Нордистан е мала блескава земја, убава како слика врамена во Охрид, измислена како бајка од Преспа, ама се наоѓа во гадна неволја, оти е окупирана и опустошена од минати режими, небањати Македонци и руски пропаганди. Кои се тие? Минатите режими гледаа во минатото наместо во иднината и затоа сегашноста на таа иднина е киднапирана од изопачени граматички форми како минато идно време. Небањатите Македонци одбиваат да бидат нордистанци со бугарски корени, оти се измислени од еден Хрват во Москва. Руската пропаганда, пак, се шири преку приватна компанија, оркестарот Стравински, специјализиран за втерување руски страв во нордистански коски. Две жени, две хероини ќе се грабнат со овие злотвори. Ангела ќе се бори против расипаните корумпирани минати режими, Аналена нема да ги остави на цедило нордистанците во нивната борба со измислените Македонци, а со руските сволочи ќе се тепа… уф, фали трета хероина. Патем, и Ангела и Аналена се бели жени, недостига Афроамериканка за да ги исполнам холивудските догми, па затоа, може да се појави Џада Смит како Џи Ај Џејн… не, за такво нешто доаѓа црниот човек од луѓето во црно и се јадат шлаканици… добро, третата хероина може да биде Морган Фриман, оти секој маж има право… не, батали… а да се префрлам јас на порно? Политички порнотрилер. Инспириран од вистински настани. Вака почнува приказната. Доналд се вози во својот автомобил и замислува порносцени со Џон и Мерлин, со Бил и Моника и не забележува дека неговиот стар автомобил пенетрира во бурата Даниелс…
Уф, не знам. Ме плаши публиката. Филмската критика тврди дека нордистанската публика е најнесреќна на планетата. Не знам кај е проблемот. Можеби им е падната концентрацијата, можеби во Холивуд е намалена креативната потенција, ова треба да се истражи, ама ќе им препуштам на фактчекерите, оти морам да бегам од колумнава, ене го Чехов со пушката, се дере како ненормален… ако Чехов се појавува на почетокот, Холивуд пука од мака на крајот.