Ајде да дебатираме на темата европска интеграција…, но здраворазумски

Дали Македонија треба да ги поддржи напорите за реформа на процесот за проширување на Европската Унија? За жал, во Македонија темата европска интеграција се одвива во два паралелни света. Од едната страна е власта и нејзината пропаганда, која е приказ за политичка шизофренија од учебник. Во текот на денот целата јавност е изложена на неколку третмани. Најчесто почнува со нудење влез низ рајските порти, протекуваат мед и млеко, платите се удвојуваат „во рок од пет години по влезот во ЕУ“, иселените се враќаат, слепите прогледуваат, болните оздравуваат (или, барем, се лекуваат во клиниката „Шварцвалд“, во центарот „Луј Пастер“ или на медицинскиот центар „Шарите“ во Берлин), малите и средни претпријатија ќе ги засенат конкурентите од северниот дел на Италија и други политичко-фантастични приказни, со одамна изминат рок, чии репризи веќе неколкупати сме ги гледале. Потоа доаѓа вториот дел од терапијата каде што се активираат сценаријата за црниот судбоносен ден кога доаѓа до Армагедон затоа што опозицијата не ги гласа уставните измени, па Македонија финансиски пропаѓа „за три месеци“, „Албанците се отцепуваат затоа што Албанија започнала со преговори“, фирмите банкротираат, граѓаните гладуваат, сите се отселуваат и куп други апокалипси злокобно ја навестуваат пропаста на Македонија. Третиот дел, пак, од медиумската диета е некако насочен и индивидуализиран, па низ Македонија се пронаоѓаат заговореници, се разоткрива руско/кинеско/ромуланско влијание, се „деконструираат“ корозивни и штетни „наративи“ и редовно се прозиваат злобниците и штетниците, кои се одговорни за лошите состојби (јас сум помеѓу основачите на овој „клуб на обележаните“). Сето ова обилно се засилува низ социјалните мрежи со впумпување илјадници евра, се умножува по интернет-портали, кои растат како печурки по дожд, се претставува како врвна вест по „агрегатори“ и потоа во вечерните термини се пласира и низ политичките дебати. Нормално, ефектот од целиот овој „труд“ е безначаен, поточно дури е и со негативно салдо затоа што нема ништо поочигледно од соголената пропаганда.

Единствено е точно дека постои некаква политичка „итност“ во Европа да ѝ се понуди „нешто големо“ на Украина, а тука секогаш има некој да потсети дека „мора да се присетиме и на земјите–кандидати од Западен Балкан“. Дотука нештата се јасни, но потоа постои целосна конфузија и какофонија. Европската Унија нема консензус за начинот на кој проширувањето ќе продолжи, а секоја, макар и минимална промена, бара едногласна поддршка од сите 17 земји-членки. Така што, 2030 година е само пуста желба, без никаква реална подлога, а и почетокот на преговорите не дава никаква гаранција дека процесот ќе има свој конечен, догледлив и јасен крај.
Со овој текст сакам да дадам свој придонес кон дебатата што деновиве ја отворија Бранко Геровски, еден од бардовите на македонското новинарство, и Малинка Ристевска Јорданова, вистински еврократ од македонска провениенција. Нив двајца пред неколку месеци ги примивме во ексклузивниот „клуб на обележаните“, па и тие станаа предмет на опишаната обработка од разно-разните „проверувачи на факти“, „деконструирачи на наративи“, „ловци на туѓи корозивни влијанија“ и слично.
Но да се вратам на темата… Геровски побара „искрените македонски еврофили“ да ги поддржат европските реформатори, „бранејќи ги така и стратегиските национални интереси на сопствената земја“, а Ристевска Јорданова порача „да се повлече рачна кочница“ и да се отвори здрав внатрешен разговор. Со сиот ризик дека веќе станува здодевен со моето упорно инсистирање на ладнокрвен приод кон европската интеграција и негово разголување до самата есенција, ќе се обидам да ги дополнам нивните заложби, со дефинирање на минимумот што Македонија (и другите земји-кандидати од Западен Балкан) треба да го добијат за да може воопшто да се зборува за какво било реално придвижување кон Брисел.

Единствениот европски пазар останува суштината на Европската Унија. Целосната интеграција во единствениот европски пазар е „светиот грал“ што го бараме сите овие години со нашето упорно инсистирање за влез во Унијата. Всушност, целиот преговарачки процес, целата збирка со европски процеси (acqui-то што би рекла мојата некогашна шефица Малинка Ристевска Јорданова, на „бриселски“ македонски) се донесува токму поради приспособување на домашното законодавство со функционирањето на единствениот европски пазар. Притоа, се слуша за „членство без право на глас“, за „столче без копче за гласање“ и секакви други интелектуални гимнастики. Сето тоа не е битно. Влезот на Македонија во единствениот европски пазар го исцрпува сето она што им е потребно на македонските граѓани, на македонските компании и на македонските институции за целосно да го живеат сонот на обединета Европа. Македонските граѓани, во моментот на влезот на земјата во единствениот европски пазар, ќе се изедначат со сите права и обврски со граѓаните на земјите-членки на Унијата. При секој конкурс, за кое било работно место, од Лисабон до Крајова, и од Рејкјавик до Никозија, секој македонски граѓанин ќе биде рамноправен со граѓаните на Европската Унија (вклучувајќи ги и граѓаните на Европскиот економски простор и Швајцарија). Македонските студенти ќе бидат домашни студенти низ Европската Унија, Европскиот економски простор и Швајцарија. Македонските компании, пак, ќе можат слободно да работат во целиот единствен европски пазар, да се јавуваат на сите јавни расписи, без никакви беспотребни административни оптоварувања. Тоа ќе значи и дека нашите институции ќе станат дел од европскиот политички и регулаторен систем, па ќе мора да се приспособат за да го овозможат непречениот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Европа кога зборува за владеење на правото милува тоа да го обвитка во обландата на човековите права, јас сум убеден и дека европските политичари и еврократите веруваат во тие вредности и начела, но во реалноста владеењето на правото е тука за да го овозможи функционирањето на единствениот европски пазар, најсурово кажано. Без „Темелот“ за кој зборува Ристевска Јорданова единствениот европски пазар е невозможен. Колку и да изгледа тоа извитоперено, еднаквоста на правните и на физичките лица е „услов без кој не се може“ за да функционира кој било слободен пазар, па затоа и се потребни судство и обвинителство што ќе ги следат словото и духот на збирката европски прописи. Јас навистина би претпочитал појдовна точка да бидат човековите слободи и права, но најпрактично и најпрагматично ќе се согласам и овие принципи да профункционираат како резултат од влезот во единствениот европски пазар.

Така што сметам дека би било упатно уште веднаш да седне една група македонски општественици и да ги формулира овие позиции, како своевиден македонски влог во европската дебата за реформа на процесот на проширување. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски, амбасадорот Зоран Јолевски и Бранко Геровски сметаат дека, покрај итниот влез во единствениот европски пазар, Македонија треба да побара и итен пристап кон структурните и кохезивните фондови на Европската Унија. Јас на тој список би додал и да побараме јасни одредници за влез во шенгенскиот простор, одредници за влез во еврозоната, како и да поднесеме барање за членство во ОЕЦД. Така го комплетираме целиот процес на европската интеграција. Меѓутоа, неопходниот минимум е влезот во единствениот европски пазар. Така неповратно се всидруваме во европскиот простор, а нашите граѓани, компании и институции стануваат рамноправни европски чинители.
Уште никој од нас не умее да си ја протолкува, да ја разјасни и да навлезе во „херојската“ изјава на актуелниот претседател, со која тој „гордо“ ја одби „понудата“ за македонски влез во единствениот европски пазар. Не може ни да заклучиме дали воопшто дошло до таква понуда, кој ја дал и кому му била понудена. Тоа веројатно беше инерцијален момент од „високиот лет“ на Зоран Заев кога се добиваа „нобелови награди на мир“ и се делеа лекции по светот за „лидерство“, „визионерство“ и „европски вредности“. Велат дека патот до пеколот е поплочен со добри намери, па така и македонскиот пат до пеколот беше поплочен со стремежот за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.
Македонија даде преголеми жртви на својот пат кон Европската Унија. Ниту една земја не беше принудена да тргува со својот идентитет и со своето достоинство при својата европска интеграција, никој не беше принуден да си го менува името, а ни да си го менува Уставот под диктат на соседите (уставите се менуваа исклучиво за да се овозможи функционирањето на единствениот европски пазар, поточно за да се изедначат правата и слободите на домашните граѓани и правни лица, со правата и слободите на граѓаните и правните лица од другите земји-членки на ЕУ, на единствениот европски простор и Швајцарија). Добро е кога мудрите глави најрационално ќе повикаат на дебата и на „ладење на вжештените глави“. Редно време е да ја преотвориме дебатата за македонската европска интеграција.

Ивица Боцевски